На патот кон Европската унија Македонија ќе се сопне на - екологијата

Ако еден ден земјата влезе во Унијата, ќе се најде пред две алтернативи – или да се затворат големите стари заканувачки капацитети од индустријата и се загубат илјадници работни места, или да се вложат милиони евра во нова зелена технологија, како што налагаат европските стандарди. Дека ЕУ не се шегува со барањата за еколошки стандарди потврдува и барањето за ревизија на сите до сега издадени А еколошки дозволи, со кои на капацитетите им е дадено амин да загадуваат до одредена мерка. Низ примерот на Источна Македонија  - експертите велат дека недостасуваат обучени, квалитетни кадри во општините,  кои ќе го спроведат законот кој налага минимум еколошки стандарди кај загадувачите.

од Весна Коловска

Текстилна фабрика во источниот регион во минатото често беше покажувана со прст по неколкуте серии на помор на риби во реката Брегалница. Сомневањата секогаш завршуваа кај обоената вода од фабричката цевка што директно истекува во реката. Неколку години подоцна отпадните води што излегуваат од фабриката по третирањето на платното се без боја. Непотврдени се информациите дека , всушност ништо не се сменило, освен што некој ги подучил одговорните во капацитетот да додадат хемикалија за неутрализација на бојата. Приказната е зачинета со тврдењето дека обелувањето на водата, е идеја на општински еколошки инспектор, за кого се тврди дека е на платен список на фабриката. На седум месеци пред крајниот рок за издавање на еколошките дозволи, капацитетот се уште нема ваква дозвола. Фабриката е една од неколку десетина капацитети по течението на реката Брегалница, која се’ уште не почнала да ја приспособува на својата технологија на минималните еколошки стандарди, како што бара законот. Од 11 општини, колку што ги има по течението на Брегалница, има неколку кои немаат издадено ниту една еколошка Б дозвола.  Во  Виница има една издадена дозвола, исто колку и во Берово. Македонска Каменица каде работи рудникот „Саса“ со историја на две големи еколошки катастрофи,  нема ниту една издадена дозвола. Дозволата за „Саса“ е обврска на Министерството, но тоа не ја исклучува општината од процесот на усогласување.  Во Штип за седум годни се издадени осум дозволи, додека Кочани е лидер во регионот со 10 еколошки Б дозволи. Отпадот од 36 поголеми инсталации завршува во реката Брегалница, од која над 190.000 жители  пијат води од реката и нејзините притоки.  

Зошто толку врева околу еколошките дозволи, за кои сопствениците на капацитетите  се жалат дека се преголем трошок, додека владата е упорна дека директивата мора да се спроведе?

Дозволите определуваат оперативен план  на капацитетите за прилагодува на своите технологии со кои минимално ќе ја загадуваат околината и ќе се обврзат на контрола на отпадот и енергетска ефикасност.

„Не е само Министерството за заштита на животната средина кое процесот го почна неподготвено. И сопствениците на капацитетите не знаеја што треба да направат, па 90% од документацијата што ја поднесуваа беше непотполна.  После тоа беше само брзање на одредени дозволи како што ќе имаше притисок од јавноста или сопственик на фирма. Многу често доаѓаше до ревизија на дозволите, како што се случи со „Фени Индустри“, како што се случи со „Југохром“, како што се случува со сите издадени, со исклучок на „Усје“, вели Александра Бујароска, која е еден од авторите на анализата за извршување и спроведување на европската директива за издавање на дозволите.Издавањето на дозволите е воведено со закон од 2006-та година. Амбициозните планови предвидуваа процесот да заврши во 2008 година, за потоа како краен рок да остане април 2014 година. Граѓанскиот сектор се сомнева  дека тоа што не успеало да се сработи за седум години ќе се заврши во седум месеци. Невладината организација „Фронт 21/24“ го следи процесот на издавањето на  еколошките дозволи за најголемите капацитети утврдила дека за седум години се издале само 30 дозволи. За овој краток период од  половина година што преостанува,  треба да се издадат дури 80 дозволи на најголемите македонски загадувачи. 

