Урбанистичка инвазија

Urbanisticka invazija by Diversity Media on Mixcloud

  

Акцијата на струшката локална власт за уривање на дивоизградени објекти на јавни површини на почетокот на туристичката сезона, засега остана осамен пример по смената на локалната власт во државата. Ова беше една од темите за кои се разговараше на дебатата „Јавниот простор наспроти урбанистичката експанзија“, што се одржа во Струга во организација на „Диверзити медиа“.

Анализа на Весна Коловска

Истурени шанкови, маси и столчиња по некогашното шеталиште по кејот на реката Дрим во Струга. Толку натрупани, што човек мора да употреби слаломски вештини во движењето помеѓу продавачите на дребулии и масите од кафулињата. Тоа е сликата и од оваа туристичка сезона на охридско - струшкото крајбрежје. 

Професорот Никос Чаусидис, автор на книгата "Проектот Скопје 2014 – скици за едно наредно истражување", урбанизмот во еден град го спореди со семејство и куќата во кое тоа семејство живее.

„Еден град без почитување на правила е еден хаос. Во една таква констелација – како живее еден човек во една таква несредена соба? Ист е како што е неговата соба. Несредената соба влијае директно врз несреденоста на човекот. Еден несреќен град, еден град во хаос, создава луѓе во хаос. Хаотична атмосфера, која потоа  манифестира хаос и меѓу луѓето“, рече професор Чаусидис.

Долгогодишниот охридски  архитект Димитар Зарчев рече дека Охрид и Струга како поатрактивни градови се „нападнатиˮ од како што ја нарече, урбанистичката инвазија. Одговорноста за нерегуларноста за незаконските измени или изнуди во Деталните урбанистички планови (ДУП-ови) не била на локалната самоуправа, туку на министерствата, кои ги донесуваат соодветните акти.

„Другата причина е што за каква била измена во заштитеното подрачје требаше да се формира тело од 21 човек од општината, музеите, Хидробиолошкиот завод, сите соодветни институции. Тоа тело треба да седне и кој било предлог за измена и дополнување или како предлог каков што е тој на Субрата Рој, да оцени прво, дали воопшто може да се разгледува. Јас ви тврдам најодговорно, врз база на документацијата што ја имаме, нему на крај памет нема да му падне да бара таква работа и тоа каде било на езерото“., рече Зарчев.

Села: преку вработеност до свесност

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села веднаш по доаѓањето на власт тргна во акција на уривање на дивоизградените објекти и шанкови.  На дебатата во Струга, Села ја демонстрираше решеноста да се справи со дивоградбите до крај, но од друга страна, стремежот да се создадат нови работни места преку нови инвестиции. Без добра економија, без работни места, без инвестиции, како таа на Субрата Рој, без плати не може да се размислува за ништо вели Села:

“Јас сум за инвестиции, бидејќи логиката ми вели колку помал е бројот на невработени, толку поголема ќе биде свесноста на граѓаните и за јавни простории, за урбанистички планови според светски стандарди. Ова ќе значи животна средина поприфатлив за нас и за генерациите на кои треба да им го оставиме ова наследство„

Економијата не е во противречност со екологијата. Треба да има инвестиции, кои секако треба да се анализираат добро, но, кои треба да носат и подобар живот за граѓаните, смета архитектот Фламир Елмази кој живее и работи во Швајцарија.

„На запад, во Швајцарија зборуваме за зеленила, екологија бидејќи економската ситуација дозволува секој да одвои од платата за овие работи. За да се дојде до овие услови најмалку треба да се гарантира квалитет на живот на граѓаните со што ќе порасне и свесноста„

Дебатата во Струга беше седма од предвидените десет дебати од  проектот „Дебати_мк“од програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој, ЦИРа

  

AddThis Social Bookmark Button