Политиката и тоталитаризмот во Македонија

Politikata i totalitarizmot vo Makedonija by Diversity Media on Mixcloud

  

Секој тоталитаризам е ист и за осуда, следен од диктатура на личноста, па прашањето е кој стои за креацијата на тие тоталитарни личности? Дали самите по себе станале тоа што се или некој со поддршката стои зад него? Овие прашања ги постави професорот Тодор Чепреганов на осмата дебата на Диверзити медиа од проектот „Дебати_мк“.

Според Чепреганов, водачите во тоталитарните системи излегуваат од базата:

„Едниот е на врвот, којшто е персонификација на системот. Меѓутоа, оние што се околу и по заминувањето на тој лидер, којшто е персонификација на системот, тие луѓе долу, не го менуваат менталитетот. Остануваат, ама не го менуваат менталитетот. Остануваат исто, ама ја менуваат бојата.  Хибернираат додека не треба да се поддржи нешто друго“.

Македонија има историја на тоталитаризам, а како продукт на репресијата врз човековите слободи се политичките затвореници. На Европскиот ден на жртвите на тоталитарните системи, 23 август, една од прогонуваните и затвораните од минатиот систем, Шпетим Положани, на дебатата рече дека иако Македонија го смени системот на уредување, во земјата сè уште има примеси на тоталитарно општество.

„Еден  министер за правда во комунизмот остана министер за правда и после, а потоа и академик по деведесеттите години. Сега е и академик.  Тој ја смени терминологијата,  но не го смени менталитетот. Додека се те луѓе, тој менталитет, нема аир од ова општество. Не се оди напред. Како да сме заглавени во жив песок. Тогаш партијата беше мајка и татко. А, што е сега партијата? Денес, може ли некој да најде работа ако не е член на ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ?“, праша  Положани.

Тој смета дека политиката внесува нов вид на тоталитаризам и е опасен и за Македонците и за Албанците.

„Бев многу близок со Драги Богдановски (еден од основачите на ВМРО ДППМНЕ н.з.) во Идризово, кого, за жал, сега го прогласуваат за некаков кодош. Тој сè може да биде, само не кодош. Тој беше најкристалната личност што се однесува за Македонија и македонскиот народ и самобитноста. Но, ете, политиката е тоаˮ.

Од современ агол, светските аналитичари предупредуваат на нов вид на тоталитаризам кој може да зафати земји кои се долгогодишни демократии. При тоа, како пример го наведуваат електронскиот тероризам, кога една земја, една нација може да ги контролира комуникациите на дел од светот.

Дебатата насловена „Тоталитаризмот и Македонија“ беше осма од проектот „Дебати_мк“, од програмата Civica Mobilitas на Центарот за институционален развој ЦИРа од Скопје. 

  

AddThis Social Bookmark Button