Дебата_мк - Апсолутна власт

  

Апсолутистички начин на владеење или придржување на основите на парламентарната демократија е системот што го практикува актуелната локална и централна власт?  Како се однесува власта,  особено во периодот по локалните избори, кога коалицијата на власт уште толку ја зацврсти својата позиција. Каде се граѓаните, кои се темел на демократијата, дали се само гласачка машина на силно централизираните партии со неприкосновени лидери? Ова беа дилемите за кои се дебатираше во Струмица, на третата дебата што Диверзити медиа ја организираше во рамките на проектот „Дебати_мк“.

За политикологот Владимир Божиновски, фактот дека власта мандатот го добила на слободни избори, зборува дека се практикува демократски систем. Меѓутоа, за поранешниот гувернер на Народната банка на РМ, Петар Гошев тоа што извршната власта смета дека може да ги троши народните пари без за тоа да ја праша законодавната, не е одлика на современата демократија. Законодавната власт, претставувана од Собранието, според пратеничката од СДСМ од Струмица, Цветанка Иванова, е продолжена рака на владата, а институциите се суспендирани.

Струмичани, кои ја следеа дебатата во Домот на АРМ, прашаа чија е одговорноста за состојбата, зошто изминатите владеачки гарнитури дозволија ерозија на системот, а граѓанинот стана слаба алка во системот, кој трпи притисоци доколку размислува поинаку од власта. 

На дебатата не успеавме да го слушнеме мислењето на пратеникот од Струмица од владеачката  ВМРО ДПМНЕ, Славе Гошев, кој во последен момент го откажа учеството поради обврски.

Дебатата под наслов „Апсолутна власт“ е дел од проектот што Диверзити медиа го реализира во рамки на програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој, ЦИРа. Проектот е обид да се поттикнат граѓаните како и  интелектуалната, академската и експертската јавност активно да се вклучат во развојот на јавниот дијалог. 

  

AddThis Social Bookmark Button