Тоталитаризмот и Македонија

  

Секој тоталитаризам е ист и е за осуда, следен од диктатура на личноста. Па, прашањето е кој стои зад креацијата на тие тоталитарни личности? Дали самите по себе станале тоа што се или некој со поддршка стои зад него?

Овие прашања ги постави професорот Тодор Чепреганов на осмата јавна дебата од проектот „Дебати_мк“ на Диверзити медиа.

Според Чепреганов, водачите во тоталитарните системи излегуваат од базата:

„Едниот е на врвот, којшто е персонификација на системот. Меѓутоа, оние што се околу и по заминувањето на тој лидер, којшто е персонификација на системот, тие луѓе долу, не го менуваат менталитетот. Дали ние самите не учествуваме во создавањето на тој тоталитарен систем? “.

Македонија има историја на тоталитаризам, а како продукт на репресијата врз човековите слободи се политичките затвореници. На Европскиот ден на жртвите на тоталитарните системи 23 август, една од прогонуваните и затвораните од минатиот систем личност, Шпетим Положани, на дебатата рече дека иако Македонија го смени системот на уредување, во земјата сè уште има премеси на тоталитарно општество.

„Голем дел од претставниците на тој систем станаа бизнисмени денес. Министер за правда во комунизмот стана министер за правда и после, а потоа и академик. Тој ја смени терминологијата,  но не го смени менталитетот. Како ќе одиме вака напред? Тогаш партијата беше мајка и татко. Денес, може ли некој да најде работа ако не е член на ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Положани.

Од современ агол, светските аналитичари предупредуваат од нов вид  тоталитаризам кој може да зафати земји кои се долгогодишни демократии. При тоа, како пример го наведуваат електронскиот тероризам, кога една земја, една нација може да ги контролира комуникациите на дел од светот.

Дебатата насловена „Тоталитаризмот и Македонија“ беше осма од проектот „Дебати_мк“, од програмата Civica Mobilitas на Центарот за институционален развој ЦИРа од Скопје.

  

AddThis Social Bookmark Button