Со 50 евра на ден ги лекуваат траумите од притворот одреден по грешка

Министерството за правда, минатата година, на дванаесетмина притвореници, на кои местото не им било зад решетки, туку по грешка биле сместени таму, им исплатило вкупно обештетување од 66.880 евра 

од Валентина Стојанчевска

Кумановецот Сенат Ш., на 22 годишна возраст, во 2007 година, по грешка на македонскиот правосуден систем, одлежал речиси една година во притвор. Заедно, со уште неколку членови на неговото семејство, беше уапсен и обвинет за извршување на четирикратно убиство. Но, во текот на судската постапка се докажа дека Сенат Ш. нема никаква вина, по што доби ослободителна пресуда.

За изгубената една година од животот, момчето ја тужеше државата, по што дури минатата година доби одлука за обештетување, со што на неговата сметка ќе легнат околу 17.000 евра. Пресметката покажува дека еден ден поминат зад решетки, судот одлучил да му го надомести со само 50 евра.

Ова е најчестата дневна тарифа, со која во Македонија се обештетуваат неосновано притворените, кои, пак, ќе ви кажат дека со ништо не може да им се надомести времето кое, на правдина, го изгубиле зад решетки.

Ваквите случаи, за жал, не се реткост. Секоја година во Министерството за правда вршат исплата на десетина оштетени граѓани, кои единствено на овој начин добиваат барем некаква сатисфакција за изгубеното време.
 
Од Министерството за правда не информираа дека минатата година биле извршени 12 исплати на барања за надомест на штета врз основа на правосилна судска пресуда. Дванаесетмината притвореници, на кои местото не им било зад решетки, добиле вкупно обештетување од 66.880 евра.

Една година во притвор одлежаа и четворицата обвинети во случајот „Раштански лозја“, кои иако бараа обештетување од околу 80.000 евра, по човек, добија тројно помалку. Четворицата обвинети, од кои тројца беа припадници на специјалната единица „лавови“, се теретеа дека во 2002 година, во стан во Скопје чувале пакистански емигранти, а потоа со умисла ги убиле во месноста Раштански лозја. Сепак, нивната вина не беше докажана, па во 2006 година добија правосилна ослободителна пресуда, откако претходно одлежаа една година во истражниот затвор „Скопје“.

Според податоците на Министерството за правда, на обвинетиот во овој случај, Бобан Утковски, минатата година, му биле исплатени 26.435 евра или по 72 евра од ден. Според адвокатот Фиданчо Трајковски, приближна сума требало да добијат и останатите обвинети во случајот, но се уште не им била исплатена.

-Обвинетите бараа по пет милиони денари, ама добија помалку и тоа еднаква сума. Парите се уште не ги добиле, бидејќи мислам дека требаше да ги исплатат на рати. Кај нас најчесто овие обештетувања се помали, и по се изгледа дека нивната висина зависи од моменталната финансиска состојба на државата, вели адвокатот Трајковски.

Александар Цветков, кој исто така беше обвинет во „Раштански лозја“, но доби ослободителна пресуда, истакна дека се уште не добил пари од државата.

-Не можам да коментирам, бидејќи се уште не сум ја добил оштетата. Само едно знам. Со ништо не може да ни се надомести времето што го поминавме во притвор, накусо искоментира Цветков.

Сите адвокати, што ги контактиравме, се сложни дека штетите што се одредуваат се премногу мали. Потсетуваат дека условите во затворите се многу лоши, особено во притворските одделенија, бидејќи оваа мерка е предвидена да трае неколку дена, а не со месеци и години. Притворениците постојано се жалат дека истражниот затвор „Скопје“ е пренатрупан, во една келија од 13 квадратни метри спијат по четворица-петмина, а на дневна светлина и воздух имаат право да поминат по два часа од денот.
 
Искусниот Саво Коцарев вели дека за ваквите случаи нема мерила. Според него, не може, денот поминат во затвор да се стави на кантар, додавајќи дека многу работи зависат и од тоа во каква ситуација се наоѓа оштетениот.

-Важна е неговата возраст, неговата здравствена состојба, ситуацијата во семејството итн. Сите оштетени имаат можност да спогодат со Министерството за правда, а доколку не најдат заеднички јазик, оштетата ја бараат тужејќи ја државата во граѓански спор, истакнува Коцарев.

Според Законот за кривична постапка, оштетениот треба прво да се обрати до Министерството за правда, со цел да се постигне спогодба за видот и висината на оштетата. Ако барањето за надомест на штета не биде усвоено или, пак, Министерството не донесе одлука во рок од три месеци, оштетениот има право да поведе граѓански спор пред надлежниот суд. Правниците објаснуваат дека со тужбата граѓаните имаат право на материјална отштета, која најчесто се однесува на изгубени дневници, плата, и на нематеријална, како надомест за нарушен углед или за претрпена душевна болка.
 

Адвокатите објаснуваат дека оштетата што се исплаќа по овој основ е минимална, во споредба со европските земји.

