Студентско движење – во место

  

Студентско движење - во место. Ова беше темата на деветтата дебата што ја организира Здружението на граѓани Диверзити Медиа. Во кафе книжарницата Либрариа во Старата скопска чаршија, дебатираа Мирослава Симоновска, новинар истражувач, Мартин Алексоски, Младински Образовен Форум и Ана Тодоровска од студентското списание „Излез“ .

Еден од заклучоците е дека најголем проблем во невидливоста на Студентскиот парламент во Македонија, како најмасовна форма на организирање, е немањето приоритет на студентското над партиското, исто како што и државното нема приоритет над партиското.

„Студентското движење или активизам моментално во државава може да биде окарактеризирано како пасивно и апатично, а самите студенти како незаинтересирани, а сето ова го потврдува присуството на едни исти луѓе на студентските настани како и нивна недоволната посетеност. Но, сепак постојат и настани кои го докажуваат и спротивното“ оцени Алексовски.

Постоењето на студентското движење во формално правна смисла, го потврди и Мирослава Симоновска, која истакна дека потребни се суштински промени на општествените текови и политики. „За да постои движење мора да постои промена“, истакна таа, посочувајќи дека самото движење треба да цели кон промена, а не кон еден формално правен статус на Студентскиот парламент.

Ана Тодоровска, од студентското списание Излез констатираше дека сеуште не постои едно континуирано студентско движење кое активно работи, а за жал многу иницијативи застануваат само на Фејсбук.

  

AddThis Social Bookmark Button