Демократска вредност

Demokratska vrednost by Diversity Media on Mixcloud

  

Македонија наскоро ќе добие уште еден закон, со кој се регулира сферата на медиумите и слободата на изразување. Предлог-законот уште толку го продлабочи јазот помеѓу медиумската заедница и власта. Дали е ова уште еден прилог повеќе во перцепцијата дека во земјата слободата на изразување не се смета за демократска вредност?

Смртта на еден млад рудар остана во сенка на сечењето на четири дрвца во центарот на Скопје. Вака илустративно состојбата во медиумите ја објасни  Зоран Димитровски, уредник на најстариот дневен весник во земјава, „Нова Македонија. Во време кога паѓаат економии, а Европа клечи пред должничката криза, на прво место се правото на живот и работа, а потоа сè друго, рече Димитровски.

„Таа економска и финансиска криза буквално ги девалвира овие така наречени „вредности“, кои стануваат луксуз на политичкиот пазар. Тие вредности стануваат луксузна стока. Станува збор за девалвација дури и на поимите што ги определуваат овие вредности. Зошто? Затоа што тие се девалвираат низ нивната злоупотреба. Човековите права најчесто се злоупотребуваат затоа што оние институции, држави, кои се условно речено главни борци за човекови права, имаат двојни аршини кон човековите права“.

На дебатата на поставена со прашањето „зошто македонското општество не ја сфаќа слободата на изразување како демократска вредност, новинарката Оливера Трајковска, која  го критикуваше односот на власта, која според неа го притаила гласот на храбрите луѓе.

„ Моето разочарување е во пребројувањето колку од нас се гласни и можат да зборуваат слободно. Слободата нема смисла во едно општество ако директно се поврзува со храброста. Кога таа ќе стане нормалност или потреба да се говори, ќе бидеме на добар пат, ќе бидеме на „ти“ со фактите.“  

(Не)полемика

 

Тие факти, според Трајковска, се често занемарени, затскриени и засолнати зад практиката - власта, политичарите заеднички да не полемизираат, да не дебатираат.

„Ние може да бидеме добри медијатори, кои имаат во своите уредувачки политики некаков елементарен договор што е тоа за кое тие сакаат да зборуваат. Таа различност ќе не доведе во ситуација да бидеме добри медијатори на полемика, која инаку, веќе постои. Кога не постои полемика меѓу политичките елити, кога не постои дебата, ќе биде многу лесно да се нудат на телевизија, ако општеството или заедницата има потреба да дебатира.“

Извештајот на организацијата „Репортери без граници“ каде Македонија по слобода на медиумите е сместена на дното, власта досега не сакаше да го коментира. Во извештајот за состојбата со човековите права на американскиот Стејт Департмент земјава доби критики за состојбата со слободата на медиумите, а  се наведува дека Владата практикува финансиски притисок за остварување на своите политики.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, на дебатата беше прв претставник на власта кој зборуваше за наводите.

„Тој извештај е информативен за конгресмените на САД, но е важен за нас, зашто овие вредности ние ги чувствуваме и за овие вредности и принципи ние треба да се залагаме да ги подобриме. Не кажувам – објективен.. субјективен.. Тој е конзистентно професионален, како што се изработува секоја година“.    

Слободата на изразување за Бесими е важно прашање, а слободата на медиумите еден од петте приоритети што се задолжение на Македонија од страна на Европската унија.

Нов закон

Поради тоа, Секретаријатот за европски прашања со внимание ја следи постапката за донесување на новиот закон за медиуми, кој беше остро дочекан од медиумската заедница.

„Лично немам намера да направам нешто што е надвор од нормална процедура во консултации со Европската комисија. Во законот и во последниот драфт, може да има различно мислења, и битно е да ги има вклучено и експертите од  Европската комисија. Законот нема да биде идентитичен на францускиот, нема да биде идентичен на германскиот или британскиот, но ќе треба да го одрази истиот стандард на слобода на изразување. “, рече Бесими.

Претставниците на медиумските организации побараа европски експерти да го оценат квалитетот на законот, кој според Зоран Димитровски, повторно е жртва на новинарскиот став.

„Ние новинарите често мислиме дека сите закони се носат за заштита на слободата или за ограничување на слободата. Слободата може да биде загрозена од монополите во бизнисот. Слободата нема да биде загрозена само од власта.  Слободата, на крајот на краиштата, е филозофско прашање и секој може различно да го толкува. Идејата е дека нам ќе ни биде дозволено слободно да го донесеме тој закон, се разбира во рамките на стандардите на Европската унија. “

Дебатата што е дел од проектот подржан од програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој ЦИРа, беше првата од серијата дебати со теми во насока на зајакнување на општествениот активизам, подобрување на меѓуетничкиот дијалог, подобрување на квалитетот на локалните власти. 

  

AddThis Social Bookmark Button