Даневски избега под будното око на државата

Додека некогашниот функционер во владата на Љубчо Георгиевски во Бугарија гради имиџ на консултант и бизнисмен, обвинителството во Штип и во Свети Николе се обидува да докаже дека Зоран Даневски незаконски влегол во агрокомбинатот „Џумајлија“. Со отворањето на стечајната постапка на виделина излезе дека државата го помагала комбинатот, а толерирала и финансиска недисциплина.

Анализа на Весна Коловска

Една од најголемите македонски житници – Овче Поле, оваа пролет е обрасната со трева. Вториот по големина агрокомбинат „Џумајлија“ од Лозово што стопанисуваше со житницата, е во стечај. Неговиот директор Зоран Даневски во ноември 2011 година  пребега во Бугарија, откако беше осомничен за проневера на 5.400 тони жито од стоковите резерви, вредни милион и пол евра.  Штипското Основно јавно обвинителство сѐ уште го гради обвинението. Додека за две други дела треба да му се суди во Основниот суд во Штип. Едното е за избегнување даночни обврски на штета на  државата, додека со другото му се оспорува купувањето акции на „Џумајлија“, со што ја оштетил компанијата. Кривичниот законик за двете дела пропишува казна затвор од 15 години.

Судијата Стојан Михов вели дека судењето не може да почне, бидејќи Даневски е недостапен за правдата. Обвинението не му е предадено, а преку Министерството за правда е побарана меѓународна правна помош. Тоа подразбира дека преку македонското Министерство за правда се бара помош од бугарското Министерство за надворешни работи, кое пак, потоа преку Министерството за правда на Бугарија, треба да го лоцира Зоран Даневски за да му го предаде обвинението. Михов вели дека вообичаено, таа процедура бара време. 

И додека државните органи не можат да го лоцираат бараниот за екстрадиција во Македонија, новинарите одамна го лоцираа во малото погранично бугарско гратче Гоце Делчев. Таму пред близу две години се населил со сопругата, а за овој период гради кариера на земјоделски консултант и бизнисмен. Само неколку дена по бегството од Македонија, таму со Бугаринот Росен Георгиев ја основал фирмата „Земпром“. Во Трговскиот регистер на Бугарија е регистрирана за 1000 лева (500 евра), со основна дејност „откуп и продажба на вино во Бугарија и странство, маркетинг и консултација во областа на земјоделството, посредство и агентура на лица или на домашни и странски друштва, како и проучување и анализа на пазарот“. 

На 10 ноември годинава, му истекува условната казна од една година и три месеци, поради тоа што при полициска контрола близу Банско, покажал фалсификувана лична карта на 40-годишен Бугарин од Ќустендил. Всушност, оваа пресуда на судот во Разлог го спаси Даневски да ѝ биде испорачан на Македонија. Во Министерството за правда рекоа дека Бугарија позитивно одговори на барањето за екстрадиција, меѓутоа, ако Даневски во меѓувреме добие бугарско државјанство,  може и да го смени мислењето, бидејќи Македонија и Бугарија немаат потпишано билатерален договор за испорачување на свои државјани.

Тројцата бугарски адвокати на Даневски веќе побараа заштита од министерот за надворешни работи,  бидејќи како што изјавија во тамошните медиуми,  „тој се чувствува како македонски Бугарин и смета дека постои ризик во Македонија да му бидат нарушени правата по политичка и по етничка основа, откако станало јасно дека е бугарофил“.   

Државата нем набљудувач

На заминувањето на Даневски му претходат серија пропусти на државата. Истрагата за злоупотребата на житото од стоковите резерви ја води судијка од светиниколскиот Основен суд, која, според малцинските акционери е сопруга на братот на Соња Даневска, сопругата на Зоран. Истрагата неколку дена не успеала да го најде Даневски во малото Свети Николе и да го повика да даде исказ, вели малцинскиот акционер Трајче Ѓорѓиевски.

„Во градот се зборува дека тој бил информиран пред да се пушти потерницата за на време да избега во странство“, изјави Ѓоргиевски.

