„Македонија импулс на мултиетничноста во регионотˮ

„Македонија – импулс на мултиетничноста во регионотˮ беше темата на првата радио – дебата на Здружението Диверзити Медиа од новиот проект „Дебатирањето менуваˮ што во живо се емитуваше од 13 до 14 часот на Радио МОФ, на 3 септември 2013 година.

На неа дискутираа професорот Стево Пендаровски и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Македонија има ретоградни процеси во меѓуетничките односи. Македонија беше модел на меѓуетнички односи по рамковниот договор, но, само до крајот на 2005 година. Во последните неколку години за жал, извезуваме само негативни вестиˮ, рече Пендаровски.

На тоа се надоврза Османи и посочи:

„Рамковниот договор е модел на успешно помирување и решавање на фрустрациите. Но, сега има поделеност зашто целиот фокус остана внатре наместо да се насочи кон надворˮ.

Токму за поделеноста стана збор и околу прашањето за решението на спорот за името на Република Македонија, поради кој спор, застанати се сите евро-атлантски интеграции на земјата. За ова, Стево Пендаровски кажа дека поделеноста доаѓа и поради поделеноста на јавноста, односно во поделеноста во информирањето. И додаде дека во Македонија не постои политичка волја на засегнатите страни за да се решат некои прашања.

Додека пак, според Бујар Османи треба да се поттикне дебата во јавноста за да се најде решение.

„Ние (ДУИ) сакаме во дебатата за името да се вклучи јавноста. ВМРО ДПМНЕ тоа не го сакаˮ, рече Османи.

Со оваа радио – дебата почнува циклусот на 12 радио – дебати на различни теми кои ќе се емитуваат секој вторник, од 13 до 14 часот, на нашиот партнер – поддржувач Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава.

Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)).

Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци...Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен.

Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ  мисла да ја водиме токму на радио.

Повеќе за проектот може да прочитате тука:http://diversitymedia.mk/index.php/407

 

 

AddThis Social Bookmark Button