Државна стратегија на "килава" статистика?!

Државна стратегија на "килава" статистика by DiversityMedia

Додека јавноста се уште очекува да ги слушне вистинските причини за прекин на пописот, научниците ги пребројуваат последиците меѓу кои е и таканреченото „временско заостанување“ во собирањето на податоците. Во отсуство на нови пописни податоци прашуваме -  има ли државата  квалитетни и меѓународно споредливи бази на информации, на какви инстистира Европската Унија. 

 

Францускиот инвеститор Жак Мопа кога за прв пат дошол во Македонија, ги добил речиси истите поволности за инвестирање како и во Украина, Србија, Бугарија и Полска. За десет години работа во Македонија тој овозможил 3.500 работни места во компании како Фени, Силмак и Руен, каде е претседател на Управниот одбор. Пресудно за Мопа да инвестира во Македонија бил човечкиот потенцијал. 

-Еден инвеститор кога доаѓа во Македонија го планира својот бизнис за 10-15 години. Тој многу добро знае дека за овој период платите може да пораснат или да се променат финансиските услови. Но, она што е важно за него е дали постои квалитетна образовна структура и дали инженерите и стручните кадри се добри во својата област, вели Мопа.  

Најновите податоци за образованите кадри, познавањето јазици, компјутерски вештини, воопшто за структурата, требаше да ги даде пописот. На нивното ажурирање ќе се почека, бидејќи датум за нов попис нема во најава. Зошто е толку очекуван и важен овој попис?

Има регистри, нема јасна статистика

Според професорката по демографија Мирјанка Маџeвиќ изминатите десет години меѓу двата пописа се извонредно динамични кои донесле значајни промени кај населението.

-Една таква промена е масовното заминување на младо население од државата, за кое, за жал, немаме никакви податоци или ако има, тоа се многу оскудни податоци. Пописите се еден начин да се соберат податоците. Регистрите на население се друг извор, а тие се исто така многу значајни. Потребно е секоја промена што се случува кај населението, да може да се регистрира, посочува Маџeвиќ.

Во Државниот завод за статистика велат дека податоци не се собираат само преку пописот. Во писмениот одговор од Заводот стои дека се прават истражувања во областа на виталните статистики, миграциите и на нив заснованите проценки на населението. Овие податоци, според Заводот, се добиваат преку административните регистри.

Сепак, за професорот по статистика на Економскиот факултет во Скопје и член на Државната пописна комисија Славе Ристески, пописот е тој што дава најтемелни податоци од теренот. Според него, за една држава да може да планира, многу е важно да има податоци од различни структури.

-Тука се образовната структура. Националната структура на населението. Економската, од аспект како се класифицирани одделните дејности, номенклатурата на занимањата, на производите забележани од Државниот завод за статистика. И секој истражувач, домашен и странски, може да ги користи за соодветна анализа. Државниот завод за статистика има капацитет за тоа доколку не се вмеша политиката, коментира Ристески.

Бројките важни за ЕУ

Бројките и процентите во Македонија, со јазикот на политичарите, станаа политика преку која се доаѓа до работни места, се обезбедуваат одделни права или се учестува во власта.

Меѓутоа, Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија, која како што вели директорот во европската статистичка агенција Евростат Петер Евереарс е базирана на статистика.

„Субвенциите во висина од 30 милијарди евра што ги дава Унијата секоја година на своите членки се базирани врз статистика. Статистиката го определува учеството, но и субвенциите од членувањето во Европската Унија. Ете зошто статистиката треба да биде веродостојна. Земјите треба меѓусебно да си веруваат. Затоа се фокусираме на статистиката, бидејќи таа е инфраструктура на Европската Унија“.

Извори за Диверзити медија велат дека од Евростат јасно укажале дека додека не се постигне политички договор со кој ќе се почитува европската методологија на попишување, во Македонија не може да биде организиран нов попис.

 

 

Статистика, статистика, статистика...

Податоци многу, збирни ни за лек

Вкупно осум пописни циклуси се одржале на територијата на денешна Македонија, од завршувањето на Втората Светска Војна досега. Во рамките на својата самостојност, земјава спровела два пописа. Еден во 1994 и вториот во 2002 година.

Свои статистики, односно бази на податоци имаат Народната банка, ПИОМ, министерствата, Агенцијата за вработување, матичните служби...

За секој граѓанин има електронски бази на податоци во биометриската лична карта, пасошот, електронската здравствена книшка, е-индекс, е-дневник, корисниците на социјална помош, катастарските податоци...   

AddThis Social Bookmark Button