Иако од „Џумајлија“ не платиле данок цели 11 месеци, Управата за јавни приходи ја оставила компанијата да работи слободно. Од ноември 2011 година, кога Даневски пребегал во Бугарија, до петти јуни 2012 година кога е отворена стечајната постапка, агрокомбинатот „Џумајлија“ останува без речиси целиот свој имот. На државата ѝ треба повеќе од половина година додека да стави контрола. За тоа време, на сцена стапуваат извршители и доверители. Тутунска банка ја активира хипотеката за дадениот кредит и ја презема вредната винарска визба, еден од поголемите капацитети во регионот. На сличен начин доверители  преку извршување го преземаат млинот и мотелот.

На стечајната управничка Владица Ивановска ѝ останаа за продажба половни трактори, машини и механизација, како и петнаесетгодишен лозов насад од 350 хектари. Ивановска смета дека со продажбата ќе може да обезбеди близу два милиони евра, од кои повеќе од половина ќе одат за исплата на лозарите, кои не биле исплатени за предаденото грозје. Во меѓувреме, тие успеале со судска пресуда да се обезбедат во стечајната постапка за да бидат први за исплата. Ивановска веќе оспорила некои од извршувањата, за кои ќе се обиде да докаже дека се незаконски изведени. Се бараат фирмите, основани со потпис на Даневски, каде се одлевале парите од агрокомбинатот „Џумајлија“. Засега е воведен стечај во лозарско - винарското друштво „Ловин„, и тоа, од осми април годинава.

Трагите водат во над 20 фирми, а некои се регистрирани во странски земји, како во Германија, Англија, Србија, кои според досегашната документација, се без капитал. Меѓу побарувачите во стечајната маса, според Ивановска,  се сопругата на Даневски, Соња, која е управник на хотелот „Овче Поле“ со 350.000 денари, како и долгогодишните адвокати во приватните процеси на браќата Даневски, Слободан и Зоран, кои пријавиле побарувања од четири милиони денари.

Судење долго 10 години

Во родното Свети Николе, судот го очекува Даневски за две дела. Во едното обвинение стои дека Зоран Даневски со  лажен документ ја довел државата во заблуда дека се исплатени лозарите, кои го продале грозјето во винарската визба на Џумајлија, по што му е дозволен откуп од новата реколта.  Другото е за злоупотреба на стокови резерви.

Од преземањето на управувањето на Џумајлија, судовите во изминатите години имале многу работа со Даневски. Малцинските акционери велат дека бизнисите на Даневски немало да постојат доколку судовите покажеле ефикасност. Веќе десет години во штипскиот Основен суд е предметот со кој се оспорува купувањето на акциите од страна на браќата Даневски.

„Ако во 2003 година по штрајкот во Џумајлија се тргнеше како што треба – власта ни ветуваше дека ќе се спроведе законот на дело и судот ќе пресуди како што треба, денеска немаше да имаме необработени 5300 хектари површина и агрокомбинат во стечај, туку браќата Даневски ќе беа таму каде што им е местото, комбинатот ќе работеше и целиот терен ќе беше жив“, изјави Ѓорѓиевски.

На 30 мај годинава не се одржа судењето кое требаше да биде трето по ред, откако Апелацискиот суд по втор пат ја укина ослободителната пресуда. Обвинителството приложува докази според кои тврди дека браќата Даневски на незаконски начин влегле во Џумајлија. Во 2001 година Агенцијата за приватизација на општествениот капитал со која раководи Марина Кавракова, братучетка на Даневски, го нуди на продажба пакетот акции од 24,85%  за 600.000 германски марки. Во рок од само неколку дена се менува одлуката и тие се продаваат намалени за 50%, иако според законот се нуди попуст  доколку нема заинтересирани купувачи. Ова е потврдено со вештачењето, што го наложил судот во текот на процесот. Се вмешува и државното правобранителство, кое смета дека продажбата е спротивна на законот. Со само 24,85% капитал, Слободан Даневски го презема управувањето на Џумајлија.

