Етничка реторика за преку етнички гласови

Etnicka retorika za preku etnicki glasovi by Diversity Media on Mixcloud

На прагот на вториот круг од локалните избори во албанскиот политички камп изгледа дека најголемо внимание се посветува на трката за Тетово. И покрај реториката на политичките партии кои во другите градови апелираа за чисти етнички гласови, во Тетово таа е многу поостра. Како изгледа политичката конкуренција кога нема етничка „опасност“?

Анализа на Назим Рашиди

Првиот круг од локалните избори, посебно во градовите каде живеат повеќе етнички заедници, како никогаш порано ги претвори во избори меѓу заедниците отколку во една трка која би требало да се фокусира на понудите за подобрување на секојдневието на граѓаните.

Но, сега, кога резултатот за Кичево, градот кој беше во фокусот, е јасен, иако има општини во кои ќе има потреба од „етнички“ гласови и трката продолжува да биде помеѓу „нас“ и „нив“, партиите видно ја зголемиле тензијата кон своите ривали од истата етничка заедница.

Најгледаното и најкоментираното видео меѓу албанскиот електорат, во кој било град или село, е она преку кое кандидатот за претседател на општината во Тетово Сади Беџети од ДПА за време на својата кампања пред претставници на македонската заедница, ги предупредува истите дека на чело на советот на Тетово може да биде ОНА ако тие гласаат за неговиот противкандидат Теута Арифи од редовите на ДУИ.

Но, освен дебатата која ја предизвика, оваа изјава ги поттикна дилемите околу тоа колку се реални повиците за „етничко“ гласање, кога политичарите се подготвени на сѐ само за да ги остварат своите цели.

Целта поважна од принципите

Лулзим Хазири, новинар и аналитичар и Билјана Ванковска, универзитетски професор и аналитичар, се сложуваат дека за политичките субјекти целта е поважна од принципите:

“Таквиот непринципиелен став на политичките партии, посебно во вториот изборен круг кога треба да коалицираат, како што вели народот, макар и со ѓаволот, не може да не влијае  негативно кај гласачите, со што ќе се намали процентот на граѓаните кои ќе излезат на гласање”, вели Хазири.

Ванковска пак, ќе каже:

“Општиот впечаток за овие избори е дека наликуваат на една сапунска серија во која не се знае кој со кого е и зошто. Но, една подлабока анализа покажува за една системска константа, дека нашите партии немаат основа кога се работи за идеологија“.

Други набљудувачи велат дека би било сосема нормално, дури и би требало да биде и практика на кандидатите за претседател на општините да комуницираат со сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност и да им ја објаснат својата понуда.

Но, зошто не се случува ова?

Лулзим Хазири вели дека така е затоа што партиите повеќе ги интересира власта, а не интересот на граѓаните.

“Политичките партии не им придаваат толку голема важност на принципите или на партиските програми, затоа што во вториот круг треба да ги голтаат зборовите кои ги рекле и целиот процес да се претвори во еден политички пазар. Не се борат за ставови и принципи, но се борат за власт, во конкретниот случај за да се стигне на позицијата на претседател на општината“, вели Хазири.

Трка

Во недела во вториот круг на изборите ќе се гласа во 29 општини и во градот Скопје. Од таканаречените „етнички“ трки во кои ќе се одлучува дали на чело на општината ќе застане Албанец или Македонец ќе има во Струга, Брвеница и во Долнени.

ДУИ апелираше кај својот електорат во Струга да го подржат Зијадин Села од редовите на ДПА и велат дека очекуваат поддршка од другите албански партии во општините Брвеница и Долнени, каде што нивните кандидати се во трка со ривали Македонци.

Македонските субјекти се соединија во Струга во поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Кочовски, но притоа барајќи етнички гласови во другите општини.

Но, како се гледа сега на повиците за барање на гласовите на гласачите од другите етнички заедници, не само во случаите во кои се опфатени Албанците, но и на местата како Скопје каде што, на пример, кандидатите Македонци ги бараат гласовите на Албанците?

Професор Ванковска вели дека во фокус на партиите се етничките, па потоа и другите гласови, нешто што според неа не треба да се прифати:

“На почеток ве убедуваат дека непријателот е едниот, а по една недела дека непријателот е тој другиот. Се води една негативна кампања. Изгледа дека ова е одлука на партиите за тоа како да се претстават, но ова зборува за нашето ниско изборно културно ниво како електорат, затоа што тешко можеме да казниме некого“.

Оценката на нашите соговорници е дека реториката на политичарите што повеќе е насочена кон една етничка група, како што беше случајот со Кичево, толку повеќе и отсликувањето и во локалните избори ќе биде фокусирано на етничките трки. Но, самиот факт што во вториот круг голем дел од кандидатите бараат преку етнички гласови, покажува дека тие што учествуваат во една ваква трка, ова треба да го имаат предвид уште од самиот почеток. Ова значи дека нивните понуди требало да бидат фокусирани на напредокот и на развитојот што тие го нудат.

AddThis Social Bookmark Button