Дебата_мк

    

На тема „Зошто македонското општество слободата на изразување не ја гледа како демократска вредност?ˮ Диверзити Медиа на 29.04.2013година во Клубот на новинари во Скопје ја одржа првата дебата во рамки на проектот „Дебати_мкˮ.

На темата дебатираа Оливера Трајковска, автор на емисијата „Вин винˮ Зоран Димитровски, главен и одговорен уредник на дневниот весник  „Нова Македонијаˮ и Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања во Владата на Република Македонија.

Зоран Димитровски, уредникот на дневниот весник Нова Македонија смета дека слободата на изразување во Македонија не е драстично различна од таа во европските земји.

„Слободата на изразување како вредност во Македонија е веројатно  девалвирана. Но, дали има слобода на медиумите? Да споредиме колку медиуми имало порано, колку од 2002 до 2013. Ќе видите дека до 1998 имало монопол на еден НИП.  Ако споредите со денес ќе видите дека сме направиле голем чекор напред“.

Новинарката Оливера Трајковска го критикуваше односот на власта, која според неа го притаила гласот на храбрите луѓе.

„ Моето разочарување е во пребројувањето колку од нас се гласни и можат да зборуваат слободно. Слободата нема смисла во едно општество ако директно се поврзува со храброста. Кога таа ќе стане нормалност или потреба да се говори , ќе бидеме на добар пат, ќе бидеме на „ти“ со фактите.“

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими вели дека во македонската влада има луѓе кои работат на подобрување на слободата на изразување, а еден од нив е тој.

„Пред сè поради тоа што е вредно за демократијата. Второ поради тоа што е уставно гарантирана категорија и трето поради тоа што се стандарди што Македонија мора да ги има како приоритет во преговорите со ЕУ“, изјави Бесими.

Тој не сакаше да го коментира извештајот за состојбата со човековите права на американскиот Стејт Департмент каде Македонија доби критики за состојбата со слободата на медиумите, а  се наведува дека Владата практикува финансиски притисок со цел остварување на своите политики.

Бесими најави странска експертиза и набљудување на новиот закон за медиуми што беше критикуван од страна на медиумските организации.

Петрит Сарачини од Македонскиот Инститит за Медиуми (МИМ), во негов пост ќе напише:

„Денеска, за прв пат на јавна сцена, на дебата организирана од Диверзити Медиа, на ист астал со новинарите и уредници Оливера Трајковска и Зоран Димитровски, чувме став за извештаите на Стејт Департментот и на Репортери без граници од висок претставник на Владата на Република Македонија, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесимиˮ

Тоа беше прва од вкупно 10 јавни дебати, кои што Диверзити Медиа ќе ги организира во периодот од април до септември 2013 година. Проектот е делумно поддржан од програмата CIVICA Mobilitas на Центрарот за институционален развој, ЦИРа. 

Дебатите ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на локалните власти, подобрување и развој на меѓуетничкиот дијалог во сите сфери на општеството, корпоративна социјална одговорност на приватниот сектор, со цел да се подобрат меѓуетничките односи и поттикнување и зајакнување на општествениот активизам низ Македонија.

   

AddThis Social Bookmark Button