АПСОЛУТНАТА ВЛАСТ АПСОЛУТНО РАСИПУВА

Apsolutnata vlast apsolutno rasipuva by Diversity Media on Mixcloud

  

Македонската власт практикува тесно демократско владеење, каде партијата е во знак на еднаквост со државата. Во услови кога една коалиција на власт држи речиси се’ под контрола, а граѓански иницијативи како контрола на власт речиси и да нема, сосема на место е прашањето – живее ли македонското општество во состојба на апсолутна власт? Ова беше темата на третата дебата што Диверзити медиа ја организираше во Струмица.

Македонија по својот систем на уредување е парламентарна демократија. Дека има демократија, потврдува фактот што власта се избира на слободни избори, кога граѓаните избираат која политичка опција да ги води, е ставот на политикологот Владимир Божиновски.

„Апсолутната власт или апсолутистичка власт ја има во системи каде граѓаните немаат можност да одлучат кој сака да ги води. И тогаш можеме да говориме за авторитаризам,можеме да говориме и за тоталитаризам. Тоа се тоталитарни авторитарни општества“.

Слободните избори не се доволен изговор за да се каже дека владее демократија во Македонија, смета долгогодишниот политичар  Петар Гошев. Тој ја цитира мислата на лорд Ектон, кој вели: „Единствено обземачко зло на демократијата е тиранијата на мнозинството“ . Затоа Гошев прашува дали навистина ни се случува владеење на тиранија во име на мнозинството? Според него, современиот систем на владеење не смее да се сфати само како можност да се излезе на избори  и прашува каде е правдата?

„Ако го нема ова како суштина на демократијата, има многу помалку шанси да направите правично општество. Речиси не можете да направите. Затоа што за тоа што е правично, не може да одлучи еден центар, што е добро – не може да одлучи еден центар, без оглед  на бројот на гласовите што ги добил на некои избори“.

Еден центар

Гошев наведува примери на земји каде една партија, еден владетел освојувал победа со фантастично висок број на освоени гласови, како што беше соседна Србија и Слободан Милошевиќ, и при тоа, како што вели – дали таму имаше демократија?

А, како владее сегашната власт? Според пратеничката од опозициската СДСМ, Цветанка Иванова, се владее со исклучување на другите, а се донесуваат закони, се управува и суди од еден центар. При тоа нема механизми за контрола, вели Иванова.

„Уставниот суд е една ветрометина во зависност од тоа која политичка партија е на власт. Вториот механизам се граѓанските иницијативи. Власта се добива на денот на изборите, но не значи дека сите тие четири години граѓаните ја поддржуваат таа власт. Каде се граѓанските иницијативи? Погледнете што се случи со иницијативата на „Аман“? Таа не се однесува на политичко прашање, туку на егзистенцијално прашање за сите нас. Ама иницијативата не успеа“.

Тоа е проблем на современиот начин на владеење на неколку македонски влади, вели политикологот Божиновски, односно систем  сфатен во стилот – „ако не е нешто под моја контрола, тогаш е под контрола на другиот“.

„Никој не сака да се сети дека нешто ако не е под моја контрола, може да биде под некоја трета контрола. Под нешто што се нарекува граѓанство. Преголема политизација има во Македонија. И тоа не е таа политизација од сега. Проблемот е како ние да ја надминеме“.

Дезориентација

Проблемот, според Петар Гошев, е и во начинот на сфаќањето на владеењето.

„Во Македонија, ако сакате да останете со свој ум, со свој интегритет, кога преземате функција треба  однапред да расчистете дали сте подготвени да ве сменат затоа што сакате да бидете строго по прописите, дали сакате функцијата што ја вршите да биде согласно Уставот и законите на Република Македонија, а не во согласност со интересите на некоја тајфа, на некоја група, на некои поединци“.

На крајот сè се сведува на прашањето  - дали навистина живееме во систем на апсолутна власт, констатираше еден од присутните на дебатата во Струмица, кој праша каде се академиците и универзитетските професори да го стопираат процесот, кој трае со години.

„Дали од страв, дали од нивно убедување, се приклонија на таа апсолутна власт, од гледна точка дека користат огромни бенифити од таа власт. За жал, обичниот граѓанин остана дезориентиран, како да нема трета опција. На граѓанинот му треба граѓанска опција“. 

Дебатата во Струмица на тема „Апсолутна власт“ беше трета од проектот „Дебати_мк“ од програмата Цивика Мобилитас на Центарот за институционален развој ЦИРа. 

  

AddThis Social Bookmark Button