Иднина за младите - привилегии за пензионерите

Idnina za mladite - privilegii za penzionerite by Diversity Media on Mixcloud

Бесплатно бањско лекување, бесплатен јавен превоз и зголемени пензии се само дел од она што  го доби оваа категорија македонски граѓани последниве неколку години. Владата преку различни проекти работи на подобрувањето на животниот стандард на овие граѓани. Но кога станува збор за студентите – иднината на македонското општество, нивните бенефиции, се чини, остануваат празни ветувања. Зошто им успеа на првите, но не и на другите?

Анализа на Јована Ѓорѓиовска, Радио МОФ

Бесплатното болничко лекување е само еден од проектите за пензионерите кој владејачката партија го најави пред парламентарните избори и кое веќе е реализирано. Пензионерите се бројно гласачко тело и се чини дека тие се покажаа како успешни во намерата да добијат што повеќе бенефиции од државата.

Драги Аргировски, претседател на Сојузот кој ги обединува сите пензионери во земјава вели дека тие се многу значајна сила во општеството бидејќи, според него, е собран умот, искуството.

„Со Владата имаме многу добра соработка. Благодарејќи на нашите настојувања и аргументирани барања кога има јавни огласи, успеваме да им ги вратиме привилегиите на пензионерите“.  

Од друга страна пак, колку од студентските проблеми се решени? Ова сакавме да го прашаме Кирил Спироски, лидерот на најбројното студентско движење од Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ). Кусо ни изјави дека оваа недела има многу состаноци и оти нема можност за интервју.

Еве што тој вети во предизборната кампања.

„Главен приоритет е студентскиот стандард. Доколку станам претседател на Студентскиот парламент, јас и мојот тим ќе се потрудиме ова да стане врвен приоритет. Треба да се почне веднаш, неодложно, со активно реновирање на студентските домови и со подобрување на севкупниот квалитет на услугите во нив“.

Привилегии и обврски

Поминаа пет месеци од неговото стапување на претседателската функција, но состојбата во студентските домови е сè уште непроменета. Најновата вест од СПУКМ е воведувањето на бесплатен Интернет во читалните во студентскиот дом „Гоце Делчев”. Иако самата постапка е за поздравување и го олеснува образовниот процес, во студентските домови остануваат главните проблеми со парното греење, со по некоја бубачка во оброците и генерално, со лошите животни услови.

Еве како стојат пензионерите.  

„Првата привилегија е тоа што од први март се зголемуваат пензиите за пет проценти. Иако во земјите од нашето опкружување тие се намалуваат, ние направивме настојување ова зголемување да влезе во самата пензиска основа. Сепак, ова зголемување нема да биде еднакво кај сите. Тие што имаат помали пензии, ќе добијат поголемо зголемување. Тие што имаат поголеми пензии, помал износ“, изјави Драги Аргировски, претседателот на Сојузот на пензионери.

Единствената работа која се зголеми за студентите е партиципацијата за школување. Во септември во минатата година без никаква најава, тоа се случи на Филолошкиот факултет при УКИМ.  Со новиот начин на запишување предмети, студентите на овој факултет плаќаат партиципација двојно повисока од нивните колеги на другите факултети. Иако беа организирани протести на иницијатива на здружението „Слободен индекс“, тоа не ја промени ситуацијата.  Напротив, при запишувањето на летниот семестар оваа година, на студентите на сите факултети им беше најавено дека од следниот, зимскиот семестар за своето студирање ќе плаќаат како колегите на Филолошкиот факултет. Освен тоа, поседувањето оригинален учебник кој некогаш чини и повеќе од 1.500 денари е сè уште услов за полагање на испит кај одредени професори.

Втора бенефиција за која се избори Сојузот на пензионери е бесплатното болничко лекување за сите пензионери, како и владиниот проект за бесплатна бањско – климатска рекреација кој вклучува шест полни пансиони, ноќевања со по три оброци дневно, трошоци за пат и здравствен преглед. Оваа можност веќе четврта година Владата им ја овозможува на 10.000 пензионери.

Какво олеснување?

Пензионерите во Скопје, Битола и во Куманово извршија доволно притисок врз локалната власт и добија бесплатен превоз во јавниот сообраќај.  Сојузот на пензионери до Советот на град Скопје испрати барање за овозможување на бесплатен јавен превоз секој ден во неделата, со цел да се намалат турканиците во автобусите на ЈСП, во вторник и во петок.  

Лидерот на студентите од скопскиот универзитет Кире Спироски пред шест месеци најави и бесплатен јавен превоз за студентите.

„Во преговори со ЈСП, ние ќе бараме да се обезбеди некаков механизам, односно да се воведе нова автобуска линија, бесплатна за студентите. На почеток, таа би ги поврзувала студентските домови и комплексите факултети, а понатаму може да се воведат повеќе такви студентски линии или јавниот превоз да стане бесплатен за сите студенти“

Но, според ценовникот на ЈСП, студентите своите месечни билети ги плаќаат како и сите останати возрасни граѓани на Македонија без никакво олеснување и без минимален попуст. 

Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија е надлежна за младинските политики. Но, сите обиди да поразговараме со некој одговорен од таму, останаа безуспешни. Доволен е само еден поглед на официјалната страница на оваа институција за да се забележи дека речиси сите проекти се врзани за спортот, а малку за младите.

На студентите за своите права им останува да се изборат на своја рака. Да се обидуваат преку протести, петиции, младински организации и студентски весници. Како никогаш порано изгледа излитена фразата - светот останува на младите. Но, затоа е многу реална и силна дека бенефициите се за пензионерите

AddThis Social Bookmark Button