Роберт Поповски: Новинарите Mакедонци мора да научат албански

KOHEZIJA VO MEDIUMITE by DiversityMedia

Генерална оценка е дека медиумите во Македонија, без разлика на кој јазик информираат се слични во извештаите за настаните за кои известуваат. Но, тоа што се покажува како слабост е неможноста македонската публика да ги следи мислењата, колумните или дебатите на другите јазици.

 

Ако во исто време ги разгледувате дневните весници "Утрински весник"и "Коха", ќе забележите дека доминираат исти настани но, сепак обработени на различен начин и од друг агол, зависно од публиката на која и се обраќаат. Но, она што е целосно различно се страниците посветени на колумните и на анализите.  

Тука тие што пишуваат се тотално различни. А, тоа што е уште поспецифично, е фактот дека македонската публика е оневозможена да ги следи дебатите и мислата презентирана на другите јазици.

Арбен Раткоцери, основач на весникот „Коха„ вели дека македонските колеги се зачудуваат кога дознаваат за дебати и различни мислења кои се веќе објавени на страниците во весникот.

-Често се случува, за многу работи да претходиме на дебатите во Македонија, вклучително и сите албански медиуми. Кога овие дебати потоа се објавуваат и во медиумите на македонски јазик, колегите Македонци дознаваат дека овие теми ние веќе сме ги обработиле и жалат што не го знаат албанскиот јазик, вели Раткоцери.

Што пишуваат албанските интелектуалци?

Има и такви случаи каде исти автори пишуваат текстови и на албански и на македонски јазик, ситуации кои не се вообичаени, за што Љупчо Поповски, уредник во „Утрински Весник“, вели дека би сакал да има можност постојано да ги следи реакциите на албанските интелектуалци за општествените феномени.

-Многу би сакал да знам што на пример, еден голем број паметни Албанци пишуваат во весникот „Коха“. Македонската публика е обесправена. Верувам дека многу албански новинари и други луѓе пишуваат текстови за кои ние не ни знаеме, коментира Поповски.

Мухамед Зеќири е новинарот кој ја води емисијата „Патот кон...“ на ТВ Алсат М. Емисија во која дебатите се повеќејазични. Тој објаснува дека телевизијата прави огромни напори за кохезија во општеството, нешто што треба да го прават и други чинители во државата.

-Ова е жално, бидејќи улогата што ја има Алсат, треба да ја има јавната телевизија. Досега никој не се обидел да направи вакво нешто и мислам дека не презеле вакви чекори бидејќи се плашеле од реакцијата на публиката. Ние имавме храброст и сега сме пример, не само во Македонија, туку и во регионот, посочува Зеќири.

Новинари Албанци во македонски медиуми

Дебатна емисија на Канал 5 телевизија има и новинарот Роберт Поповски, кој често зема референци од пишани текстови. Но, како се чувствува како новинар кој не може да ги следи дебатите во немакедонските медиуми?

-Навистина е многу непријатно кога говориме, ги анализираме, дебатираме состојбите во Македонија, а притоа немаме речиси ниту елементарни информации како медиумите на албански јазик ја отсликуваат реалноста. Мислам дека прво, новинарите Македонци мора да сфатат дека неопходно е да го научат албанскиот јазик. Второ, во една преодна фаза, бидејќи ова не може веднаш да се оствари и не верувам дека и сите ќе го прифатат а приори тоа да го направат, затоа мислам дека медиумите на албански јазик би требало да имаат Интернет портали каде клучните информации, клучните стории ќе бидат преведени, смета Поповски.

Според некои истражувања се смета дека информирањето веќе не се разликува во медиумите со различни јазици, како што порано беше случај. Денес насловите и темите кои доминираат во вестите се слични, но, за да се има појасна слика за целото општество и да нема „две вистини“, се сугерира да се преземат следни чекори. А, тоа е пренесување на критиките, дебатите кои се случуваат во медиумите а, кои известуваат на различни јазици од македонскиот.

Речиси сите соговорници на Диверзити Mедиа се согласуваат дека треба да се преземе нешто, од вработување на новинари Албанци во македонски медиуми па, се до создавање на повеќејазични проекти потпомогнати од државните институции.

AddThis Social Bookmark Button