„Волонтирањеˮ за пари

"Volontiranje" za pari by Diversity Media on Mixcloud

Волонтерството е доброволна активност која придонесува за подобрување на животот на другите, без при тоа да се бара надоместок. Меѓутоа, оваа активност последните години како да доби извртено поимање. Државните институции масовно ги ангажираат волонтерите, како отскочна штица кон трајно вработување. Приврзаниците на доброволното ангажирање велат дека при тоа се загуби смислата на волонтерството. Ова беше еден од аспектите на дебатата „Волонтирањето е трошење време“ на Диверзити медиа, во рамките на проектот „Дебатирањето менува“.

Подготви Весна Коловска

Звуците на оваа младинска химна ги носеше младите бригадири на терените каде се работеа тешки физички работи во рамки на младинските акции во раните осумдесети во изминатиот век. Беше престиж да се биде дел од младинските акции. Се работеше доброволно, без денар надоместок. Години подоцна, особено меѓу младите владее мислењето дека ништо не смее да се сработи без да се плати. Изумира ли волонтерството во Македонија?

„Кога ќе се соочиме со вистинскиот живот, кај што имаме вистински обврски, имаме сметки, имаме семејство, а од друга страна имаме некоја лична сатисфакција – дали да чистиме пред зградата?! Многу е јасно што ќе одбереме – работа за плата или волонтирање“, вели Душан Миланов, од Одделот за кариера на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип.

Миланов ја изнесе тезата според која сиромашно општество не остава многу простор за доброволно ангажирање за доброто на сите.

Ангажирањето за добивање надомест, а не волонтерски, стана правило за младите, потврдува студентката Душица Тренева, која и волонтира.

Сите бараат нешто материјално. Тоа го сметаат за губење време. Многу мои колеги се изнесуваат со став „трошиш време..“, без да знаат дека јас веќе имам изградена кратка биографија, за која сум сигурна дека апсолутно понатаму ќе ми користи, додека некој друг тоа CV ќе го добие по можеби три години работа“.

Недефинирани обврски

Ваквото сфаќање оди на штета на доброволното ангажирање. Дополнително, штета нанесува практиката владините институции да ангажираат волонтери, кои потоа со години се надеваат на работно место.

Photo by Mite Kuzevski

Миланов вели дека иако Македонија има Закон за волонтерство, често волонтерите влегуваат во ангажман на недифинирани обврски и уште понедефинирано времетраење на ангажаманот.  Покрај тоа, честа дилема е зошто се потребни волонтери, кога Македонија добива забелешки за превработена администрација.  

Секогаш би требало да има потреба од волонтери. Секогаш може некој да придонесе со сопственото знаење, сопствената креативност, вештини... Сепак тоа е развивање на капацитети, развивање на човековиот капитал, учење нови работи. Тоа е една развојна компонента“, смета Миланов.

Преку волонтирањето се гради пракса, искуство, се стекнуваат нови знаења, се добива сигурност во една средина. Интересно е дека и покрај широко раширената пракса на доброволно ангажирање во минатите децении, традиција на волонтерство, според „Студијата за волонтерствоˮ изработена од Министерството за труд и социјална политика, половина од волонтерите годишно, бројка од околу 400, се странци.

Услови

Делумно, според Дина Митровиќ, од Здружението „Младински клуб“ од Штип, се должи и на условите кои ги обезбедуваат странските организации за своите волонтери.

 „Странските организации кои ги менаџираат тие волонтерски програми обезбедуваат поддршка за таквите волонтери. Тоа нашите организации го прават само кога се вклучени во проекти“, вели Митровиќ.

Според тоа, се поставува и прашањето кој сè може да си дозволи да волонтира. Дали доброволното ангажирање им се остава само на младите и на пензионерите?

„ Апсолутно не се сложувам дека можат да волонтираат студентите или определена возрасна група. Младите можеби имаат малку повеќе енергија па ќе се заангажираат да најдат волонтерски позиции, бидејќи информации за тоа каде се има отворени волонтерски позиции  не се наоѓаат толку лесно. Додека возрасните колку и да сакаат да помогнат, нема да трчаат низ град и да бараат каде може да волонтираат. Проблемот кај нас е во организаторот на волонтерската работа“, вели Митровиќ.

Тристотини апликации за едно волонтерска позиција. Ова е пример од Шпанија, земја членка на Европската унија, каде волонтерската работа е престиж и важна точка во кариерата на секој човек. Во Македонија за волонтерското ангажирање сè уште има една извртена слика, а крајните мотиви се вработување, по можност во државната администрација. 

  

  

AddThis Social Bookmark Button