Ендемски избори

Endemski izbori by Diversity Media on Mixcloud

Длабоката поделеност на власта и опозицијата во македонскиот блок партии ги истисна во втор план националните интереси на етничките Македонци во средини каде тие се малцинство. За ова се согласуваат и едните и другите, но вината секогаш ја префрлаат на спортивниот табор. Експерти предвидуваат дека бојкотот на претстојните локални избори од страна на фронтот предводен од најголемата опозициска партија СДСМ ќе донесе повеќе советнички места за албанските партии и слабеење на влијанието на оваа заедница во градовите од западна Македонија. Кој што ќе губи и кој, што ќе добива?

Aнализа на Душко Арсовски

Струга станува уникатна и по тоа што е извесно дека на локалните избори местата на советниците Македонци ќе ги заземат Албанци. Една причина за тоа е бојкотот на опозицијата. И втора, според познавачите, е изборниот Донтов модел.

Претседателот на огранокот на СДСМ во Струга, Ристо Ќушкоски за Диверзити Медиа вели дека се свесни за ова, но во моментов приоритет им е да докажат дека власта направила грубо кршење на демократијата со настаните од 24 декември во минатата година.

„Во западниот дел се врши мајоризација. Само што власта тоа молчеливо го одобрува. Сите се залагаат за подобра Македонија, за подобро утре, меѓутоа кога веќе ќе се заземе позицијата, посебно тоа е изразено кај албанскиот блок , се бранат националните интереси“.

Горан Ангелов, поранешниот претседател на ЗЕЛС и градоначалник од ВМРО - ДПМНЕ кажува математички што ќе значи ова:

„Ако порано албанскиот политички блок имал тројца советници, веројатно ако не оди опозицијата на овие избори, ќе имаме повеќекратно зголемување, најмалку удвојување на советничките мандати“.

Третиот користи

Професорката по уставно право Тања Каракамишева е директна.

„По онаа старата народната - двајца се караат, третиот користи. Мислам дека оние политички партии кои што ја сфатија суштината на Донтовиот модел, а тоа е да се обединуваат, да се окрупнуваат и на таков начин, да настапат на изборите, ќе се офајдат најмногу“.

Тито Петковски, претседател на НСДП, партија од опозицискиот фронт, вината за ваквата состојба ја лоцира единствено кај власта.

„Јас не би сакал да прифатам дека ние имаме некоја фалинка во генот. Мислам дека причина е бескрупулозната борба за власт. Груевски покажува едно сосема неочекувано лице на исклучивост, бескомпромисност. На преден план му се понижувањата по секоја цена на политичките конкуренти кои можат да го загрозат“.

Петковски вели дека знак оти националните интереси за Никола Груевски се неважни, покажува назначувањето на Талат Џафери за министер за одбрана.

„Во втор план е ставен интересот на Македонците, реакцијата на Македонците, само за да се додвори. И тоа е најпоразителната порака која што една власт може да ја испорача до Македонците бидејќи во втор план ги става нивните национални интереси, односно интересите како етничка заедница во тие средини“.

Селективен „Бадинтерˮ

Малкуте претставници на македонските партии во локалните совети, според Петковски, ќе го ослабне влијанието на оваа етничка заедница. Лидерот на струшките социјалдемократи Ќушкоски вели дека ова веќе се чувствува.

„ Онаму каде што Македонците се малцинство „Бадинтеровиот принцип“ воопшто не се почитува, односно „Бадинтер“ е атрактивен само во средините каде Албанците се малцинство“.


Излезност на избори од 60 проценти

Каракамишева: Политичката ујдурма е минлива работа

Последната анкета покажа дека над 60 проценти од граѓаните ќе излезат на гласање на 24 март. Каракамишева е оптимист дека најголем дел од луѓето со право на глас нема да го прифатат бојкотот. 

„Граѓаните ќе сфатат дека оваа цела „политичка ујдурма“ која што се случува последните три месеци е минлива работа и дека не смее да го загрози четиригодишниот мандат на нивните претставници кои тие сметаат дека треба да ги претставуваат“


 

Засега е извесно дека лутите ривали од албанските партии ДУИ и ДПА ќе имаат единствен кандидат за градоначалник во Кичево. Анализите велат дека е очекуван потегот на ДПА за поддршка на предлогот на ДУИ поради тоа што партијата на Мендух Тачи таму нема никакви шанси за успех. Таму каде што двете партии имаат кандидати, до сега важи непишаното правило за единствена поддршка на оној кој кој ќе влезе во вториот круг. Откако почна повеќепартизмот во Македонија, вакво нешто не се случило во македонскиот политички кампус.

 

AddThis Social Bookmark Button