„Работничките права не се човекови праваˮ

Ова беше темата на петтата по ред радио – дебата на Здружението Диверзити Медиа од серијата радио – дебати „Дебаторањето менуваˮ, проект финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон. Како и секој вторник, дебатата на 8 октомври, се емитуваше во живо, од 13 до 14 часот, на нашиот партнер – поддржувач Радио МОФ.

На темата поканети да дебатираат беа доц. д-р. Здравко Савески, професор на ФОН Универзитетот и член на Левичарското движење „Солидарностˮ, Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Севдалинка Ефтимова од Конфедерацијата на работодавачи.

„Насловот на дебатата е спорна. Работничките права се човекови праваˮ, истакна Чаусидис.

За лошата состојба на работничките права и недостоинството што го трпат работниците во Македонија се надврза Савески:

„Имаме страшни непочитувања на човековото достоинство на работното место во Македонија. Работодавачот сака да го пороби работникот. Не е идејата само да имате работа, туку да имате пристојна работа. Тоа е можно само по демократски стандардиˮ.

На ова тој го додаде податокот од Државниот завод за статистика, според кој 10% од вработените се под прагот на сиромаштија.

Ефтимова како претставник на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија пак, истакна дека не сите работодавачи се исти.

„Не се сложувам дека во целост се кршат работничките права. Решение е социјалниот дијалог!ˮ, истакна таа.

Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)).

Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци...Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен.

Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ  мисла да ја водиме токму на радио.

Повеќе за проектот може да прочитате тука:http://diversitymedia.mk/index.php/407

  

  

AddThis Social Bookmark Button