Во Катар без кантар

Katar-mk by DiversityMedia

Бизнисот со Катар остана само на најавите. Македонските проекти нема да се презентираат на четврти декември во Доха како што беше договорено при посетата на Емирот Ал Тани на Скопје.  

 

Иако беше најавено за време на посетата на емирот од Катар, сепак македонска стопанска делегација нема да патува за Доха на почетокот на декември за да ги претстави проектите што се интересни за тамошните инвеститори. Дали е ова продолжение на досегашната практика на потпишување меѓудржавни договори без ефект? Бизнис заедницата вели дека на случајот се работи активно, експертите се скептични дека Македонија логистички не може да поддржи мега проекти. 

Двата дена кога во Македонија престојуваше емирот од Катар медиумите беа преполни со вакви оптимистички најави за милионски инвестиции од Катар. Првиот чекор беше поставување правна рамка на меѓудржавно ниво. Вториот и најважен - формирање економски совет за соработка. Беше договорено дека овдешна стопанска делегација ќе патува за Доха на почетокот на декември за да презентира конкретни проекти но, веројатно тоа нема да се случи. Во Министерството за економија ни рекоа дека воопшто не се вклучени во овој проект. Бизнисмени и комори со кои контактираше Диверзити медиа ни рекоа дека не се запознаени за таква презентација. Истото ни го кажа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски кој треба да ја координира соработката.

Координација на терен

Претставник на економскиот совет меѓу двете земји од македонска страна е Сојузот на стопански комори. Извршниот директор Митко Алексов објаснува дека процесот не е во застој и дека резултати ќе има за неколку месеци.  

- Амбасадорот на терен би требало да ги разработи и да ги направи тие иницијални контакти со одредени потенцијални партнери па, потоа ние од наша страна како комори би направиле една поголема бизнис делегација која би го посетила Катар, објаснува Алексов.

Но, и вели дека не може да се зборува за конкретни проекти. Иако Катарците се интересирале и за изворите на питка вода во Македонија, неколку производители со кои контактиравме велат дека размислуваат за таквиот интерес, но оти немаат конкретна понуда. Има и други примери. 

Производителот на градежни материјали „ Ренова“ од Тетово веќе работи во арапскиот свет и извезува во Саудиска Арабија и во Оман. Сопственикот Шефки Идризи вели дека се подготвени и за пласман во Катар за што имаат и конкретен план.  

- Најблиску ни е од фабриката во Тирана ние да вршиме извоз од тука до таму. Значи дел од албанската фабрика, дел од македонската. Ако доаѓа до толкаво количество ние да не можеме да го произведеме тука тогаш би направиле фабрика на друго место за да се произведува таму локално, посочува Идризи.

Освен за градежниот сектор, емирот Хамад Бин Калифа Алтани покажа интерес и за инвестиции во туризмот, земјоделството, во балканска рафинерија на нафта. Речиси истите работи ги слушна и поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева кога беше во прва дипломатски мисија во Катар во 2006. Тогаш домаќинот упати покана до македонски компании. Но и тогаш работата остана на тоа. 

Економскиот аналитичар Зоран Витанов смета дека сега условите се други.  

- Ова ми изгледа многу поконкретно затоа што дојдоа конкретни личности, не остана само на меѓудржавно ниво и особено што во Катар политичкиот систем е сосема поинаков од македонскиот, па таму не зависи од политички промени на власт. Се надевам дека овде ако дојде до промена власта нема да се отфрли за инает на претходните, коментира Витанов.

Ќе може Катар да го издржиме логистички?

Ако се реализираат плановите на Катар, македонските граѓани можат да ги почувствуваат ефектите за две години, прогнозира тој. Некои од македонските медиуми објавија дека Катар планира да инвестира во земјава половина милијарда долари. Дел од ова се државни капитални инвестиции, дел се директни вложувања од катарски компании. Но, Витанов е скептичен колку Македонија е подготвена за ова.

- Се уште сме многу бавни, се уште многу функционираме во лавиринти и дека секој таков странски мега проект не може логистички да го издржиме. Тоа ви е како да ставите најнов софтвер на компјутер којшто е Пентиум2 или Пентиум1 и бараме тој систем да поддржи таков софтвер. Тоа е невозможно, оценува Витанов.

Но, во Сојузот на стопански комори не се сложуваат со ова. Посочуваат на добрите оценки што последниве години ги добива Македонија како последното од Светска Банка:

-Најголем напредок имаме токму во тие делови - во добивање на дозволи за градба, во отпочнување градба, почнување бизнис, водење бизнис, така што мислам дека не би потфрлиле доколку имаме една таква сериозна инвестиција од Катар. Било да е во делот на петрохемијата, било во делот на трговијата.

Овие контакти на највисоко ниво значат отворање на Македонија кон арапскиот свет и можност да го направи она што досега не го направи ниедна од земјите во регионот. Катар во 2010 имаше најголем бруто домашен производ по глава на жител од 88 илјади долари и најбрзорастечка економија од безмалку 20 проценти. Во 2022 ќе биде домаќин на светското фудбалско првенство за што земјата ќе инвестира 150 милијарди долари. Трговската размена со Македонија е незначителна од неколку милиони долари. Се чини досега најдобар извоз од Македонија во Катар е работната сила. Министерството за надворешни работи нема официјална бројка на македонски граѓани во Катар. Се зборува дека неколку стотини работат во услужни дејности во Заливот , а постојано се регрутираат и нови. Заработуваат од 500 до 1500 долари месечно. Со меѓудржавниот договор потпишан минатиот месец Катар ги отвори вратите и за други профили работници. Агенции од Македонија веќе на големо бараат лекари, инженери и друг висококвалификуван кадар.

AddThis Social Bookmark Button