Партиското над студентското движење

Partiskoto nad studentskoto dvizenje by Diversity Media on Mixcloud

  

Во Македонија нема видливо студентско движење кое може да се наметне како фактор. Активисти и аналитичари сметаат дека Студентскиот парламент како најмасовна форма на организирање е изгубен помеѓу реалните проблеми на академските граѓани и партиските приоритети на студентското раководство. Од друга страна пак, има бројни други форми кои се сведуваат на активност на социјалните мрежи. Ова беше темата на јавната дебата насловена како „Студентско движење – во место”. Дебатата беше дел од проектот „Дебати_мкˮ.

Подготви Душко Арсовски

Последниот масовен студентски протест во Македонија се случи пред 16 години. Не дека нема потреба да се крене гласот на студентите или дека нема студентско организирање, но главниот кој што треба да го прави тоа, Студентскиот Парламент, е благо речено крајно пасивен. Студентските лидери се појавуваат само во периоди кога има избори за раководство и на пригодни манифестации кога се одбележува некој позначаен датум.  

Мартин Алексовски од Младинскиот образовен форум (МОФ) смета дека студентското движење и студентскиот активизам се апатични, а студенти незаинтересирани.  Но, не се согласува дека тие не постојат воопшто.

„Покрај МОФ кој долги години се занимава со средношколците, студентите, формите на организирање во образованието, квалитетот и транспарентноста, ги имаме и Слободен индекс, Отпор, останати неформални групи, а започнаа да се појавуваат и студентски медиуми како Излез“, објаснува Алексовски.

Новинарката Мирослава Симоновска која повеќе години го анализира проблемот смета дека студентското движење формално - правно постои, но, според неа, потребни се суштински промени на општествените текови и политики.

Таа е критична кон претседателите на студентскиот парламент. Вели ако тие се навратат наназад и погледнат што им ветувале на студентите, во најмала рака би требало да се срамат.

Ана Тодоровска од студентското списание „Излезˮ заклучи дека сè уште не постои едно постојано студентско движење кое активно работи, а за жал многу иницијативи застануваат само на Фејсбук.

Но, Алексовски смета дека „било каков активизам, па само и по социјалните мрежи, е подобар отколку никаков активизам и општествена активност за правата на студентите“.

Деновиве бугарските студенти се на масовни протести против корупцијата во власта. Кај нас такво нешто не се случило. И најобичниот обид на студенти на Факултетот за архитектура да го кренат гласот против изградба на верски храм на скопскиот плоштад заврши без успех. Беа нападнати од контрадемонстранти.

  

 

AddThis Social Bookmark Button