Вложуваш 50, враќаш 100 илјади евра

Vlozucas 50 vrakas 100 iljadi evra by Diversity Media on Mixcloud

Македонија со својата географска положба и со над 250 сончеви денови во годината е место кое што ги има сите услови за одгледување цвеќе. Но, и покрај тоа, цвеќарството за малкумина е бизнис од кој може добро да се заработи. Цвеќето се враќа на македонскиот југоисток, но сѐ уште е далеку од тоа да стане значајна профитабилна земјоделска гранка.

Анализа на Столе Костов од Хит радио од Струмица

Рамното струмичко поле во овој период од годината е побелено од оранжериите рапослани на 3.500 хектари. Во белилото со насадите од домати, пиперки и краставици, ретки се пластениците со живописните бои на цвеќињата.

Во еден од тие пластеници е „бизнисотˮ на Сузана Младенова од Струмица. Пред 23 години бизнисот го почнала со цвеќарница. А, од пред некоја година, дел од цвеќето што го продава, почнала и сама да го произведува.

„Тоа ми е единствената љубов што ја негувам во себе и ќе продолжам така. Профитот не е важен секогаш. Оваа професија за мене е повеќе од љубов “.

Струмичките цвеќари расадот го увезуваат од Холандија, што со помош на македонското сонце се преобразува во квалитетно домашно цвеќе.

Затоа, како што вели Сузана, природното цвеќе е првото нешто што во трговијата ќе им го понуди на купувачите за празникот на жената.

„Има луѓе кои не отстапуваат од своето. Го сакаат вештачкото. Ама нашата цвеќарница е позната по природното и секогаш претпочитаме да се продава природното цвеќе. И мислам дека во продажба, тоа е број еден“.

Интересно е дека главно жените се носители на бизнисот со цвеќе, кој според некои пресметки може да носи профит и до 500 отсто. Производителите велат дека е тоа скап и макотрпен бизнис, кој бара многу знаење.

Последната година – две, според професорот на Земјоделскиот факултет во Струмица, Ристо Вучков, младите сѐ повеќе се интересираат за одгледување цвеќе.  

 „Факт кој радува е дека има млади луѓе кои доаѓаат на консултации и сакаат во пластеници, па и во стакленик да одгледуваат цвеќе. Значи, цвеќето на голема врата се врати во струмичкиот регион, бидејќи имаме голем број на сончеви часови и има можност за одгледување на квалитетно цвеќе овде“.

Околу 50 илјади евра за start – up бизнис

Во земјите од Европска Унија, на пример во Велика Британија, постои Стратегија за заработка од одгледување цвеќиња. Таму државата инвестира во компјутеризирани технологии, стакленици и земја, сѐ со цел производителите да заработат добро.

Македонија, според професор Вучков ги има сите природни услови за одгледување на цвеќето, но недостигаат организирани државни иницијативи и поддршка со инвестиции во овој бизнис. За да се почне овој бизнис потребни се околу 50.000 евра. Заработката според него, се враќа двојно од вложеното.

“Во последните години имаме добри огледувачи на цвеќе, како што е случај во село Владевци. Гевгелискиот дел, исто така. Со еден збор, ние порано ако увезувавме речиси над 90 отсто од цвеќето од Холандија, сега имаме и сопствено производство на цвеќе“.

Паралелно со интересот за одгледување цвеќе, расте и културата на купување цвеќе. Во пресрет на 8 март, огледувачите и продавачи на цвеќе се надеваат да добра продажба, но велат дека цвеќето треба да се продава секој ден, како што тоа е практика во европски земји.

Благица Темелкова, која заработува од продажба на цвеќиња вели дека за празникот на жената луѓето знаат да го изберат вистинското цвеќе.

„Најмногу се купува розата. Претежно црвена. Најмногу доминира свежото бидејќи сметаат дека вештачкото цвеќе не е за таа прилика“.

А, дали цвеќето е тоа што жените најмногу го посакуваат жените за 8 март?

„Јас како жена сакам многу работи. Но, гледајќи го денес времето, како е голема криза, најголем подарок ќе ми биде љубовта и почитта од моето семејство“, вели една млада струмичанка.

Цвеќиња и љубов – два збора кои одат заедно и во бизнисот и за празникот на жената.  


Не може да се мериме

Увезуваме цвеќе, семе и саксии

Во Стопанската комора на Македонија немаат податок за учеството на цвеќарството во процентот на земјоделско производство во Македонија, бидејќи тоа е минимално. Македонија сѐ уште е увозник на цвеќе. Според Инспекторатот за земјоделство, режано цвеќе увезуваме од Холандија, Србија, Венецуела и од Еквадор, семе од Словенија и од Холандија, а саксии од Холандија, Словенија и од Србија. Има и извоз на расад со цвеќе во Холандија, но тој процент е незаначителен. Европа годишно троши над 3,3 милијарди евра за цвеќе.  Вкупно 2,9 милијарди евра завршуваат во Холандија, како најголем производител на цвеќе.


 

AddThis Social Bookmark Button