Политиката ја празни Македонија

Политиката ја празни Македонија by Diversity Media on Mixcloud

Македонија има активни мерки и политики да спречи масовно иселување на луѓето, но во реалноста се случува обратното. Дел од експертите вшто учествуваа на дебатата во Прилеп со заклучок дека вината за оваа состојба ја делат и граѓаните кои не покажуваат иницијативност да почнат бизнис. Причините ги лоцираат во неиницијативноста на луѓето, но, и во партизираноста на општеството во кое особено младите партиски се активираат, не од идеологија, туку за да најдат работа.

Подготви Душко Арсовски

И да постоеше некој современ Итар Пејо тешко дека ќе се справеше со ситуацијата во која сега се наоѓа Прилеп. Тоа е поразителниот факт дека во градот има по 10 апликации за бугарски пасош дневно. Така станува печалбарски крај, она што никогаш претходно не бил.

„Мора одговорот да биде или во политиката или во економијата, а кога нема силна економија, останува само политиката, не може поинаку да се лоцира проблемот. “

Економскиот аналитичар, Александар Цветкоски го објаснува коренот на проблемот и додава дека дел од вината е и кај обичните луѓе:

„Прва работа е недостатокот на иницијативност и самоиницијативност кај нас. Тоа е од после Првата светска војна. Кај луѓето она што се вика деловна иницијатива ние тоа го немаме, никогаш сме го немале. Тоа е последица на претходниот систем и на оној пред него. “

Натаму според него, потфрлува и високото образование со тоа што продуцира кадри кои не се потребни на пазарот на трудот.

„Мора да постојат механизми кои ги насочуваат. Почнуваме од родителите, од Агенцијата за вработување, самиот бизнис сектор- коморите, локалната самоуправа. Никој од сите овие ги нема никаде. Нив им кажува универзитетот што им треба во Пелагонија, на пример. “

Поделби

Мариче Тренеска, социјален работник во невладината Коалиција на младиски организации „Сега“ појаснува како тоа функционира во развиените земји. Тука го гледа мотивот на многумина од Македонија да размислуваат за кариера во странство.

„Образованието им е признато на Запад и таму можат да станат експерти и доктори на науки во рок од 5-10 години. Тука само би биле поттиснати. “

А, во Македонија и да најдат работа според струката, тоа изгледа вака:

„Сите од нив се капацитетни млади, кои што имаат што да дадат. Она што ги револтира и ги фрустрира се малкуте пари кои што ќе ги добијат за таа работа за којашто учеле.

Цветкоски вели дека Македонија ги има сите законски предуслови да не се случува масовно иселување на луѓето. Постојат стратегии, активни мерки, како на пример, достапно образование, програми за учество на дисјапората, можности за бизнис. Сепак, вели, има и многу нелогични потези. Еве пример:

„Имаме ние луѓе кои завршиле англиски, германски и други јазици и тие треба да ги нудат своите услуги на пазарот, да ги едуцираат луѓето. Од друга страна невладините организации и Владата преземаат бесплатен англиски јазик. Како тоа? Ако имате пазар на англиски јазик, вие не можете да го уништувате пазарот со бесплатен англиски јазик. “

Политичките поделби имаат голем удел во растечкиот тренд на иселување од земјата. Младите како носачи на идниот развој немаат некој избор, вели Тренеска.

„Младите кај нас не е тоа дека се зачленуваат во одредена партија за да ја следат идеологијата којашто таа партија ја има. Единствена цел им е- сум завршил високо образование, или сум магистар, ќе се зачленам во таа партија оти ќе ме вработат. Ако не сега барем за година- две. “

Вознемирени

Цветкоски директен како партизираноста функционира на терен.

„Сега има такви моќници. Каде ќе најдете заштита ако сакате да пласирате една идеја. Каде ќе најдете заштита ако ви треба судска заштита. Кој вас во суштина ќе ве заштити. И младите велат јас би отворил нешто, јас имам и идеја, но како можам да бидам сигурен за мојата иднина. Она што се вика предвидливост или меритокритичност, не се случува. “

Тој се сомнева и дека сите досегашни влади биле вознемирени од зголемената емиграција.

„Едната работа која ѝ е важна на Владата- девизните ознаки. И од таа гледна точка зошто би се грижела да го намали бројот на луѓето кои се отселуваат кога отселените едноставно и го поправаат буџетскиот дефицит на Владата. “

Интересот за бугарски пасоши не треба да е изненадување, смета Тренеска. Европското граѓанство дава инстант можност која ја немаат македонските државјани додека земјата не стане членка на Унијата.

„Мислам дека тоа ги поттикна и македонските млади да одат во Бугарија којашто скоро стана членка на Европската Унија и којашто им го олесни патот на младите за да заминуваат на Запад.

Постојат различни податоци за бројот на луѓе што трајно ја напуштиле Македонија. Според едни 230 илјади луѓе за последните 15 години. Според други дури 450 илјади ја побарале среќата. Која статистика и да е точна, едно е сигурно, забележлив е нагорен тренд. Проектот на актуелната Влада преку агресивно привлекување странски инвеститори да го намали процентот на невработени, се загуби во механичкото кастрење во Агенцијата за вработување. Во стилот на Пејо - колку повеќе се иселуваат помалку, материјал за „кастрењеˮ.

  

   

AddThis Social Bookmark Button