Одлична плата, опасна авантура

Odlicna plata, opasna avantura by Diversity Media on Mixcloud

На работа во Саудиска Арабија, колевката на Исламот, за луѓето од овие простори е еднакво на авантура. Меѓутоа, добрата заработка ги урива сите бариери. Македонците што живеат таму велат дека треба само да се почитуваат правилата. „Заˮ и „противˮ животот и работата во најконзервативното кралство, каде жените мора да бидат покриени од глава до петици, мажите не смеат ги погледнат в очи, а на секој чекор демне верска полиција.

Анализа  на Весна Коловска

Фудбалскиот тренер Влатко Костов веќе втор месец е на чело на премиерлигашот на Саудиска Арабија, „Ал Ријад“. Полека се привикнува на условите за живот и на правилата што ги диктира шеријатскиот систем на кралството. Пред да дојде во градот Бурајдах му било укажано дека треба да се почитуваат строгите исламски правила – мажите облечени во долги панталони, жените не смеат да се гледаат во очи и да се фотографираат и дека треба да се почитува светото право на молитва.

„Тие во текот на денот имаат по четири – пет пати молитви, што мора да го почитувате. Мене ми се случува пред секој тренинг тие (фудбалерите) да заминат на молитва или за време на тренинг да прекинеме по пет минути. Се доаѓа и во такви термини кога веќе треба да излеземе на натпревар, но тоа е период кога мора да се молат и јас тоа максимално го почитувам“, вели Костов, кој кога го презел клубот „Ал Ријад“ ја имал поддршката на помошникот - тренер од Словенија и клупскиот лекар од Србија.

Кратко по неговото доаѓање, во друг клуб на југот од Саудиска Арабија заминал и познатиот македонски тренер Ѓоко Хаџиевски, заедно со Златко и Ванчо Белевски и Златко Јанакиевски.

Тренерот Костов за Саудиска Арабија вели дека е земја во која може добро да се заработи, со добра егзистенција, но посочува оти животот е сосема различен од тој во Македонија.

„Голема е разлика од она што го заработуваме во Македонија и овде. Разликата е огромна. Странци повеќе работат физички работи, хигиена, во медицина... Тоа се работи што не ги работат овде луѓето од Саудиска Арабија и затоа плаќаат странци, сè да им биде во ред“.

МТСП: Сигурна агенција

Затоа со внимание се проследија огласите за вработување во оваа арапска земја што ги објави скопска агенција за посредување при вработување. Се бараат медицински сестри, стоматолози, гинеколози, дерматолози, друг висок медицински кадар и занаетчии како месари, технолози за сирење и за конзервирана храна. Платата, како што стои во огласот е од 750 до 3500 евра, со платен одмор, сместување и авионски карти.

Оваа агенција е една од две кои во Македонија имаат лиценци за посредување при вработување во земјата и странство. Таа поседува лиценца за работа издадена од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). И, според портпаролот Давор Политов, се работи за сериозна агенција.

„Целата активност ја организира самата агенција. Обврските се на нејзина страна и околу правата и обврските на работниците коишто ги испраќа во Саудиска Арабија или во која било друга странска земја. Меѓутоа, тоа е активност која е контролирана од Министерството за труд и социјална политика“, објаснува Политов.

Македонија има склучено договори за испраќање на работници со само три странски држави. Со Германија, договорот е за годишно испраќање на 570 работници. Договорот со Словенија, иако склучен во 2007 година, вистински не заживеал и треба да претрпи промени. Последниот склучен договор е со Катар во 2011 година, кој е ратификуван, но,  катарските работодавачи сè уште не покажале интерес за македонски работници. Таков договор, Македонија нема со Саудиска Арабија.

Зависност од имигранти

Сепак, и покрај примамливоста на високите плати за наши услови, работењето во арапските земји може да биде опасна авантура, предупредува Нада Караиванова, Македонка која две години раководела проекти за подобрување на положбата на жената во една од арапските земји – Либија.

„Жената не е прифатена во тие општества. Како жени, па дури  и јас како странец живеејќи таму, се соочив со многу проблеми во секојдневието, да не зборувам за работата. Од првичното истражување кое беше подготвено за овој проект, дојдовме до заклучок дека медицинските сестри се третирани многу лошо (конкретно зборувам за Либија), дури и од самите доктори, од обичниот персонал, без никаква почит, буквално како да не се човечки суштества. За жал, беа лошо третирани и од пациентите. Јавното мислење во Либија е дека воопшто не се цени таа професија“, посочува Караиванова.

Арапските земји зависат од работната сила на имигрантите. Во Катар, фантастични 94 отсто од вработените се странци, додека во Саудиска Арабија, странци се повеќе од половина од вработените.

Тогаш, како македонските граѓани би се снашле во земји, каде што владеат строги исламски правила, а жените имаат минимални права?

„Сигурно дека во тие земји постојат други култури, други односи. Тие кадри се соочуваат со адаптирање кон таквите состојби. Тоа значи дека мора да ги почитуваат тамошната култура и етичките односи. Адаптирајќи се кон таквите состојби, тие мора да се потпираат на нивните стручни способности и нивните вредности“, вели Трајче Мицевски, професор по економија и менаџмент.

Македонија во минатото, како дел од поранешна Југославија, испраќаше работници на работа во арапските земји, како Либија и Ирак. Градежни инжењери, ѕидари и медицински сестри заработија добро во богатите земји, но донесоа искуство за живот во крајно спротивни култури.


 

Трговија со луѓе

Затворани и присилувани 600.000 странски работници

Во Јордан деновиве се одржува конференција за трговија со луѓе под покровителство на Обединетите нации. Меѓународната организација за труд (ИЛО) забележува на отсуство на инспекциски процедури во изолираните приватни куќи каде, како домашен персонал работат странци, главно жени. Во „машките“ сектори нерегулираното домашно законодавство не остава простор за работнички права и раскинување на договорите за работа и промена на работодавачот. ИЛО алармира за 600.000 случаи на странски работници кои биле присилувани или затворани. 


 

AddThis Social Bookmark Button