 „Фронт 21/24“ ги собра фактите и ги достави до Европската Комисија, која потоа побара Министерството да направи ревизија на дозволите. Во Министерството потврдија дека работат на ревизија на издадените дозволи.

Во пролетниот извештај за напредокот на Македонија, во поглавјето заштита на животната средина, Европската Комисија нотира недостатоци во делот на издавањето на еколошките дозволи.

„Заостанува процесот на издавање на дозволи за интегрирано спречување и контрола на загадувањето. Потребно е значително да се зајакне административниот капацитет, особено на активности за издавање на дозволи, контрола и вршење инспекции. Подготовките во оваа област, бараат значајни дополнителни напори“, се вели во извештајот, кој бара да се подигне капацитетот на општините во издавањето на дозволите.

Во општините од Брегалничкиот регион, ретко каде може да се најде посебно одделение за заштита на животната средина. Во помалите општини нема кадар обучен за издавање на дозволите.   Во  дел од општините работата со дозволите е на правната служба, која нема соодветна обука.  Мал дел, главно поголемите, имаа по еден инспектор и двајца соработници кои работат на дозволите. Со ваков капацитет, граѓаните и невладините организации очекуваат поголем мониторинг од Државниот инспекторат. Директорот Фирус Мемед  топката ја префрла кај општините, кои според него, со децентрализацијата добија големи ингеренции во оваа област.

„За жал, некои од општините се инертни кон оваа материја. Милам дека кај одреден број градоначалници не проработела еколошката свест. Но, почнуваат да сфаќаат што значи тоа. Роковите не’ притискаат. Преку ЗЕЛС, преку медиумите, преку НВО секторот и натаму ќе притискаме да почнат да ги применуваат еколошките стандарди, бидејќи роковите се на прагот на исполнување“. 

Од друга страна, во општините сметаат дека  ќе можат да работат, откако инспекторите ќе почнат да ги казнуваат загадувачите, како што тоа го пропишува законот. Тоа е и размислувањето  на соработникот за животна средина во општина Штип,  Влатко Панов.

„Мислам дека сега сме доволно екипирани. Треба само да се излезе на терен и овластените инспектори да почнат да си ја работат работата“.

Меѓутоа, директорот на Државниот инспекторат за заштита на животна средина Мемед вели дека секој капацитет се контролира најмалку по три пати годишно.  

„Животната средина е специфична област. И Инспекторатот има специфики во својата работа, која не е со така видливи надзори  како кај останатите инспекции кои ставаат пломби, налепници... Согласно законот овој инспекторат издава задолжение за постапување со одреден временски рок. Доколку субјектите не постапат, тогаш сме ригорозни и казните се уште како високи. За илустрација – казните за испуштање емисии во вода со предизвикана штета се од 70.000 до 100.000 евра. Ниеден од субјектите нема да признае дека тој е причинителот. Таа процедура на докажување трае подолго. Инспекторатот никого не амнестира“.

Експертот за еколошки криминал, професор Марина Малиш вели дека со години ја следи проблематиката, меѓутоа нема сознание за судска пресуда.

„Евидентно е загадувањето во одредена сфера. Медиумите многу добро известуваат за одредени еколошки проблеми. Инспекциските служби кои се задолжени треба да изрекуваат казни. Меѓутоа, како граѓани и како експерти ние гледаме дека загадувањето е евидентно, а од друга страна не знаме за постапки на инспекциите“.

Ниското ниво на издадени дозволи професорката Малиш го лоцира и кај сопствениците на капацитетите, кои инвестицијата во еколошките стандарди ја сметаат за фрлени пари.

„Јасно е дека капацитетите треба да се усогласат со европските еколошки стандарди. Не можат да работат капацитети  кои загадуваат повеќе од дозволеното. Иако, оваа инвестиција во еколошките стандарди е на некој начин, неповратна, како што е отстранувањето на „жешките точки“ – линданот во „Охис“, жгурата во „Јегуновце“, остатоците од велешка Топилница...Треба да се санира преку одредена инвестиција, а таа инвестиција е неповратна. Проблемот од аспект на сопствениците  е што давате пари, но нема производ, нема продукт на инвестицијата “, вели Марина Малиш. 

