Кампања за кршење закони

Kampanja za krsenje pravila by Diversity Media on Mixcloud

На една недела до почетокот на изборната кампања беше доволно да се констатира дека повторно се прекршуваат цели закони. Мониторинг на невладиниот сектор покажува дека децата се злоупотребуваат на предизборните митинзи, дека се користат јавни ресурси за партиски активности и дека во овој период е присутен говор на омраза. Државната изборна комисија, надлежна за целиот процес досега нема никаков став.

Анализа на Душко Арсовски

Деца кои мавтаат партиски знамиња има и во кампањата за претстојните локални избори. Невладините организации ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат вакви случаи за да им помогнат во напорите да се осуди и да се искорени оваа практика. Од Првата детска амбасада „Меѓашиˮ забележуваат дека се прекрешени серија правни документи и закони.

Извршниот директор Драги Змијанац за Диверзити Медиа:

„Вклучувањето на децата во политичката кампања е спротивно на Конвенцијата за правата на детето, според која, децата треба да бидат заштитени од сите видови злоупотреби и манипулации. Со Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба усвоена во Собранието на Република Македонија во 1991, Законот за заштита на децата, како и Законот за основно и средно образование, со кои покрај другото, се забранува политичко организирање, дејствување и злоупотреба на децата“.

Во „Меѓашиˮ гледаат врска меѓу партиските предизборни активности и насилните протести во Скопје од пред десетина дена во кои учествуваа и малолетници.

„За партиски собири или протести каде што и интезитетот на насилствата ескалира и каде се доведува во прашање безбедноста и животот на децата. Без при тоа да се побара одговорност од политичките партии за последиците предизвикани од непромислените и неодговорни постапки на поттикнувачите на младите за меѓусебни пресметки или пресметки со полицијата. За и во интерес на одредени политичките партии“.

Борците за правата на маргинализираните групи им забележуваат на некои партиски претставници дека јавно ги омаловажуваат овие граѓани.

Активистот Славчо Димитров ги повика да се коригираат.  

„Особено хомофобичниот говор, мизогениот сексистички говор, говорот којшто е упатен кон извесна ранлива или маргинализирана група се користи како политички капитал за профит на одредени политички партии од една страна, а од друга страна, за делегитимизација на политичките опоненти“.

Грдото лице на кампањата

Беше потребна една недела од кампањата за да се покаже грдото лице на партиската битка да се придобијат гласачи.

Амди Бајрам во саботата во негов препознатлив стил упати закана до политичкиот противник: „ Ни во градска болница нема Црвенковски да го состават по изборите“.

Користење навреди и омаловажувања во јавните настапи на кандидатите забележале и од граѓанската асоцијација „ МОСТ“ која повеќе изборни циклуси има набљудувачи и прави свои анализи.

Но, извршниот директор Дарко Алексов посочува и други примери на прекршување на изборните правила.    

„Забележано е користење на општински возила, возила од различни министерства, забележано е користење ресурси на јавни претпријатија. Станува збор за општините Струга, Гостивар, Кичево, Тетово, Струмица и Кочани“ 

Повеќе портали објавија фотографии од Прилеп каде се гледа како се користи возило на локално јавно претпријатие кое разнесува партиски пропаганден  материјал.

Диверзити Медиа неодамна пишуваше за предвремената кампања и праша токму во општина Прилеп. Добивме одговор дека такво нешто нема и не прекршиле ниеден закон.

Експертката за антикорупција  Слаѓана Тасева тогаш оцени дека станува збор за неетичко однесување, спротивно на изборните правила за што, според неа треба да реагираат сите институции. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна, а Државната изборна комисија (ДИК) се огради поради законските недоречености. ДИК е недостапен за коментар и за најновите случаи. Со тоа, се чини, им се остава празен простор на главните актери во изборната кампања и натаму дрско да тераат по старо, без никој да ги санкционира. Шанса за поправен дава Кодексот за фер кампања кој досега го потпишаа кандидатите за градоначалници во две изборни единици.

AddThis Social Bookmark Button