Јустинијан да го замени Даме

Justinijan da go zameni Dame by Diversity Media on Mixcloud

Поставувањето статуи во центарот на Скопје доцни најмалку еден век. Американскиот професор по архитектура,Стјуарт Мек вели дека ова што се прави во македонската метропола, во САД се случувало до 1912 година. Тој смета дека денес модерни се апстракни скулптури кои не стојат цело време на едно исто место. Домашните експерти одат од крајност во крајност. Едни се воодушевуваат на кампањата, други сметаат дека проектот треба да се абортира.

Анализа на Душко Арсовски

Во кампањата за привлекување странски туристи во Македонија доминираа кадри од проектот Скопје 2014. И,се чини, тоа донесе ефекти. Охрид го загуби првото место по посетеност кое го држеше со години. Колку што на странците им се привлече вниманието, толку домаќините го вртеа погледот од она што се прави на и околу плоштадот Македонија. Што мислеа домашните, кажаа кога на локалните избори, во општина Центар победи опозицискиот кандидат. Но, полемиката не заврши.

Професорот по просторно планирање од Државниот Универзитет на Њу Џерси Стјуарт Мек објаснува дека нема светски стандард колку споменици може да се постават на еден квадратен метар, но новите трендови се други.

„Денес повеќе можат да се видат апстрактни статуи, но, исто така се среќаваат привремени инсталации. Тоа значи паркови или други места добиваат серија статуи со различен стил кои ротираат - стојат таму некое време, а потоа се заменуваат 

Само на два моста на Вардар, еден до друг, има шеесетина статуи, дополнително дестиците други на плоштадот, во паркот спроти Собранието, на и околу зградата на новото МНР. Личности од домашната, туѓа историја, антиката, политичари, уметници. Ова во Скопје потсетува на нешто што преку океанот се случувало пред повеќе од еден век.

Професорот Мек, за Диверзити Медиа ќе каже:

„ Идејата за поставување статуи, други уметнички дела и клупи, дојде како идеја на таканареченото „движење за убав град“ кое имаше намера да го имитира она што го правеа европските градови со подигање статуи и правење на јавните места атрактивни. Ова почна во доцните години од 19 век. И вистински заживеа со светската изложба во Чикаго во 1893 година“

Мислења

Во оваа кампања за разубавување на Скопје, аналитичарот Харалд Шенкер најде грешки во статуите. Забелешките ги филмуваше во мини - документарец.

„ Многу од спомениците имаат грешки, посебно во статиката и димензиите, некогаш во повеќе или помалку срамни детали. Со такви грешки овие споменици не ги удостојуваат историските личности во чие име се подигнати“

Малку од граѓаните го забележале ова. Статуите или им се допаѓаат или не.

„ Тие се добри, само народот што гладува“

„ Се воодушевувам што како дело е направено, но не е кажано чија статуа е“

„ Дел се добри, дел се можеби на погрешно место ставени, но, добри се“

„ Не сум задоволен од вакви работи“

„ Сѐ што се прави е добро“

„ Човечката глупост нема граници“

Некои од архитектите со две раце го прифатија ова што се случува во центарот  на Скопје, како на пример,пензионираниот Васил Иљов.

„ Радикално се менува сликата на градот во позитивна смисла и никако не можеме да се сложиме со оние коишто даваат изјави дека наводно со ова се нагрдува градот, дека уметниците и архитектите не знаат што прават. Ние само се обидовме како архитекти и нормално и сите други што учествуваат во ова разубавување на градот да ги искористиме тие иновации од нашите предци, од нашата македонска цивилизација“

Малер?

Но, неговиот колега Мирослав Грчев предвидува лоши ефекти врз обичните луѓе на кои сега со Скопје 2014, според него, им се наметнува нова историја.

„ Преминува во тешка психосоцијална штета која што ќе ја понесе секој од нас затоа што ќе дојде до подвојување на нашите личности, буквално. Идентификационата слика кога се подвојува и еден дел од личноста. Тоа е наметната, насилна шизофренија во која нѐ турка оваа власт со оваа неодговорна политика“

Сите овие критики се појавија откако веќе Скопје почна да се менува. Претходно немаше јавна дебата и се создаде впечаток дека кој и да го смислувал проектот, го чувал како најстрога тајна. Американското искуство е поинакво. Таму одлучува таканаречена Комисија за врвна уметност, составена  од седум члена кои ги назначува шефот на државата. Таа дава амин за секој сантиметар измена на просторот, објаснува професор Мек:

„ Постои потреба да се слуша јавноста и да се постигне консензус за целите на инсталацијата. Мислам дека Комисијата за врвна уметност е добра идеја и тоа тело може да биде независно и советодавно. “

Додека државата да добие вакво тело, новиот градоначаник на Центар, Андреј Жерновски најави свој терк на работа.

„ Сакам да потенцирам, јасно и гласно, дека ова е последното нагрдување на општина Центар. Од утре ниту еден сантиметар на општината нема да се приемнува, ниту да се моделира за нешто друго, ниту ќе има промена на тој сантиметар, без да се прашаат граѓаните на општина Центар. “

Ако се изземат критиките, неспорно е дека со државната интервенција во просторот, Скопје доби повеќе содржини. Идејата на американскиот професор за ротација на статуите можеби е изводлива, но новите неокласични згради не можат да се поместат. Ќе останат како белег на едно време во кое ги бие малер. Некои уште незавршени, се поплавија од надојдениот Вардар.

AddThis Social Bookmark Button