Купи стан за да живееш на улица

Kupi stan za da zivees na ulica by Diversity Media on Mixcloud

Последната измама од 800 илјади евра со наплатени непостоечки станови, по кој знае кој пат ја отвора дилемата како е можно по толку афери сè уште да има луѓе кои наседнуваат на евтини приказни. Социолози коментираат дека повеќе се работи за лакомост отколку лековерност. Градежници советуваат да се побара помош од адвокат при купување стан. Адвокати за Диверзити медиа тврдат дека речиси и да нема пракса од нив да се бара услуга.

Анализа на Душко Арсовски

Последните години се намножија форуми на Интернет и веб-страници на кои можат да се добијат совети на што треба да внимавата при купување стан. Ама веројатно не ги виделе сите оние за кои се наменети. Зашто, очигледно не престануваат да се појавуваат афери во кои купувачи се измамени за неколку десетици илјади евра. Во минатонеделната голема афера, полицијата откри измамници кои лажеле свои пријатели и роднини дека продаваат владини станови по исклучително ниски цени. Сосед сведочеше дека им поверувал, но, среќа што немал пари, па не заглавил.

Граѓани кои ги анкетиравме велат дека не се изненадени.   

„Како што сега е безработица и немање пари секој се примамува да купи стан за ниска цена по квадрат, меѓутоа сепак, мислам дека луѓето кога се одлучуваат на таков подвиг треба малку подетално да ги разгледаат работите околу купување стан. А дека има малверзации, има многу“.

„Четири пара очи, шест пара очи. Многу, многу треба да се внимава“.

Станбените измами го компромитираат и градежниот бизнис иако последниот случај не е директно поврзан.

Претседателот на градежната комора при Сојузот на стопански комори Сеад Кочан дава конкретен совет:

„Кога веќе влегувате во каква било инвестиција, особено инвестиција која се движи, 30-50 илјади евра, најпаметно би било да издвоите барем стотина евра и да ангажирате адвокат којшто може да ви ги подготви сите документи, може да ви го испита пазарот, може исто така да го истражи продавачот. Така со сигурност ќе можете да влезете во некоја инвестиција“ 

Лековерност, лакомост, лаги

Но, искуството на адвокатите покажува дека воошто не се барани во вакви ситуации. Атанас Стојаноски за Диверзити Медиа:

„Луѓето ретко кога бараат стручна помош. Колку што мене ми е познато, не сум слушнал. Пожелно е да се праша или да се најде адвокат. Ќе трае тоа еден месец информациите да се соберат. Луѓето треба малку повеќе да бараат права потврда на тоа што е прикажано. “

Стојаноски не кажа колкава е цената за услугата, но вели дека не е никаков луксуз за информациите што ќе ги добие клиентот.

„И да се најми адвокатот, тој ќе треба да праша во банките во катастар, во судовите, во МВР, а лицата, тие што се носителот на станот, тој што е впишан во имотниот лист, дали е се уште жив, дали е спроведена оставинска постапка, па потоа дали станот е под хипотека или не е под хипотека, треба да се провери во Катастар“

Неколкумина социолози со кои разговаравме се едногласни дека повторувањето на измамите при купување станови е феномен. Дел од нив сметаат дека се работи за лековерност, други дека случаите се мотивирани од лакомоста, од можноста за мали пари да се добие нешто кое реално вреди десетпати повеќе.

Татјана Стојаноска Иванова од Филозофскиот факултет во Скопје смета дека во поголеми средини како главниот град, луѓето повеќе веруваат во своите соседи, пријатели и затоа полесно инвестираат, сметајќи дека близок човек не може да ги излаже.

„За Скопје е интересен фактот дека многумина од купувачите се од други градови и сакајќи да купат стан во метрополата по пониска цена се изложуваат на опасност. Прво, луѓето сметаат дека критериумите за купопродажба се изменети после неколкуте измами, дека постојат построги проверки, како и фактот дека веќе се откриени тие фирми и таква измама не може да се повтори. Исто така, треба да се спомене дека надежта е таа која последна останува, па и доколку се случи нешто, се претпоставува дека државата ќе најде соодветен начин да ги обештети“ смета овој социолог.

ФИКОМ, Платина инженеринг, Самарија, ГИА инженеринг се поголемите станбени афери во изминатата деценија во Македонија. Во пирамидална шема ист стан неколкупати се продаваше на повеќемина купувачи. Некои од актерите се в затвор, други во бегство. Стотина граѓани изгубија над 13 милиони евра. Во меѓувреме се сменија и многу закони кои наметнаа зајакната финансиска контрола на градителите. Остана навиката на некои граѓани да не внимаваат кога купуваат станови. Тоа не се регулира со закон.

AddThis Social Bookmark Button