АРТИМ ШАКИРИ: Да се забрани фудбалот на пет години

Artim Sakiri:Da se zabrani fudbalot na pet godini by Diversity Media on Mixcloud

  

По серијата инциденти на спортските терени проследени со излив на националистичка реторика, кулминацијата се случи на прекинот на финалето на Купот на Македонија во фудбал. Двете тетовски екипи Тетекс и Шкендија сред Скопје  не успееја да го завршат натпреварот по националистичките скандирања од навивачите. Диверзити медиа на својата дебата во Тетово го постави прашањето – кога спортот стана разединувачки фактор во државава?

Финалето на Купот на Македонија во фудбал почна со исвиркувањето на македонската химна.

Натпреварот продолжи со националистички извикувања.

Најзначајниот фудбалски натпревар, за кој фудбалерите се борат цела година, беше прекинат, а финалето се одигра четири дена подоцна, на стадион без публика. Тоа беше како најобичен тренинг, без возбуда, вели донеодамнешниот тренер на Шкендија и фудбалски ас, Артим Шакири.

„Јас велам да има казни, но дали има поголема казна кога нема навивачи на трибините? И финалето да не наликува на вистинско финале, каде натпреварот наликува на тренинг или пријателски натпревар? Нема прославување, нема радост. Тоа го покажа и резултатот во листата на ФИФА каде што секој месец одиме по три или четири места надолу. Нема подобрувања, не може да добиеме натпревари. Зошто? Сето тоа се последица од слабите резултати на македонското фудбалско првенство“, коментира Шакири.

Предизвикувачите на инцидентот во арената „Филип Втори“ останаа неказнети. Јавноста не ги дозна имињата на навивачите кои го прекинаа финалето на Купот. А, само колку енергија и време се потрошени на преговори помеѓу двата табори непречено да се одигра натпреварот од висок ризик. Две недели се разговарало со двата тима и со навивачките групи. Дури и странските амбасадори биле вклучени во преговорите. Очигледно, без ефект, бидејќи на крај штетата е по фудблерите и по спортот, воопшто.

Аларм

Социологот Артан Садику вели дека финалето е само слика на поделената општествената реалност, во која страдаат спортистите

„Наместо да се занимаваат со спорт, спортистите треба да се занимаваат со преговори и со други работи. Ова влијае и на нивните резултати. Јас верувам дека не може проблемот на поделбата да се реши преку спортот бидејќи не е веќе само спортски проблем. Во спортот имаме други загижувачки појави, навредувачки, фашистички извикувања, за кои во Европа се казнува и по 20 години затвор. Кај нас има вакви извикувања и тие се секојдневие на нашите натпревари “, смета Садику.

Поранешната капитенка на женската ракометна репрезентација, Гордана Нацева дека решението го имаат тие што го водат спортот и на крај, тие што ја водат државата:

„За мене ова е еден аларм, еден сигнал кој се праќа до сите нас преку спортот, дали навистина сме обединети не само преку спортот, туку и во секојдневното живеење, бидејќи спортот е рефлексија на нашето секојдневно живеење. Би била тажна ако е навистина така во секојдневниот живот толку да сме разединети“.

Единствен излез, вели Шакири, е да се забрани играњето фудбал во Македонија на пет години, по примерот на Азербејџан. Таму на две години се забранило играњето фудбал. За тој период играчите заминале во странство, страстите се смириле, се поставиле правилата и се инвестирало во нови тимови.

Едукација на навивачите

Нацева, пак, смета дека е тоа преголема казна за Македонија која го сака фудбалот и спортот. Според неа, треба да се работи со навивачите.

„Тие секако се сериозен фактор во спортот, меѓутоа, како што знаеме, тоа се групи кои што може да бидат раководени од една потесна гарнитура. Сепак, мислам дека можат да се контролираат, дека може да ги едуцираме и тие млади луѓе кои доаѓаат на натпреварите, да ја дадат својата поддршка“, посочува Нацева.

Шакри предлага едукација на навивачите во странство:

„Во нашите преговори со амбасадорите предложивме лидерите од навивачките групи од Холандија, Германија да дојдат во Македонија, да држат предавања на навивачите и да им објаснат како се бодри своја екипа, а не вака, вулгарно и да се навредуваат на национална основа“.

Присутните во публиката проблемот со навивачките групи го лоцираат на друго место.

„Со посебен акцент зборуваме за навивачите, иако добро знаеме дека проблемот не е токму кај нив.  Изворот на овие проблеми секогаш е некаде погоре. Особено се разединуваат општествата кои имаат многу стереотипи“.

По зачестените инциденти, во Кривичниот закон се воведоа нови одредби со кои предизвикувачите на омраза може да се осудат до пет години затвор.

  

AddThis Social Bookmark Button