Садо - мазо политика

Sado - mazo politika by Diversity Media on Mixcloud

Ѓаволот ја однесе шегата кога децата во градинка наместо Бетмен и Џокер почнаа да си играат Бранко и Грујо. Во играта на вистинските ликови наречена политичка криза,  најголем губитник е нацијата. Можно ли е како последица на политичката криза администрацијата во ек на годишните одмори да остане без плата, а државата да ја загуби кондицијата за враќање на кредитите? Експертите велат дека последиците посуштински ќе се почувствуваат на долгорочен план, кога можеби, на сцена ќе играат некои други Бетмен и Џокер.   

Анализа на Весна Коловска

Штипските фото - студија во последните два месеци ја доживеаја својата ренесанса. Мажи, жени, деца, студенти се во трк. Фотографирање за пасош, ама не македонски. И по некоја фотографија за виза се нивните главни барања.

Дневно доаѓаат по три – четири семејства. Некогаш дневно доаѓаат и по десетина луѓе, најчесто за фотографии за бугарски пасош. Мажите веќе имаат добиено бугарски пасош, па ги фотографираат своите семејства. Најчесто тоа се млади луѓе, на возраст од 25 до 40 години“,  вели сопственик на фото - студио.

Со бугарски пасош се оди за Италија, Германија, Норвешка...Студентите со македонски пасош пак, бараат виза за студентски престој во САД. Невообичаено, но од неодамна почнаа да се подготвуваат документи и а Африка. Поточно, за Габон, каде тамошната влада одлучила да им даде работа на белците од цела Европа. Се чини, за дестинацијата многу не се размислува. Главно да се тргне во потрага за подобар живот.

Неодамна бугарски европарламентарец изнесе бројка од 100.000 бугарски државјани кои што живеат во Македонија, поради што предложи иницијатива во македонскиот Устав Бугарите да бидат спомнати како конститутивен народ.  

Од шупливо во празно

Политичката криза остава последици. Професорот Абдулменаф Беџети вели дека Македонија и регионот се особено чувствителни на политичките тензии, што веднаш се одразува на економски план.

Поради оваа политичка криза интеграциските процеси влезени се во некој ќор - сокак, без излезно решение. И досега немаше некое перспективно решение, но, сепак, надежта постоеше. Сега веќе и тоа не се гледа во перспектива. Во таква ситуација, се разбира дека земјата ќе стане сè повеќе економски изолирана, од аспект на инвестициите, кои што и така беа малубројни. Сега ќе бидат уште поредуцирани.“    

Македонија од 2006 година е во речиси постојан изборен процес. Во период од шест години се одржаа едни редовни парламентарни избори, два циклуса на вонредни парламентарни избори, едни локални и едни претседателски избори. Државата за нив потрошила околу 20 милиони евра, а по уште толку за кампањи потрошиле политичките партии.

Продлабочувањето на политичката криза ги засили шпекулациите дека во ек на годишните одмори, државата повеќе нема да може да ги враќа кредитите, а администрацијата може да остане и без плата. Професорот Беџети ги нарече „морбидни очекувања“. Него повеќе го загрижуваат подолгорочните последици.

Ако нешто биде проблем, тоа се пензискиот и здравствениот фонд, кои и така се алиментираат делумно преку буџетот. Од сето тоа, на крај пак со тешкотија ќе биде реализацијата на економската димензија од буџетот, што последично, на подолг рок ќе доведе до сè помало генерирање на приходи во буџетот. Така што, влегуваме во еден маѓепсан круг“. 

Политичката криза која ги поларизира спротивставените политички табори од власта и опозицијата се пренесе меѓу политички сензибилизираниот народ. Социологот Татјана Стојаноска Иванова вели дека политичарите предизвикаа криза која мошне брзо се пренесе меѓу народот, кој пак, се подели на „ваши“ и „наши“.

Таа криза повлекува да се урнат одредени вредности, кои се суштествен сегмент за цврстината и просперитетот на една држава. Вредности од типот на почит, чесност, пријателство

Кратковидност

А кои се луѓето, македонските професионални политичари, кои го имаат ова огромно влијание меѓу народот?

Слабо образовани, тврдам дека никој од нив не го прочитал „Општествениот договор“ на Жан Жак Русо. Самите немаат разбирање што е држава, кој е договорот за создавање држава и зошто таа држава треба да служи? Денешниот политичар има визија од денес до утре. Не постои човек во Македонија, одговорно тврдам, кој има визија, не подалеку – за пет години од напред што ќе се случува со оваа земја. Значи, овде сериозно да прашате кого било од политичките елити, не знае до Нова Година што ќе се случува“, вели новинарот и колумнист Ѕвездан Георгиевски.

Според него, овој тип на политичари успеваат да ѝ се наметнат на нацијата, која традиционално воспитана, го слуша актуелниот водач, кој е секогаш во право.

Скараните водачи, “непопустливите и лидери со цврст карактер“ го поделија народот на Груевисти и Бранковисти. Овие двајца, кои заедно имаат поддршка од само една четвртина од граѓаните на Република Македонија, си земаат за право да ја ограничат личната слобода на два милиони граѓани, да го кочат работењето на државните институции кои граѓаните ги плаќаат и да го срамат лицето на државата пред цел свет. „Доста е, гајле ми е кој прв почнаˮ, напиша истоимената заедница на Фејсбук.

Граѓански движења наспроти политичарите?! Отпочеток нерамноправна борба. 

AddThis Social Bookmark Button