"Швајцарска" Македонија, луѓето опозиција!?

MKD PROMENA NA POLITICKI SISTEM by DiversityMedia

Љубомир Фрчкоски, професор на Правниот факултет во Скопје сугерира промена на политичкиот систем во Македонија. Тој вели дека швајцарскиот модел кој е заснован на консензус, влада составена од широка коалиција и без опозиција во парламентот, е најсоодветниот систем за Македонија. Но, што подразбира швајцарскиот модел и дали реално може да се прифати една ваква идеја?

Во емисијата „Шќип„ на тиранската телевизија Топ-ченел,  професорот на Правниот факултет во Скопје, Љубомир Фрчковски ја презентираше идејата за нов политички систем во Македонија. Тој предлага систем сличен на швајцарскиот модел, во кој речиси и да нема опозиција и каде што сите партии се дел од владата.

Побаравме од него да го објасни во детали предлогот и зошто смета дека во Македонија треба промена на политичкиот систем.

-Партискиот плурализам останува, но структурата за создавање на владата се менува. Бидејќи таа е клучниот момент кој ја растура системот и предизвикува поделба, која по мое мислење е неоснована во социјалното милје.  
Владата секогаш би била составена од голема коалиција, од две албански и две македонски партии. Во зависност од изборните резултати. Македонија би требало да биде една изборна единица. Најреферентните партии би биле дел од владата, рече Фрчкоски во својот настап.

Според него, тоа за нас би било погодно од повеќе аспекти. Еве како:

-Прво, партиите кои ги нарекувам „султански" и кои вршат еден вид колонизација на општеството, не би имале потпора во таквиот политички систем. Тие би се издувувале од нивната сила и не би имале потреба од таквата султаска сила. И внатре и надвор. Би морале да прават компромиси. Таков систем ќе биде широко инклузивен, ќе се намали тензијата, како и меѓу етничките заедници, така и меѓу партиите. Улогата на опозицијата, која де факто ќе бидат укината во Парламентот, ќе ја земе јавноста. Јавното мислење ќе биде вистинска опозиција, медиумите и ние кои дебатираме во јавноста.

Што е швајцарскиот систем?

Но, како функционира швајцарската демократија и, дали е можен таков систем во Македонија? Ова го објасни Башким Исени, политолог и лидер на  порталот albinfo во Швајцарија.

-Основните начела на швајцарскиот систем се федерален систем, со два дома, а одлуките се носат со консензус. Локалните влади, кантоните, општините уживаат широка автономија во донесувањето одлуки. Освен во области кои се резервирани за федералните институции. Специфичност на швајцарскиот политички систем е директната демократија, каде што луѓето и граѓанското општество ја презема улогата на опозиција. Тоа што е специфичност на владата е магичната формула. Таа се формира според силите на сите партии, а одлуките се носат со консенсуз, со заедничка согласност.

Исени исто како и Фрчкоски смета дека ваквиот систем ги смирува тензиите. Но, посочува дека тој има и свои слабости.

-Најнегативната страна е таа што во ваков систем се одлучува бавно. Треба многу време за носење одлука но, на крајот тие одлуки се здрави одлуки, вели Исени и додава:

-Македонија е демократија околу 20 години. Со Охридскиот договор се направија промени во Уставот после 10 години плурализам и сега некако актуелниот политички систем има консензуални одлуки, без оглед на тоа како се спроведуваат.
Во овој контекст, кога тешко се прифаќаат и спроведуваат промените направени пред 10 години, како ли ќе се прифати идејата за промена на политичкиот систем?
За Тања Каракамишева, професор и правен експерт треба долг процес за промена на еден систем.

-Република Македонија има капацитет да прифати одредени идеи, но колку е подготвена да го промени целиот систем треба да се гледа подолгорочно. Промената на политичкиот систем е сериозно прашање и не смее да се остави во сферата на експериментирање, вели Каракамишева.

Темелна криза!

Фрчкоски, и самиот изрази скептичност дека неговите сугестии ќе бидат лесно прифатени. Но, тој вели дека за оваа опција да стане реалност потребна е голема криза во Македонија, а според него, земјата влегува во една таква криза.

-Не мислам дека таквата структура ќе се развие од расправа, колку и да е плодоносна. Во политиката вообичаено, тој тип на промени се случуваат после темелни кризи. во политичката  и меѓународна и во бнатрешна тој тип на промени се случуваат после темелни кризи. Македонија е блиску до една таква темелна криза!

Башким Исени вели дека малку веројатно е дека политичката класа во Македонија да биде подготвена дури и да го разгледа предлогот, иако за него е добро да се дискутираат нови идеи.

-Драго ми е што Фрчкоски еволуирал. Се сеќавам на неговите ставови кон барањата на немнозинските заедници и се надевам дека неговата намера е искрена. Но, познавајќи ја политичката култура во Македонија, не верувам дека воведувањето на нов систем ќе се постигне за кратко време. Сепак е позитивно кога се бара решение, вели Исени.

Тој смета дека Фрчкоски го предложил новиот систем поради големата поделба во општеството, што е резултат на актуелниот политички систем, каде партиите се влезени во маѓепсан круг на одмазда, свртени еден против друг кога ќе дојдат на власт. Кој тоа и да биде. 

AddThis Social Bookmark Button