Танго и кеш за Македонците и за Албанците

Tango i kesh za Makedoncite i za Albancite by Diversity Media on Mixcloud

  

“Македонија и Албанците во регионот” беше темата на десеттата, последна јавна дебата на Здружението Диверзити Медиа. Дебатата, како ретко досега, изнесе на површина различни ставови од македонски претставници за Албанците. Додека пак, албанските претставници рекоа дека македонската страна сè уште не е запознаена со случувањата кај албанците во земјата и во регионот.

Подготви Назим Рашиди

Различни ставови и различни визии за начинот како треба да се гледа на Албанците во регионот.

Според Ристо Никовски, поранешен амбасадор во Република Албанија, Македонците имаат недоверба кон Албанците:

“Од самостојувањето на Косово, според мое длабоко убедување, концептот за „Голема Албанија„ или вековниот сон на Албанците сите да живеат во една држава е речиси 70% остварен. Потешкиот дел на овој концепт, проект, беше отцепувањето на Косово од Србија. Сè друго е полесно”.

Но, Љупчо Зиков, новинар и претседател на Алијансата за Позитивна Македонија има поинакви визии. Тој вели дека на Балканот треба да почне бришењето на границите и односите да се градат врз попрагматични темели.

“Тирана, Драч, Приштина се многу далечни градови. Ние треба да се поврземе. На крај, сите треба да дојдеме до заклучокот дека треба да се изгради автопат преку Пешкопеја за да можеме да стигнеме во Тирана за еден час”, рече Зиков.

Меѓу историјата и иднината

На последната дебата организирана од Диверзити Медиа присуствуваа и професорот Ризван Сулејмани и пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети.

И двајцата изразија убедување дека македонското општество недоволно ги познава реалностите на Албанците, како во земјата, така и надвор од Македонија.

“Јас би рекла дека македонската политичка елита е релативно хендикепирана затоа што не го познава албанскиот јазик и во овој поглед албанците имаат предност затоа што зборуваат два, три или четири јазици”, рече Ермира Мехмети и додаде дека тие не успеваат да ја следат динамиката на политичкото мислење и се основа на предрасуди.

Со овој став се согласува и професорот Сулејмани, кој додаде:

“Суштината на проблемите е во тоа што пристапот кај Македонците е кон историјата, додека пак, кај Албанците е футуристичен, насочен кон иднината”, што според него предизвикува други судири во општеството.

Дебата „Македонија и Албанците во регионот” беше последна во рамки на проектот „Дебати_мкˮ. Диверзити Медиа организираше вкупно 10 јавни дебати во периодот од април до септември 2013 година. Проектот е делумно поддржан од програмата CIVICA Mobilitas на Центарот за институционален развој, ЦИРа. Дебатите се поддржани и промовирани и од страна на Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа, дел од меѓународната ИДЕА мрежа која повеќе од десет години промовира дебата и критичко размислување помеѓу младитe.

  

 

AddThis Social Bookmark Button