Обвинителството нуди докази дека акциите се платени со позајмица од штипскиот бизнисмен Лазар Читкушев и неговата компанија Винекс. Слободан Даневски, подоцна во улога на претседател на Управниот одбор на Џумајлија зема кредит од  Тутунска банка за финансирање на извозни активности на 16 февруари 2002 година, а ден порано склучува договор за позајмица со фирмата на неговиот брат Зоран, „Зоки 28“, на која веднаш ѝ исплаќа 6 милиони денари. Зоран, во тоа време е член на Управниот одбор.  Од тие 6 милиони,  3.650.000 денари се позајмица, додека 2.350.000 денари се враќање на позајмица. Во одговорот на Апелацискиот суд од 6 април 2010 година, пишува оти нема доказ дека Џумајлија позајмила од фирмата „Зоки 28“. Подоцна  по налог на „Зоки 28“ се префрлаат 3 милиони денари на сметката на Винекс. Лазар Читкушев во своерачно потпишаната изјава пред суд, вели дека позајмицата  што ја дал од 400.000 германски марки,  Даневски ја искористил за купување акции во Џумајлија.

Овој предмет има интересна историја. Се чини дека меѓу ослободителните пресуди и укинувањето на Апелација, редовно се добивало на време.

Прв предметот го суди Стојан Михов. Откако Апелација ја укинува ослободителната пресуда, за судија се назначува Јулијана Неткова. И таа донесува ослободителна пресуда. Меѓутоа, Даневски за адвокат го ангажира нејзиниот сопруг, па требало да помине време додека се назначи нов судија и за тој да се запознае со предметот. По укинувањето во 2010 година, три години подоцна,  по трет пат во Основниот суд овој предмет , ќе го суди еден од најмладите судии во штипскиот Основен суд, Ѓорги Андонов.

На 20 септемери 2004 година, Агенцијата за приватизација одбива да ги регистрира 27,12% од акции (7.219 акции)  на 298  вработени на Џумајлија, поради доцнење на уплатата. Вработените тврдат дека за цело време им било одбивано од платата на благајна во Џумајлија, според договорот што го направиле со фирмата. Во текот на судењето со вештачење е докажано дека на вработените им е задржувано од плата. Три месеци подоцна, компанијата на Зоран Даневски, „Зоки 28“ купува 4.366 акции. Со ова, семејството Даневски имаат над 50% од акциите на комбинатот.

За браќата Даневски во годините што изминале во обвинителството и судот во Штип и Свети Николе се градат неколку предмети и се водат повеќе истраги. Еден од поинтересните е врзан со прогласувањето суша во конфликтната 2001 година од страна на Владата. Со одлука на Владата на Љубчо Георгиевски, Џумајлија добива 100 тони државна нафта во бонови, а на секој од близу 300 вработени требало да им се исплати по 6000 денари. Со вештачење е утврдено дека  помошта од по 6000 денари наместо вработените, се исплатени сезонските работници за нивниот краток ангажман. Обвинителството го обвинува Слободан Даневски за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи како што тврди, боновите за нафта преку неколку други фирми ги претвора во пари, а дури и од благајната на Џумајлија со каса исплати зема дополнителни 676.000 денари за купување нафта.

Меѓу судските списи се и предметите со кои се тврди дека преку две фирми се продавале пченица и брашно на “Џумајлија“, а парите завршувале во приватни џебови. Извесен Златко Стојановски од Скопје, дава изјава пред суд, во која тврди дека под притисок на рекетари од Србија лажно сведочел во корист на Слободан Даневски. Во потпишаната изјава, заверена на нотар, кажува дека парите од житото во готово лично му ги носел на Даневски, иако бил принуден вината да ја префрли  на финансискиот директор во Џумајлија, за кого подоцна дознал дека се обесил. Државата на неколку пати била оштетена со милионски износи поради неплаќање данок, за што се спроведени и истражни постапки. Тоа не било пречка на Џумајлија редовно да ѝ се префрлаат субвениции. Комбинатот годишно добивал по околу 600.000 евра државна помош.

Слободан Даневски, по два пратенички и два градоначалнички мандати живее и работи во Свети Николе. Зоран Даневски не смее да ја напушти Бугарија и секојдневно се јавува во полиција поради условната казна, иако може да се види како со актовка слободно се движи во Благоевград. Светиниколчани кажуваат дека синот е во Америка, додека ќерката, која се средношколка, останала во семејната куќа во Свети Николе. 

