Овој циклус без циркус

Ovoj izboren ciklus bez cirkuz by Diversity Media on Mixcloud

Во овој изборен циклус нема да се повторат славните предизборни телевизиски дуели. И власта и опозицијата има поделени мислења за учеството во јавните соочувања, со исклучок на албанските кандидати кои со мали исклучоци учествуваа на дебатите на јавниот сервис. Со тоа губи демократијата, граѓаните и целото општество е ставот на директните реализатори и аналитичари. Што всушност се јавните соочувања – мерач на вистината, мудроста на ривалите, политичка забава или нешто повеќе од тоа?

Анализа на Весна Коловска

Славниот „претседателски дуел“ на македонската телевизија пред вториот изборен круг помеѓу Љубомир Фрчкоски и Ѓорѓе Иванов, јавноста уште долго ќе го памети. Двајцата колеги од Правниот факултет во Скопје жестоко се судрија, ама не толку со аргументи, колку со навреди и со омаловажувања. Вака вели Сузана Фиданска, која заедно со Свето Николовски го водеше тој дуел.

Во таа жестока расправија, професорот Фрчкоски доминираше со своите дискредитации и етикетирање на противкандидатот. Двајцата кандидати не се ниту именуваа, туку Фрчкоски постојано велеше  „абе Ѓоле, Ѓоле“. Акцентот го ставаше на неговото политичко неискуство. Иванов цело време форсираше со тоа дека Фрчкоски е нервозен, дека е катастрофално расположен за дебата, дека сета таа несигурност се одразува врз тоа“.

По завршувањето на дуелот, кој траеше скоро три часа, ривалите без збор се поздравија, си свртеја грб и си заминаа. Јавноста со денови зборуваше за дуелот и навредите во него. Фиданска вели дека репризата била дури и погледана од изданието во живо.

Тоа беше и последниот политички предизборен ТВ дуел.

И кампањата за овие локални избори поминува без адреналинските јавни дуели. Секој кандидат сигурно вкотвен во своето јато.

Отсуството на дебати , според директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска говори дека политичкиот дијалог и политичката култура се далеку од неопходното ниво кое е својствено за развиените демократски држави.

Во Македонија, пред сè тоа е резултат на фактот што и овие избори се одвиваат во една етничко – политичко – партиски поделен општествен амбиент, кој несомнено е прелеан во медиумите.  Но, и на фактот што политичарите селектираат во кои медиуми гостуваат, за жал, медиумите, дел од нив, исто така, фаворизираат и отстапуваат простор за поедини политички субјекти“.

Дел од медиумите се откажаа од плановите да организираат ТВ дебати со кандидатите. Уредникот на 24 Вести, Боби Христов вели дека кандидатите од владејачката ВМРО -ДПМНЕ го следат партискиот став да не гостуваат на дебати. Албанските кандидати одлучиле да гостуваат само во албанските ТВ програми, а и опозиционерите не биле многу расположени за јавно соочување.

Тепачка за дуели

Не така одамна, не смееше да се одбие покана за  предизборна политичка дебата, вели долгогодишниот новинар од Битола, Пеце Стефановски, кој водел предизборни емисии во четири изборни циклуси.

На сите беше престиж да се учествува. Имаше луѓе што влегоа во високата локална политика кои не разликуваа графичко триенале, (кое беше и остана врвна културна манифестација во Битола), еден од кандидатите  во дебата го нарече „тригонално триенале“.   Меѓутоа, сите сакаа да дебатираат. Кој поуспешно, кој помалку успешно, но немаше опструкции. Такви кои тоа ќе го направеа се сметаа или за циркузанти или за недостојни и недоследни“.

Стефановски се присетува дека покојниот Киро Глигоров во 1994 година на претседателските избори одбил дебата со противкандидатот Љубиша Ѓеоргиевски. Оттогаш публиката остана без модерната политичка арена, а медиумите без гледаните емисии.

Љубица Ангелкова – Манговска, програмски директор на   телевизијата „Тера“ од Битола вели дека некои медиуми ги сакаат дебатите поради влијанието, други, поради привлекување на рекламери, а некои и поради политичката моќ.

 „Македонија има кратко искуство во професионалното телевизиско известување во контекст на подреденоста на телевизијата на јавноста, а не на политичките институции. И затоа сметам дека телевизијата во тој контекст не ја знае вистинската суштина на телевизиските дебати. Се’ уште си ја учат својата улога, лутајќи помеѓу јавните,комерцијалните или  групните интереси.  Тоа политичките сили успешно го користеа и уште го користат да проценат дали и колку медиумите ги менуваат гласовите во нивна корист или нивна штета, па да одлучат дали ќе бидат дел од ТВ дебатите или не“, вели Ангелкова – Манговска, според која клучно е прашањето дали ТВ соочувањата се телевизиски производ или се резултат на демократскиот развој на една држава.

Затоа, отсуството од јавни дебати е на штетата на демократските процеси, на целото општество, а најмногу кај граѓаните, вели Билјана Петковска од МИМ.

Затоа што на тој начин тие се лишени од можноста да се соочат со различно спротивставени мислења, гледишта, од друга страна, немањето дебати оневозможува и новинарите да си ја остваруваат својата улога на јавниот интерес и на коректори на политиките и дефинитивно е на штета на политичкиот плурализам во медиумите“.

За разлика од Македонија, во  некои развиени демократии како САД на пример, политичките дебати се задолжителен и важен составен дел на изборните кампањи. Телевизиските дуели меѓу актуелниот претседател Барак Обама и неговиот противкандидат Мит Ромни во просек ги следеа по околу 50 милиони луѓе.


Пеце Стефановски

Од дебати бегаат и новинари

Новинарот Пеце Стефановски, како еден од своите успеси ја смета и телевизиската дебатата на која во тоа време  ги „седнал„ лутите конкурентни од медиумскиот бизнис – Ацо Кабранов од „Канал 5“, Драган Павловиќ – Латас од „Сител“ и Александар Чомовски од „А1“. Дебатата, вели Стефановски, продолжи и по гасењето на камерите, кога седнале и на заедничка вечера.


 

AddThis Social Bookmark Button