Дебата на „партизани и Германци“

Debata na "partizani i Germanci" by Diversity Media on Mixcloud

Во Македонија нема дебата, а вината за тоа ја делат граѓаните, медиумите и политичарите. Дел од експертската и новинарската јавност смета дека граѓаните заслужуваат вакво нешто зашто не го кажуваат својот став. Новинарите, пак, попуштиле пред политичкиот притисок и дозволиле партиите да им ја диктираат програмата. На оваа тема беше деветатта радио дебата од проектот „Дебатирањето менуваˮ.

Подготви Душко Арсовски

Кој можел да верува дека телевизискиот дуел од деведесеттите години на минатиот век меѓу некогашните лути политички ривали Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски ќе биде каков таков пример за дебата. Уште повеќе дека 15 години подоцна ќе заклучиме оти овој значаен елемент од демократската практика, во Македонија повеќе го нема.

Причини има повеќе, смета дел од експертската јавност. Новинарката Оливера Трајковска смета дека во 20 години не се поставени темели за добра дебата. Оценува дека добра дебата кај нас се подразбира само ако еден е понижен.

„ Македонското општество е длабоко вознемирено и тоа не ја поседува основната претпоставка да аргументира. Кога сте вознемирен вие сте нечувствителен за тезите од другата страна. Имате потреба да ја одбраните сопствената теза. Дебатата не е да се биде или не“.

Универзитетската професорка Мимоза Ристова укажува на практики во развиените земји, кои кај нас ги нема.

„ Дебатата се учи во основното образование во западните демократски системи. Во Америка така почнуваат да се воспитуваат децата во прво до второ одделение. Веќе во тој период почнуваат да разговараат, да се слушаат еден со друг. Медијатор е учителката којашто ги тера секогаш да најдат заедничко решение“.

Привидна дебата

Како последица на ова или нешто друго, дебатата во Македонија личи како пример од недемократски режими, критична е Ристова.

„Таа дебата е лажна, таа е манипулирана и направена така да тие што се неуки, што не знаат што е дебата, мислат дека ја има. Тие што знаат, што на некој начин научиле како изгледа една демократска дебата тие точно знаат дека ова е диктатураˮ.

Новинарот Александар Дамовски коренот на проблемот го гледа во начинот на кој функционираат партиите.

„Имавме проблеми со политичките партии. Нели сите ги нарекувавме „ султан партии“ . Сите партии не дозволуваа внатрешно фракционерство, издвоено мислење…ˮ

Трајковска е поконкретна:

„Политиката го промени концептот. Тие сега се „партизани и германци“ . Потполно поделени во два табори, сè друго е расфрлено наоколу и односот на присуството на граѓанството за кое е важна дебатата се сведува на „вклучи-исклучи“ во еден ден. И тоа е тезата на ВМРО ДПМНЕ-што ме прашувате вие да дебатирам, пишува на 126.страничка- ние победивме на изборитеˮ.

Новинарот Зоран Иванов објаснува како медиумите се (зло)употребени во една таква ситуација.

„Јас сакам да укажам на една страотна појава што ни се случува во Македонија што ја нема никаде во овој европски свет, па дури и во нашето балканско опкружување, а тоа е доминација врз медиумите - спроведување на програмите на медиумите низ еден центарˮ.

Сивило

Дебатното сивило го потхранува и однесувањето на новинарите, особено на уредниците, смета Дамовски. Вели, дозволиле политиката да им диктира.

„Кога тој бран стана порозен, кога новинарите видоа што се случува во првата борбена линија, како лесно поминува таа манипулација, уште полесно беше таа манипулација да помине подлабоко - во редакциитеˮ.

Трајковска не се согласува дека медиумите се виновни што нема дебата.

„Ако изворно не постои дебатата, ние не можеме да бидеме медијатори на ништо. Ние не можеме да го силуваме, можеме делумно да поттикнеме но ние не сме тогаш на трагата на она што велиме што е здрава дебата во општествотоˮ.

Трајковска заклучува дека генерално она што се случува во Македонија е по заслуга.

„Граѓанство кое не е подготвено да го покаже личниот став за тоа што го конзумира го заслужува овој ваков напад што се случува во македонскиот „прајмтајм“. Непријатно е но нема политика којашто нема да го среди „прајматјмот“ на начин на којшто е сега среден ако граѓанството не и испраќа порака дека тоа нема да го прифатиˮ.

Новинарските искуства во последните седум години покажуваат дека Никола Груевски и неговите министри ниту еднаш не прифатиле да учествуваат во дебата на која е присутен некој со спротивен став од нивниот. Стана пракса спротивните ставови да ги пласираат со реакции на прес конференции и контрареакции на реакциите, речиси секојдневно. Секој од своето партиско седиште, а Бранко и Љубчо станаа коалициски партнери.

 

AddThis Social Bookmark Button