Плодната ораница од 5300 хектари, која агрокомбинатот Џумајлија ја имаше под концесија од  државата, е огласена во домашниот и странскиот печат. Според Министерството за земјоделство, се чека да се отворат понудите. Дали ја има и понудата на индиецот Субрата Рој, или на богатите Израелци, за кои се шпекулираше во јавноста, ќе се знае наскоро. Од богатиот комбинат остана малку, а многу нешта зависат од претстојните судски процеси.


Која е вистинската причина за бегството?

Светиниколчани кажуваат дека неколку некогашни кооперанти на Џумајлија се врската на Зоран Даневски со татковината, кои редовно го посетуваат во бугарскиот град Гоце Дечев, каде што живее тој. Кажувајќи за причините за заминување, наводно тој им  изјавил дека не избегал поради скандалот со житото со стокови резерви туку дека бил притиснат од една банка од која зел кредит, поради што бил принуден сред ноќ да потпишува нотарски договор.

Една од многуте шпекулации кои кружат во Свети Николе е дека Даневски бил притиснат и од една политичка партија, на која наместо 300.000 евра, колку што барала, ѝ платил само 100.000 евра, како прилог во кампањата за предвремените парламентарни избори. Малцинскиот акционер Трајче Ѓорѓиевски потврдува дека има такви шпекулации во Свети Николе.

„На почетокот кога СДСМ дојде на власт, нѐ лажеа дека ќе ја завршат работата како што треба, меѓутоа, тие само добро ги рекетираа. Си имаа корист додека, ние вработените, трпевме последици. И едната и другата власт ги рекетираа, им земаа пари. Тие стокови резерви да се злоупотребат, мора и луѓето од власта да имаат информации и мислам дека знаеја каде одат пченицата и јачменот. Мислам дека дојде до курцшлус меѓу нив и Даневски не им ги испорача парите како што треба и мораше да замине“, изјави Ѓоргиевски.


Даневски - функционери во владата на Љубчо Георгиевски

Експанзијата на браќата Даневски почнуваат откако Слободан Даневски станува еден од петте пратеници на Либерално-демократската партија во 1999 година. Во 2000 година, кога  Либерална партија се отцепува од ЛДП, Даневски останува во партијата на Стојан Андов и е клучниот пратеник, со кого Владата на Љубчо Георгиевски добива доверба.  Слободан станува член на Управниот одбор на Агенцијата за трансформација на општествениот капитал, додека неговиот брат Зоран е директор на Управата за ветеринарство до ноември 2002 година, кога се формира Владата на Бранко Црвенковски. Слободан Даневски во два мандата беше градоначалник на Свети Николе.


Бугарско засолниште

Бугарските весници беа навредени од пишувањето на „Капитал“ кој Бугарија ја нарече „Мексико на Балканот“. Меѓутоа, факт е дека покрај Даневски, во Бугарија, земја членка на ЕУ, е и некогашниот македонски министер за здравство Владо Димов, кој беше обвинет за службената положба и овластување. Димов долго време се бараше со потерница, сѐ до давањето исказ пред бугарскиот суд. Тој во Бугарија е угледен лекар, началник на одделот за микроинвазивна и лапараскопска хирургија во приватната клиника со јапонски капитал „Токуда“ во Софија. Делото на Димов застарува во 2015 година.

Со пресуда  од македонските судови за затворска казна од 15,5 години и исплата на штета од милион евра за злоупотреби, во Бугарија пребега и Владислав Тамбурковски,  фамозниот стечаен управник и бизнис партнер на поранешниот српски премиер Мирко Цветковиќ. Американскиот магистрант успеа да се смести како вонреден професор на Американскиот универзитет на Благоевград, а работел и како консултант за повеќе големи светски фирми. Веќе подолго време нема никакви информации за него.


Сторијата е реализирана со финансиска поддршка на ЦИН СКУП Македонија.

AddThis Social Bookmark Button