Македонските медиуми „поттикнувачи“ на протестите

Неодамнешните протести во Скопје, кои зад себе оставија штета, повредени и уапсени, уште еднаш ја истакнаа улогата на медиумите. Неточните информации за причините за протестите на младите Aлбанци, но и неточните за протестите на младите Mакедонци ги подгреаја тензиите уште повеќе. Но, зошто македонските медиуми уште не ја научиле лекцијата?

Анализа на Назим Рашиди

Снимките од саботните протести на младите Aлбанци во Скопје будат несакани спомени од минатото. Но, македонската јавност остана неточно информирана околу тоа за што точно се протестираше.

Многу мал број на медиуми на македонски јазик известија дека по претходните протести на една група Македонци против именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана, истепаа неколку млади Албанци. Некои од нив биле и малолетни.

Овој факт предизвика бурни реакции по социјалните мрежи. Албанците коментираа дека медиумите придонесуваат за поттикнување на насилството поради фактот што се еднострани во нивните известувања. Снимките кои кружеа со огромна брзина на Интернет, во кои можеа да се видат млади Македонци како брутално ги тепаат и напаѓаат со тврди предмети случајните минувачи Албанци, воопшто не беа прикажани во македонските медиуми или пак не беа осудени од некој висок функционер.

Овој факт предизвика бурни реакции кои потоа се претворија во протести, објаснува аналитичарот Артан Садику:

„Мислам дека во разгорување на овој бес влијаеше и непокривањето на овој инцидент и овие случувања од страна на македонските медиуми, со што голем дел од граѓаните (Албанци) почнаа да веруваат дека дека овие медиуми сакаат да ги прикријат и да ги минимизираат овие инциденти“ вели Садику.

Селективни известувања

Луран Ахмети е актер. Тој е многу успешен во својата професија, но ретко кога коментира за општествените збиднувања. Меѓутоа, во последно време тој е активен на социјалните мрежи отворено искажувајќи го своето негодување за селективните известувања на македонските медиуми:

„Многу сум иритиран затоа што длабоко во себе верувам дека немаше да се случи никаков голем проблем или инцидент доколку постоеше праведно известување од страна на македонските медиуми и доколку обичниот народ (Македонците) ќе знаеја дека маскирани лица веќе неколку недели тепаат деца”, вели актерот Луран Ахмети.

Но, како се објаснува ситуацијата после толку обуки, дебати, курсеви медиумите да не успеат во исполнување на својата мисија?

Боби Христов, главен уредник на телевизијата 24 Вести, кој беше еден од малкумината кој известуваше праведно за причините за протестите вели дека како и во другите сфери на животот, така и во медиумите е потребна голема работа за да се постигне взаемно познавање меѓу заедниците во Македонија.

„Ако треба да се бараат причини, тие се подлабоки од само непрофесионализмот на медиумите и, за жал, се последица на поделеноста на двете етнички заедници. Меѓусебното непознавање и пред се неинформираноста за тоа што се случува, условно речено, кај другата страна”, вели Христов.

„Другата” жртва не е вест

Артан Садику вели дека политичките влијанија врз медиумите имаат свое влијание и кај новинарите кои не се обидуваат да известуваат за едно општество со сите свои различности:

„Постои убедување врежано длабоко во самиот начин на критичко размислување и на тоа што е и што не е видливо за овие новинари и можам да кажам дека таквите случувања со меѓуетнички контекст каде во поголем дел на случаите други групи (не-Македонците) се жртви, можеби ни малку не се визуелно прифатливи како вести, како прашања или фактички настани за овие новинари“, вели Садику.

Последниот случај со протестите уште еднаш ја истакна големата важност на професионалното известување и големата улога што медиумите ја имаат во едно општество. Фактот што во Македонија се зборуваат повеќе јазици овозможува македонските медиуми да бидат во фокус и на Албанците и на мнозинството кое зборува македонски јазик. Набљудувачите велат дека македонските медиуми не го земаат предвид ова или пак, намерно се поигруваат со чувствата на граѓаните. Овој ефект го немаат медиумите на албански јазик затоа што многу мал број на Македонци го знаат албанскиот јазик.

AddThis Social Bookmark Button