Дипломи без вештини

Diplomi bez vestini by Diversity Media on Mixcloud

На Македонија ѝ треба јасна и силна стратегија за високо образование за да се запре трендот на гола хиперпродукција на титули и кадри кои немаат вештини. Дел од експертската јавност е согласна дека државата во образованието инвестира како никогаш порано, дека има иницијативи, но, оти процесот се задушува поради хаотичниот пристап. На оваа тема беше втората од серијата радио - дебати на Диверзити медиа.

Подготви Душко Арсовски  

На филолошки факултети во Македонија се бранат дипломски и магистерски од областа на претприемништвото. Оваа апсурдна ситуација, според Кирил Барбареев, проректор за развој, инвестиции и одржување на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип е поради преголемото наметнување на тие претприемачки компетенции.

„Вистинското образование и вистинското постоење на високообразовните институции на универзитетите е всушност да креира луѓе како поединечно и социјално суштество“, рече Барбареев.

Од друга страна, државата го турка проектот високото образование да биде достапно за сите. Така, бројот на бруцоши е поголем од бројот на завршените матуранти. А, на пример мал град како Дебар има шест факултети, вели Мартин Алексоски, проектен координатор од Младинскиот Образовен Форум.  

„Сметам дека малку се забега со сето тоа. Наместо шанса за еднаков пристап до пазарот на труд се отиде во хиперпродукција на кадри, титули. Денеска на Правен факултет најголем дел веднаш продолжуваат со магистерски. Ние имаме луѓе кои се магистри по правни науки, а дали во животот еднаш напишале или виделе како изгледа тужба, жалба, молба или најобичен судски поднесок“.

Барбареев не гледа пробем во ова и кажува дека и други држави го правеле ова.

„Ние доцниме со тој процес. И не е проблемот во тоа секој да заврши високо образование или дали секаде би имало дисперзиран факултет. Проблемот е дали студиската програма по енологија во Кавадарци е ефективна и дали е потребна.“

Промени „без коренˮ

Коренот на проблемот што високото продуцира невешти кадри е уште во средното образование, оценува Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистички науки.

„Еден од главните предизвици е обуката на наставниците затоа што нашите наставници имаат образование кое е од сосема друг систем и сега треба тие да ги подготвуваат своите ученици да бидат квалификувани работници кога ќе излезат (на пазарот на труд).“

Барбареев посочува дека државата одвојува многу пари за развој како ретко која држава. Како пример го посочува проектот „компјутер за секое дете“ .

„Ние немаме мали инвестиции во образованието, како што некој сака да каже. Проблемот е во дистрибуцијата и во ефективноста и ефикасноста“.

Ефикасноста, се чини се губи и во постојаното воведување новитети. Тие бавно фаќаат корен и се добива впечаток на хаос, оценува Блажева.

„Така, имате во училиштата и на универзитетите огромен притисок за внесување голем број промени и тој притисок создава отпор и кај професорите, наставниците и тој притисок се одразува на квалитетот на наставата што се изведува“.

Во таа еуфорија на постојани промени, Блажева наоѓа и парадокси.

„Концептот за деветгодишно образование почива на одредени темели и таму во основата на образованието не е оценувањето. Сега се соочуваме со една државна инцијатива и голем притисок за реализирање на екстерното оценување коешто е сосема спротивно на пристапот и концептот врз којшто се темели деветгодишното образование. “

Ваквата состојба бара јасна и брза стратегија која нема да зависи од тоа која политичка гарнитура е на власт, согласни се нашите соговорници. Ако ова Македонија досега го имаше, многу е веројатно е дека досега ќе им најдеше место на висококвалификуваните.

Според последните официјални податоци 16 доктори на науки и безмалку 800 магситри се без работа и таа бројка секоја година е во пораст.

Повеќе за проектот може да прочитате тука: http://diversitymedia.mk/index.php/407
  
  
AddThis Social Bookmark Button