Економија или екологија?

 

Акцијата на струшката локална власт за уривање на дивоизградени објекти на јавни површини, засега остана осамен пример по смената на локалната власт во државата. Ова беше една од темите за кои се разговараше на дебатата „Јавниот простор наспроти урбанистичката експанзија“, што се одржа во Струга во организација на „Диверзити медиа“.

Професорот Никос Чаусидис, кој е автор на книгата "Проектот Скопје 2014 – скици за едно наредно истражување" урбанизмот во еден град го спореди со семејство и куќата во која живее.

„Еден град без почитување на правила е еден хаос. Во една таква констелација – како живее еден човек во една таква несредена соба? Ист е како што е неговата соба. Несредената соба влијае директно врз несреденоста на човекот. Еден несреќен град, еден град во хаос, создава луѓе во хаос. Хаотична атмосфера, која потоа  манифестира хаос и меѓу луѓето“, рече професор Чаусидис.

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села рече дека урбанистичкиот хаос е пракса која владеела со години наназад. Ниту една власт досега не се обиде да стави ред во градежното дивеење, рече Села и дополни:

„Знам дека е тешко да се промени тој менталитет и да се преземе иницијатива, но, главниот проблем е што не се почитуваат законите. Во Струга досега прво почнуваше да се гради, а потоа се вадеше документацијата“.

Граѓаните не се тие што треба да ставаат ред, туку тоа се институциите, беше ставот на архитект Арјета Џумкар.

„Ако не се почитува законот, тогаш системот на функционира, не ни функционира и општеството. Урбанистиките проекти се многу јавни. Ако ние ги почитуваме, тогаш ќе има ред. Во спротивно, тука се институциите кои треба да стават ред“.

Експанзија

Во целиот тој хаос на непочитување на законот и интензивно градење, каде е заштитата на животната средина? Еколошкиот експерт Беса Татеши смета дека на удар на таа урбанистичка експанзија е животната средина.

„Населението живее или сака да живее во урбани зони. Урбаната експанзија е нешто што ние не можеме да го спречиме. Факт е дека таа експанзија влијае врз животната средина, меѓутоа, за жал, локалните и централните малку знаат за начините како да се одбрани“, вели Татеши.

Присутните од публиката, меѓу кои угледни архитекти кои работат во Македонија и странство забележаа повеќе проблеми кои го загрозуваат заштитеното охридско-струшко крајбрежје, а при тоа е замолчан гласот на експертската јавност. На дебатата стана збор и за најавениот проект кај Љубаништа на Индиецот Субрата Рој. Беа поделени мислењата дали парите на инвеститорот треба да бидат примарни, односно економијата пред екологијата и јавниот простор.

Дебатата во Струга беше седма од предвидените десет дебати од  проектот „Дебати_мк“од програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој, ЦИРа. Дебатите се поддржани и промовирани и од страна на Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа, дел од меѓународната ИДЕА мрежа која повеќе од десет години промовира дебата и критичко размислување помеѓу младитe.

  

 

AddThis Social Bookmark Button