Младите повеќе трчаат по политика отколку по топка

Partiski podmladoci by DiversityMedia

Младите во Македонија го изгубија чувството за авангардност и членуваат во партиите само за да добијат вработување, оценуваат некои од поранешните младински партиски лидери. Но, бранувањата што неодамна се појавија кај младите социјалдемократи упатуваат на обратното, дека некои партиски јуниори бараат реформи зашто нивниот глас не допира до повозрасните во партијата.

Група млади играат фудбал во парк во скопската населба Ново Лисиче. Ги прашав дали се членови на некоја партија и сите како по договор рекоа дека политиката не ги интересира воопшто. Но, има и такви кои што политиката ја гледаат како шанса за успех и кариера преку членство во партиски подмладок. Во Македонија речиси сите поголеми партии имаат младински организации. Но, дали младите политички членови имаат и право на глас и мислење?

„ Таму функционира систем на затворени кругови. Ако вие немате добар линк да дојдете во тој круг, вие сте апсолутно исфрлен играч. И од тој момент не можете да дејствувате на ниеден начин. “

Оваа неодамнешна реакција на младински активист на опозициската СДСМ отвори дилема дали и колку младите реално имаат одврзани раце да дејствуваат.

Актуелниот претседател на Социјалдемократската младина Дарко Давитковски, за овој случај вели е предизвикан од тројца луѓе, кои во партијата биле маргинализирани поради неактивност. Тврди дека СДСМ нуди простор јуниорите да си го кажат својот став.  

- Тие го градат својот карактер како личности, како политичари, во младината преку која ние организираме обуки, дебати. Имаат можност да учествуваат во органите на партијата. Сето тоа придонесува еден ден да станат политичари какви што ги гледаме на телевизија. Но, за добар политичар треба искуство, смета Давитковски.

Но, токму еден политичар со стаж во младината на СДСМ ја напушти партијата во 2001 година. Поради, како што тврди,  немањето консензус за внатрепартиски реформи. Лазар Еленовски по неколку години и по промена на уште една партија формираше своја.

- Каде се политичките подмладоци многу зависи од тоа до каде е внатрешната демократија на партијата. Доколку имате поголема демократија, тогаш мислам дека ќе бидат поизразени подмладоците. Доколку немате, тогаш ќе бидат продолжена рака, смета Еленовски и оценува дека откога тој бил член на подмладок досега - ништо не е сменето.

Партиските подмладоци со години во јавноста се гледаат како привезок на постарите или како лепачи на предизборни плакати. Но, со ова не се согласува Диме Спасов, лидерот на Унијата на Млади сили на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.    

Тој тврди дека тие имаат годишна програма на активности и дека, како што вели, подмладокот е генератор на кадри за врвни функции.

- Очигледен е квалитетот кај тие што доаѓаат од Унијата на млади сили, односно тие се едни од најактивните и најдобрите министри во оваа Влада. Едни од најактивните и најдобрите пратеници во Собранието, посочува Спасов.

Токму во овој дел, Еленовски гледа револуционерен чекор што го направила владејачката партија затоа што на партиските младинци им нуди работа и фунционерски места. Нешто што, според него, не го практикувале владите на СДСМ.

Унијата на млади сили најголемиот подмладок на Балканот?!

Истражување на невладината Коалиција на младински организации „ Сега“ спроведено лани, покажало дека една третина од младите сметаат оти членство во партија ќе им ги зголеми шансите да најдат работа.

Извршниот директор на „ СЕГА“ Зоран Илиески за Диверзити објаснува:

- Младите воопшто не ја гледаат политичката партија како идеологија преку која што сакаат да придонесат нешто, да променат нешто во општеството или да застапуваат одредена идеологија. Напротив. Првиот интерес што го гледаат во политичката партија е да го решат своето прашање со вработувањето. 

Дали поради ова или поради нешто друго, Унијата на млади сили (подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ) за шест месеци примила 9000 нови членови со што, како што тврди нејзиниот претседател Спасов е најголемиот партиски подмладок на Балканот.

Наспроти многуте заеднички интереси досега не се случило политичките противници од двете доминантни партии во Македонија да се обединат околу едно прашање. Се чини дека таква пропуштена шанса беше протестот против полициската бруталност по убиството на Мартин Нешковски, кога се појавија два табори.

Од воведувањето на плуразлимот во Македонија не е познато партиски подмладок да имал спротивен став од сениорите. Уште повеќе кога матичната партија е на власт. А, ретки се и реакциите на подмладоците во опозиција!

Каква е силата, значењето и сопствениот став на партиските подмладоци во западните демократии покажува примерот на Норвешка  од пред 17 години, со референдумот за членство на земјата во Европската Унија. 

- Официјалниот став на владејачката партија во Норвешка во тој период беше ’за’ , а, официјалниот став на нејзината младина - ’ против’ . Можете да замислите за едно такво клучно прашање да имате две различни опции што за нас беше фрапантно и претставуваше демократски шок, се потсетува Лазар Еленовски.

Според последните но, постари истражувања, 15 проценти од младите во Македонија се политички активни. Во Босна и Херцеговина во политиката активни се само осум отсто од младите, во Италија – четири, а во Велика Британија само 2 проценти од младите членуваат во политички партии. 

AddThis Social Bookmark Button