Интересно е дека законот бара постојан надзор на тоа што се обврзал капацитетот со добивање на дозволата. Кај еколошките Б дозволи, тоа е работа на општините. Но, и тука се јавува проблем. Според анализата на невладината организација „Јавор“ од Зрновци, која спроведува проект за зајакнување на капацитетите на општините за издавање на еколошки дозволи, општините не се свесни за значењето на надзорот. Жаклина Голчева која работи на проектот, вели дека многу често еколошките дозволи се сведуваат на куп хартија изработена од платени консултанти и превземени обврски од загадувачите кои никогаш не се применуваат. Законот делумно ќе се спроведе, ќе се одработи административниот дел, но стандардите вистински никогаш не заживуваат, односно загадувањето останува.

Ова директно се одразува на плановите на научниците, кои Источниот регион го дефинирале како простор за органско земјоделско производство. Професорот на Земјоделскиот факултет во  Штип, Васко Златковски дели дека во студијата за органско производство ги детектирале како пречка сточните фарми, рудниците Саса и Злетово, оризовите полиња, и бакарот што доаѓа од Бучим. Вината ја гледа кај општините.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во риболовната студија за Брегалничкиот слив за периодот 2011-2016 година низ анализа го потврдување ефектот од загадувањето по течението на Брегалница. Веднаш по самиот извор на Брегалница, кај Берово се забележани 21 вид на риби, вклучувајќи ја и пастрмката. Веднаш под Македонска Каменица, видовите риби се намалуваат на само два. Илустративен е примерот со Штип. Пред градот, во течението на реката се забележани дури 2000 единици риба на 1000 квадратни метри. На излезот од градот, под колекторот со канализациските отпадни води, има само 82 единици риба на 1000 квадратни метри.„Општините си го штитат својот грб издавајќи дозволи. Според законот тие се должни да излезат на терен, да направат увид и да издадат или да не издадат дозвола. Меѓутоа, проблемот е кога ќе настане загадувањето. Сите имаат хартија, елаборат, меѓутоа, ретко кој ги почитува одредбите. Во Европа уште во 1994 година е донесена тнр. „Нитратна директива“, каде е набележано која сточна фарма колку може да испушти и во кое време и да ги третира сопствените површини со арско ѓубре. Кај нас тоа не се почитува и се случуваат хаварии“.

Општините како едни од најголемите загадувачи, кои се без пречистителни станици, со исклучок на Берово, се надеваат дека со странски донации ќе успеат да го решат загадувањето.   Во меѓувреме, ќе се обидат да го фатат рокот за издавање на еколошките дозволи  - април 2014 година.

Што нормира еколошката дозвола?

Дозволата определува листа на информации за токсичноста и информации за влијанието на животната средина. Се даваат податоци за користените горива и енергија во процесите. Исто така содржи и информации за количините на суровините и помошни материјали, што најчесто се складираат на локацијата, како и годишно користените количини.

Со други зборови, загадувачот плаќа за дозвола, со која му се овозможува контролирано загадување на животната средина.

Загадувачот е должен да каже колку загадува

Според Законот за животна средина, капацитетот кој ќе добие дозвола е должен постојано да ја информира општината  за количината на емисии, односно за степенот на загадување што го врши. Ова различно го толкуваат власта и граѓанскиот сектор. За граѓанските организации ова значи дека општината треба да најде начин постојано да информира за степенот на загадување, додека  во документите на ЗЕЛС, ова не е задолжително.  Доколку буквално се примени законот, во случајот со Скопје, тоа значи дека граѓаните во зимскиот период на изразено аерозагадување,  во секој момент ќе знаат кои честички ги содржи воздухот и кое е степенот на загадување.

Истражувањето е поддржано од ЦИН СКУП Македонија во рамките на проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известувањеˮ

Оригиналниот текст може да го прочитате тука: http://scoop-mk.blogspot.com/2013/10/blog-post_28.html

 

AddThis Social Bookmark Button