Сите предизвици на граѓанскиот сектор

NAZ NGO MKD by DiversityMedia

Идната недела во Скопје ќе се организира дебата за улогата на граѓанскиот сектор во Македонија од стекнувањето на нејзината независност досега.

Но, колку граѓански организации има во Македонија? Колкаво влијание имаат тие и колку ги промениле животите на луѓето во пракса?

Стотици луѓе во средата протестираа во Велес, на еден од најголемите протести со еколошки карактер во Македонија. Протестот беше организиран од коалиција на граѓански организации кои се противат на активирање на топилницата во овој град, која додека работеше го загадуваше градот. Неколкудецениското загадување остави фатални здравствени последици кај велешани.

Но, имало ли претходно во Македонија реакција од толкави размери?

Зоран Стојковски, извршен директор на Центарот за Институционален Развој (ЦИРА), организација која ги помага и ги поддржува граѓанските инцијативи преку грантови, вели дека може да се каже дека работата на организациите направиле промена во Македонија.

-Мора да признаам дека во последните седум-осум години може да се види како во секоја област има по една или неколку граѓански организации кои лобираат и влијаат на креирањето политики. Поттикнуваат донесување или промена на законските регулативи. Исто така, постојат голем број граѓански организации, кои соодветно на нивните мисии, даваат и услуги и сервиси за граѓаните, вели Стојковски.

Во Централниот регистар на Македонија впишани се стотици граѓански организации. Но, не сите имаат активности. Познавачите на состојбите во граѓанскиот сектор велат дека целта за постоењето, за дел од нив се само придобивките.

Башким Исени, политолог кој живее во Швајцарија вели дека таму чести се иницијативите кои застапуваат само една одредена цел, а чии членови се распуштаат по завршувањето на нивната мисија. Тој вели дека ова е во ред се додека иницијативата е со искрена намера.

-Во зависност од ситуацијата се раѓаат иницијативи што се ограничени со време и кои се поврзани со една конкретна ситуација. Поради механизмот на демократија, народот ја презема улогата на граѓански сектор, коментира Исени.

Мора да се смени начинот на финансирање

Но, во Македонија улогата на граѓанскиот сектор се поврзува и со делувањето на политичките партии. За 20 години се споменуваат голем број на протести кои имале политичка цел.

Универзитетскиот професор Сефер Тахири има пишувано за овој феномен.

 -Во тој период граѓанскиот сектор бил политизиран или во некои случаи делувал под чадорот на партиите, бидејќи не успел да се профилира како невладин сектор кој ќе ги корегира грешките на власта, посочува Тахири.

Активните граѓански организации сепак остануваат на тврдењето дека нивната работа имала ефект. Последен таков пример на ефективност од влијание на граѓански организации е повлекувањето на Законот за млади, а тука се и кампањите за создавање услови, за пристап на хендикепираните лица.

Зоран Стојковски од ЦИРА вели дека можеби тоа што граѓанските организации не успеаја да направат е поголемо привлекување на граѓаните кон нивните активности, поради што идните предвизици ќе бидат нивна и мобилизација на внатрешни подржувачи на организациите. 

-Граѓанските организации ќе мора да се свртат кон домашни извори на финасирање. Граѓанскиот сектор ќе мора да почне да го користи моделот на финансирање кој го користат слични организации во западноевропските земји и во Америка, а тоа е собирање донации од граѓани и компании, вели Стојковски од ЦИРА.

Луѓето кои протестираа во Велес можеби ќе се земаат како пример за граѓанска иницијатива.

Странските организации што се познати по поддржување на граѓанските иницијативи веќе најавиле повлекување од Македонија за неколку години. Поради тоа, се сугерира во идниот период организациите да се доближат кон граѓаните за да ја добијат нивната поддршка и да работат за нивните специфични интереси. 

AddThis Social Bookmark Button