-Сум имал неколку случаи кога клиентите неосновано биле држени во притвор, по што ја тужеле државата. Најчесто судовите одредуваат по 50 евра надомест за еден ден поминат во притвор. Но, оваа пракса не се почитува секогаш, бидејќи сумите некогаш се дури и помали. Недозволиво е некого, на правдина, да го ставиш зад решетки, а потоа да му ја надоместиш траумата со илјада денари. Само оние кои биле во притвор знаат што доживеале, и дали со нешто може да им се пополни она што го изгубиле, вели адвокатот Никола Танчев.

Поранешниот јавен обвинител, а сега адвокат, Стеван Павлески, коментира дека иако никој не може да му ја плати слободата на невино осуден или притворен човек, сепак треба да добие достоинствен паричен надомест. Објаснува дека тој надомест во Македонија е мизерен, за разлика од други земји, каде што се исплаќаат милионски суми.

-Сум имал искуство кога била досудена оштета од 50 евра за ден притвор, а Апелација ќе ја преполови сумата. Поголемата трагедија е, пак, кога државниот правобранител ги обжалува ваквите одлуки, со што се одоговлекува исплаќањето, па по едната неправда која ја доживеал клиентот, доживува уште една нова. Треба да размислат дека по грешка на правосудните органи, на еден човек му го уништиле животот, бидејќи некој го губат семејството, некој здравјето, но по се изгледа за тоа никој не се грижи, дециден е Павлески.

Слична е ситуацијата и во регионот. Српските медиуми неодамна информираа дека на земјоделец од Коштуница, кој невин поминал 222 дена во притвор, му било понудено да го обештетат со по 1.000 денари на ден. Земјоделецот, кој бил обвинет за трговија со наркотици, но вината не му била докажана, луто им возвратил на службениците во Министерството за правда, дека тој ним ќе им исплаќа по 2.000 денари на ден, ако влезат во притвор.

Кога граѓаните, на било кој начин не можат да ја добијат или докажат својата правда пред домашните судови, им преостанува последната надеж, Судот за човекови права во Стразбур. Минатата година, според податоците од извештаите на владините агенти од Македонија, државата имала обврска да исплати приближно 340.000 евра, по основ на пресуди и одлуки на Евроскиот суд за човекови права. Во 2011 година, пак, Македонија била задолжена да исплати 198.000 евра, а најголема сума била одредена во 2010, од вкупни 638.000 евра. Од 2002 година, па завршно со 2012 година, по одлуки на Стразбур, државата на своите граѓани им исплатила вкупна оштета од 1.250.000 евра.

Оштета од 6.400 евра државата ќе треба да му исплати и на Ѓорѓи Ѓорѓиев, кој тужел во Стразбур, откако во Македонија му застарело делото, по десетгодишно влечкање по судови. Овој случај е специфичен и уникатен, бидејќи оштетениот пред Стразбур тужел бик, кој бил во сопственост на државата, а кој му нанел телесна повреда.

Во 1999 година, Ѓорѓиев бил осуден на шест месеци затвор, поради што бил испратен казната да ја одлежува во штипскиот затвор. Во затворот добил задолжение да се грижи за добитокот. Два месеци пред да му истече казната, бил нападнат од бик кој не бил кастриран, при што се здобил со бројни телесни повреди. Државата ги покрил медицинските трошоци, а бикот бил усмртен. Но, поранешниот затвореник повел граѓанска постапка, против државата  и затворот, барајќи надомест на нематеријална штета. Во 2002 година е донесена првостепена пресуда со која на оштетениот требало да му се исплатат 5.000 евра. Но, подоцна оваа пресуда е укината од второстепениот суд, а по неколку години и делото застарува. Затоа Ѓорѓиев ја искористил и својата последна шанса, во судот во Стразбур, каде што минатата година е одлучено да добие надомест од 5.000 евра за нематеријална штета, како и дополнителни 1.400 евра, со кои треба да ги покрие трошоците кои ги имал пред домашните судови.
 
Одлука од овој суд чекаат и некогашниот сопственик на „А1“ телевизија, Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска, кои тужат за прекршување на правото на персумпција на невиност, бидејќи уште пред да бидат правосилно осудени, неколкумина јавни функционери, излегоа со јавни изјави, дека тие се виновни за делата што им се товарат. За висината на пресудата што ја добија, Велија 13, а Емел 7 години затвор, и за тоа дали биле виновни или не, ќе можат да поведат спор откако ќе ги искориста сите правни лекови во државата, односно по случајот „Пајажина“ остана да се произнесе и Врховниот суд. Чарето во овој суд најави дека ќе го бара и, поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, кој беше осуден на петгодишна затворска казна за случајот „Кампања“.

За догогодишното влечкање низ судските лавиринти и застарување на делата, граѓаните постојано се жалат и кај народниот правобранител Иџет Мемети.

-Иако со реформите во правосудството, преку измени во процесните закони, постојаната едукација на судиите и другите преземени мерки се очекуваше значително подобрување на состојбата со остварување на правото на граѓаните за побрз и полесен пристап до правдата, сепак и во оваа извешатјна година се заведени претставки за судење во нерзумен рок, стои во извештајот за 2012 година на народниот правобранител.
 

Истражувањето е поддржано од ЦИН СКУП Македонија во рамките на проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известувањеˮ

Оригиналниот текст може да го прочитате тука: http://scoop-mk.blogspot.com/2013/11/50.html

AddThis Social Bookmark Button