Три илјади тужби за шест денари

Tri iljadi tuzbi za sest denari by Diversity Media on Mixcloud

Лавина од тужби падна врз македонските судови откако меѓу граѓаните се расчу дека можат да ја тужат ЕВН за незаконски наплатените шест денари за манипулативни трошоци. Иако се враќаат минимални износи, пресудите се сметаат за прва помасовна граѓанска победа против еден монопол. Граѓанските организации велат „и еден денар да е, наш си е, незаконски земенˮ. Дали оваа пролет е пролет на граѓански активизам насочен кон моќните монополи во државата, која декларира отворен пазар?

Анализа на Весна Коловска

Симболично, во пет до дванаесет, во петок, кога е последниот законски рок, граѓанското движење „Отпор“ ќе поднесе 3.000 тужби против дистрибутивната компанија ЕВН. Граѓаните преку тужбите ќе побараат компанијата да им врати по шест денари за манипулативен трошок, што незаконски е наплатуван во периодот помеѓу мај 2006 и февруари 2008 година.

Влатко Ристески од „Отпор“ вели дека буквално се затрупани со барања од граѓаните откако објавија дека бесплатно ќе ги подготват тужбите.

Ѕвонат луѓе од цела Македонија. Добро е што свеста се крена. Ние сакавме на граѓаните да им објасниме едно нешто: денар – денар, наш е, си го сакаме! Правда сакаме! И сакаме да покажеме кога ќе бидеме измамени, државата да застане зад нас и да нѐ заштити“, вели Ристески,  кој движењето го нарече граѓански синдикат во борба против монополистите.

Во акцијата тргнале не така одамна, откако дознале дека адвокати даваат од 500 до 800 денари за откуп на платени сметки од граѓаните за периодот од декември 2007 и јануари и февруари 2008 година. Само три од овие сметки каде што се гледа дека е пресметан манипулативен трошок, не се застарени.

Нам ни падна симптоматична таа нивна “услуга“ и си мислевме дека зад тоа нешто се крие. Затоа, ние им излеговме во пресрет на граѓаните и им понудивме бесплатна правна помош. Ние, самите активисти, волонтерски работиме и ги подготвуваме тужбените барања врз основа на добиена тужба“, вели Влатко Ристески.

Пресуда

Граѓанин од Скопје е првиот кој го добил процесот против ЕВН, кој повикувајќи се на одлука на Уставниот суд, го оспорил наплатувањето на манипулативни трошоци во сметките за струја. Законот за заштита на потрошувачите наложува секој што нешто продава или нуди услуги, бесплатно да издаде сметка. Адвокати од цела Македонија почнале да ги откупуваат сметките од граѓаните и во нивно име да ја тужат компанијата. Најревносни се адвокатите од охридско – струшкиот регион, каде се донесени и првите пресуди.

Адвокатот Ѓоко Томоски, вели дека само тој има поднесено 600 тужби, од кои 450 се веќе решени.

Постапките на надлежниот суд се во законски рок и кои со измените на Законот за парнична постапка се доста пократки за разлика од порано, брзо се решаваат. Во поголем дел, во 90 отсто пресудите завршуваат со признание од страна на тужениот, во конкретниот случај, ЕВН“.

Со пресудите, адвокатите добиваат најмногу. Тие плаќаат по 500 или по 800 денари на граѓанинот за откуп на сметка, а преку суд треба да добијат по околу 3.500 денари на име „трошоциˮ. Во Охридскиот суд досудените износи се до 4.600 денари.  

Од ЕВН велат дека ќе постапат онака како што ќе наложи судот. Но, сѐ уште немаат пресметка колку ова ќе ги чини.

Затоа пак, постојат неофицијални пресметки од граѓанските активисти дека компанијата од граѓаните наплатила од 1,2 милоиони евра само од манипулативен трошок. Дека трошокот за изработка на фактура и не е така за занемарување е и податокот од завршната сметка на скопското јавно претпријатие „Водовод“. Во билансот за успех за 2009 година стои дека Водовод заработило 180.000 евра од манипулативен трошок. Што би рекол народот - „Ако не тече, ќе капеˮ.

Затоа, се чини, овие судски пресуди предизвикаа возбуда кај јавноста, кои граѓанските организации ги сметаат за голема граѓанска победа. Нешто слично пред неколку години работеше граѓанското движење „Пружи отпор, кажи не“, кое војуваше со Македонски телеком.

Корекција

Координаторот Трајче Митев, смета дека со нивниот активизам е преполовена претплатата и е укинат манипулативниот трошок.

Ние успеавме фактурите да ги направиме попрегледни за граѓаните, успеавме да ја „чукнеме“ Владата по глава да внесе конкуренција, фирми, што ќе бидат конкурентни на Телекомот. Сега цените се движат приближно како и кај другите. Најголемата цел ни беше да влезе либерализацијата во фиксната телефонија, како што е сега“.   

Митев вели дека компанијата во периодот од 2004 до 2008 година од граѓаните незаконски присвоила над пет милијарди евра и тоа само преку претплатата и манипулативниот трошок.

Зошто тогаш треба толку многу време и енергија за да се коригираат компаниите, кои, заработуваат преку грбот на граѓаните?

Професорот Темелко Ристески вели дека одговорот е во кршењето на Уставот и на законите.

Немаме воспоставено култура на почитување на редот и поредокот во државата. Почитување на редот и поредокот, значи почитување на законитоста. Кај нас законите не се почитуваат, а со непочитувањето на законите, нормално, се загрозуваат правата на граѓаните. Овде се работи за основни права и слободи на граѓаните“, вели професорот Ристески, според кого Владата е првата која треба да ги заштити граѓаните од агресивните монополисти и ќе каже:

За спроведување на законитоста во јавните претпријатија најодговорна е владата.  Постои Антикорупциска комисија. Постојат разни други комисии во општеството. Потоа, Јавното обвинителство ако дојде до други нарушувања на слободите и правата, јавниот обвинител може да поведе постапка, да поднесе барање за спроведување на истрага. Тука е народниот правобранител, тука се судовите, Управниот суд итнˮ

Меѓу нив, се и граѓанските организации. Движењето „Отпор“ од  Прилеп како следна акција најавува укинување на износот со кој плаќаме за 33 отсто ангажирана моќност од сметките за струја.


Кршење закони и казна

Македонски Телекон плати милион евра, ЕВН 500.000

Кршењето на законите може скапо да ги чини големите компании. Комисијата за заштита на конкуренцијата токму за пресметување на манипулативниот трошок го казни Македонски Телеком со милион евра, додека ЕВН со половина милион евра, бидејќи „ја злоупотребиле доминантната позиција на овој пазар преку наметнување на нефер услови на тргување“. Операторот „ОНЕ“ доби казна од 250.000 евра бидејќи наплаќал за говорна пошта. 


 

AddThis Social Bookmark Button