Куманово меѓу Ирак и Авганистан

Kumanovo megju Irak i Avganistan by Diversity Media on Mixcloud

Кумановците кои најдоа работа во Ирак и Авганистан на градот му донеле околу една милијарда долари во последните десетина години. Малку од овие пари се вложени во бизнис и во создавање работни места, велат аналитичари. За некои проблемот е психосоцијален. Според други локалната самоуправа и државата не им гарантираат фер натпревар на пазарот.

Анализа на Душко Арсовски

Центарот на Куманово и натаму е пренатрупан со кранови и со камиони. Се подигнуваат станбени згради на секој агол. Најголем дел од инвеститорите се повратници од Ирак и од Авганистан. Економски експерти оценуваат дека ова вложување не носи одржлив развој. Но, не сите се заинтересирани за недвижности. 

Бобан Бојковски е еден од оние кои имал намера да почне бизнис во најавената економска зона во старата касарна.

Бобан Бојковски, повратник од Авганистан:

„Баш за овие луѓе уште на почетокот на својот бизнис имаше една заедничка служба која што требаше да им помогне во книговодствени услуги, шпедитерски услуги итн. Тој проект е откажан. Зошто е откажан и дали во овој период вие имате некој сличен проект?

Наместо овој, градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски најавува нов и според него атрактивен проект.

Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово:

„Со страв овие денови ќе ја распишам лицитацијата за 60 нови парцели, односно 600 илјади квадратни метри изградена индустриска зона во атарот на селото Речица, каде очекуваме да имаме апликација на некои заинтересирани идни инвеститори под најповолни услови што постојат некаде во светот. Ќе имаме едно евро за квадратен метар и нула евра комуналии“

Кумановци тешки милијарда долари

И претседателот на општинскиот совет, Максим Димитриевски е повратник од печалба. Пресметал дека сите пари што ги донеле кумановци од Ирак и Авганистан тежат колку 50 годишни буџети на градот или околу една милијарда долари. Малку од ова се инвестиции. Објаснува некои од причините.

„Ние во Куманово немаме една сериозна водоинсталатерска фирма, а имавме во Ирак и во Авганистан најмалку 1000 висококвалификувани водоинсталатери. Не се осудуваат да влезат да инвестираат. Не можете да основате фирма којашто ќе генерира капитал да ве издржува вас, вашето семејство и вашите најблиски, да ви купи автомобил, да ви ги даде сите благодати на уживање и живеење, а притоа да го направите сето тоа со 50 илјади евра. Таква формула во светот на бизнисот не постои. “

Истражувањето што го направи Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, покажало дека 60 проценти од печалбарите не сакаат да инвестираат во Македонија. 

Христијан Ристески коавтор на овој труд дава предлози како локалната самоуправа да ги мотивира оние со капитал.

„Како еден пластичен пример би ја дал гасифкацијата. Да се формира општински претпријатие каде што капитал би дале и тие лица кои имаат слободен капитал којшто го заработиле во Ирак и во Авганситан. На некој начин би им се гарантирала минимална заработка и оплодување на капиталот. Друго е креирање на амбиентот колку што може бидејќи ингеренциите се многу испреплетени и не е само во надлежност на општината да создаде позитивен бизнис амбиент во кој ќе се гарантира нормално владеење на правото“ 

Една од причините зошто малкумина од повратниците се одлучуаат да почнат бизнис е исполитизираноста на институциите, покажала анализата на ЦЕА. Затоа професорот од Евроколеџ, Куманово, Синиша Наумоски, предлага решение:

„Општина Куманово да биде прва општина која ќе се деполитизира. Како да се деполитизира? Општина Куманово мора да им даде прво на пиедесталот важност на луѓето кои креираат пари. Секој човек којшто е богат треба да биде број еден. Треба да им се радуваме, а не да им завидуваме. Успешна компанија - подадена рака од локалната самоуправа, без разлика кој од каде доаѓа, па дури и каков и да е начинот на успех.“

 

Менталитет

И карактерот на печалбарите е причина за малиот број инвестиции. Деканот на Евроколеџ, Љубиша Петрушевски објаснува оти тие се профили на луѓе кои очекуваат да имаат посебен статус во заедницата.

„Тие треба да добијат повеќе од тоа што го имаат. Општина Куманово може да им понуди одредена инклузивност во системот каде што не само тие ќе добијат профит, туку и ќе бидат многу прифатени како некои значајни луѓе. Говориме за успешни претприемачи и нивниот успех треба да биде форсиран“

Со најавата за затворање на воените кампови во Ирак и Авганистан, во последната година драстично е намален бројот на кумановци во овие држави. Затоа некои од експертите прогнозираат дека заработените милиони ќе се потрошат, ќе завршат во некоја странска држава или во банка.

„Околу 90 до 120 милиони евра ги имаме по видување, не орочени. Тоа се живи пари. Замислете ако ние не успееме од тие пари барем 10 проценти да ги инвестираме во Куманово, јас ќе речам дека не сум успеал како научник ништо да придонесам“, оценува професорот Синиша Наумоски.

Неофицијални податоци говорат дека за сите овие години околу 5000 кумановци биле, се вратиле или сè уше се во кризните држави. Како се затвораат работните места таму, се бележи тренд на заминување кон Катар и кон некоја од африканските држави. Куманово испишува нова историја - стана печалбарски град, тоа што овде никогаш не било традиција. 

AddThis Social Bookmark Button