"Двојниот" аршин на децентрализацијата

"Двојниот" аршин на децентрализацијата by DiversityMedia

Градоначалниците од опозициските партии тврдат дека централната власт парите ги насочува кон општините раководени од припадници на владејачката коалиција. Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта пак, повикува да се посочи виновникот ако граѓаните трпат штети. И две страни се согласни дека на крај граѓаните на избори му пресудуваат на ваквиот однос.

По патот од коцка граден во минатиот век се пренесуваат тони и тони струмички зеленчук и овошје што на државата и носат над 150 милиони евра годишен девизен прилив. Овој пат го обновува Владата. Но, владините пари, според тврдењето на струмичкиот градоначалник Зоран Заев, секнуваат на влезниот булевар во градот. Заев, кој е од опозициската СДСМ вели дека Владата не само што не дава пари, туку ги попречува и општинските проекти, како што е случајот со градењето на мрежата за гас.

-Ни требаше мислење, документ, парче хартија од Министерството за финансии на основа на изградени критериуми за да може да земеме поволен кредит од Светската банка, за изградба на гасовод во Струмица. Не добивме никакво решение единаесет и пол  месеци. Изгубивме цела година и на крајот решивме сами да го направиме тоа, со тоа што реалоциравме средства. И наместо да градиме водоводи и улици, градиме гасоводна мрежа за Струмица, вели Заев.

Партизација

На другиот крај од државата, градот Гостивар е раководен од градоначалник кој не само што е од опозицијата, туку е и партиски ривал кој на локалните избори успеа да го победи актуелниот министер за локална самоуправа Невзат Бејта, а тоа е Руфи Османи. Османи тврди дека централната власт ги исклучува општините раководени од опозициски градоначалници.

-Оваа тенденција е евидентна. Тоа може да се аргументира од сите аспекти. Од кога јас сум градоначалник, Владата не инвестира во образованието, ниту во културата инфраструктура. Владата дури не инвестира ни во проектите кои што ги има започнато, коментира Османи.

Тој вели дека централната власт така се однесувала отсекогаш, но ваква партизација, посочува Османи, никогаш не памети.

-Не треба да заборавиме дека сите менаџерски одлуки за капитални инвестиции ги носат владините институции. Овие институции фаворизираат општини кои градоначалници доаѓаат од истата партија. Граѓаните се свесни за дискриминацијата која и се прави на оштината, која дискриминиција на крајот сепак се однесува на нив, без разлика на нивната етничка или културна припадност, додава гостиварскиот градоначалник.

Заев низ бројки го поткрепува неговиот став за фаворизирани и потценети општини. Битола, според него, добива 220 милиони денари годишно од државата, Прилеп - 190, 450 милиони денари добивала скопската општина Центар, додека градот Скопје 1,8 милијарди денари. Струмица - еден милион денари.

-Филозофијата е едноставна – кога имате пари ќе бидете успешни и граѓаните ќе бидат задоволни од вашата работа. Ако немате, колку и да сте умни, а нема дела, нема реализација, нема решение на проблемите, останува незадоволството кај граѓаните. Тоа незадоволство или задоволство граѓаните ќе го кажат на изборите, вели Заев.  

Персонификација

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, вели дека неговиот ресор подеднакво ги третира сите градоначалници и отворено ги повика на дијалог.

-Треба да се поделат одговорностите, на градоначалниците на локално ниво, а на владините претставници на државно ниво. Треба да се знае кој е виновен ако работите не одат. Треба отворено да се каже ако за тоа е одговорен градоначалникот. Или ако Владата прави проблеми, тогаш тоа исто така треба да се каже отворено, смета Бејта.

На спротивставеност во односот централна – локална власт со години укажуваат извештаите на Советот на Европа, каде Македонија е членка.

Професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска е потпретседател на комисијата на независни експерти на Конгресот на регионална и локална власт во Советот. Одговорноста таа ја лоцира и кај општините.

-Во процесот на одлучување, општините треба да научат дека без оглед на партиската припадност заедно се посилен партнер во однос на државата. Затоа што тие го персонифицираат локалниот интерес и треба да бидат противтежа на централната власт, а не нејзина продолжена рака. Тогаш нема им служат на граѓаните, туку ќе им служат на партиите, објаснува Силјановска.  

А каде се граѓаните во тој однос? Ги прашавме гостиварци каков им е животот во општина која ја води градоначалник од опозицијата.

„Се чувствувам обесправено, бидејќи не доаѓаат доволно пари за проекти што треба да се подржат од страна на владата.“, вели еден гостиварец.

„Идејата е да се блокира работата на градоначалникот,  бидејќи е од опозиција, а индиректно граѓанинот страда од тоа“, додава друг.

„Би сакал таквите недоразбирања во иднина да се надминат, затоа што е за добро на сите граѓани“, смета нивен сограѓанин.

Невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи со години го следи процесот на децентрализација во Македонија. Љуљзим Хазири смета дека поради ваквиот однос, граѓаните на одделни општини се чувствуваат дискриминирано.

-Политички образован граѓанин треба да е свесен дека ваквите постапки треба да ги казни односно да ги награди. Треба да се воспостават и други механизми на распределба на буџет во самата централна власт. Буџетот да биде пореален и децентрализацијата подеднакво да се чувствува во целата држава, анализира Хазири.

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија забележува дека на децентрализацијата треба да и се даде посилен поттик, а финансиската рамка за локалните услуги да биде потранспарентна и правична. 

AddThis Social Bookmark Button