Еднонасочна комуникација

Ednonasocna komunikacija by Diversity Media on Mixcloud

Нема доволно информации за начинот на одлучување на локално ниво од страна на граѓаните. Иако има обиди и од страна на локалната власт и од невладини организации, сепак граѓаните остануваат неинформирани. Ова се констатираше на дебатата на Диверзити Медиа, организирана во Гостивар, на тема „Се носат локални политики без консултации со граѓаните”. Ова беше дванаесетта и последна дебата од проектот „Дебатирањето менува„ и четврта која се организираше низ Македонија.

Подготви Назим Рашиди

Во Гостивар има иницијативи кои постојат за да им помогнат на граѓаните да се информираат за тоа што се одлучува во нивно име. Една од таквите иницијативи е покрената од страна на невладината организација АДИ.

Лулзим Хазири од оваа организација објаснува:

„Иако постои законска рамка што обезбедува граѓанско учество, било тоа референдум, јавни дебати, тие малку ѝ се познати во јавноста. Граѓаните не знаат како се влијае врз донесувањето на одлуките”.

Главен заклучок е дека граѓаните немаат информации колку што би сакале за тоа што решаваат локалните власти. Тоа го потврдија и студенти кои што беа дел од дебатата. Тие велат дека би сакале да имаат повеќе информации за тоа што се случува во нивните општини.

„Не сум информиран. Јас сум од Врапчиште, мала општина и не сум информиран за елементарни работи, а камоли за друго”, вели студент.

„Не сум информиран. Понекогаш има некои информации на социјалните мрежи, но тоа не е доволно”, смета друг.

Photo by Mite Kuzevski

Во Гостивар има неколку локални медиуми. Начинот како тие информираат е без детали за одлулките кои се носат од локалната власт.

Марина Стојанова новинарка од радио Комета вели дека има можност да се направи повеќе во делот на информирање на граѓаните:

„Сметам дека има можност за подобро информирање, но тоа треба да биде од двете страни. Членовите на советите да пренесат повеќе информации за донесувањето на одлуките, а и самите граѓани да учествуваат сами или во здруженија да се интересираат повеќе”.

Избори – единствениот глас на народот

Но, зошто се случува да се нема доволно информации за тоа што прави локалната власт? Зошто постои оваа култура на информирање и што треба да се направи?

Башким Бакиу од Институтот за добро владеење, кој магистрирал токму за локалната власт, дава одговори на овие прашања:

„За жал, само невладините организации се една форма и еден линк за граѓаните да можат да придонесуваат за пренесување на гласот на народот на локално ниво. Единствениот механизам кој што го користат граѓаните се изборите”.

Комуникацијата на властите и луѓето е дел од културата за дебата во едно општество и колку таа култура е развиена. Култура која е поврзана и со начинот на владеење, но, и менталитетот за отчетност кој треба да постои кај самите граѓани, вели Мите Кузевски од невладината организација ИДЕА Југоисточна Европа. Тој додава:

„Процесот и негување на дебата не е едноставен. Со една дебата или тренинг не може да се направи луѓето да дебатираат пред одлуките да се донесат. Проблемот е што кај нас оние што треба да ја наметнат таа култура, не го прават тоа”.

Кога ги прашувате локалните власти, но, и тие од централната власт за информирањето на граѓаните, тие велат дека се обидуваат да дадат што повеќе информации за одлуките. Но, соговрониците на Диверзити Медиа на крај на дебатата се согласија дека сепак треба поголема транспарентност.

  

  

AddThis Social Bookmark Button