Дијаспората да дојде и да гласа во Македонија

Македонија една изборна единица, дијаспората да гласа само во Македонија, отворени листи на пратеници. Ова се некои од заклучоците кои произлегоа од дебатата во Струмица во рамките на проектот Глокал дискусии-МК. Нано Ружин, универзитетски професор, поранешен пратеник и  дипломат објаснува која е суштината на изборните модели.

„ Граѓаните меѓу себе треба да направат ден вид на општествен договор, а не да им се наметнува дека сите ќе размислуваaт ова или она. Дека општествен интерес на Македонија ќе биде онаков каков  што ќе размисли политичката партија. Не! Да им се даде право и на оние што изгубиле на изборите да се снајдат во тој систем. Тоа е суштината на изборните модели.“

Во однос на изборниот модел, вели, многу попрактичен е пропорционалниот особено во мултиетнички општества како македонското. Но предупредува и на ризиците.

„ Пропорционалните модели според кои парламентот е составен од различни политички партии потешко функционира во случај на хетероген парламент. Таков беше случајот со Италија па го смени изборниот модел бидејќи преку 100 влади се сменија за многу кус период. Меѓутоа, поаѓајќи од нашето искуство, расипаноста на политичарот, корупцијата којашто постои, изгледа дека е подобро, барем за сега, владите почесто да се менуваат. “

Посочува и на уште еден, според него, најголем проблем.

„ Проблемот на Македонија е во избирачкиот список и прочистување на избирачкиот список и пред се’ оневозможување на манипулациите и влијанието на партиските медиуми или државни медиуми кои се под влијание на партиите, вели Ружин

Граѓаните на Струмица речиси едногласни во ставот дека бараат отворени листи со што директно ќе гласаат и ќе ги избираат пратениците. Еве и зошто.

„ Во политичките партии да се избираат луѓе коишто се со авторитет, коишто се чесни и познати во јавноста.“

„ Подобро ќе биде ако гласаме за личности. Сега сите си го гледаат само бизнисот. “

„ За таа партија за која ќе гласам треба и личноста да биде поволна. “

„ И за личности и за партии, оти ако една личност не е во ред не може да биде избран за  државен раководител. “

„ Кај нас за пратеници се избраа луѓе коишто се неспособни дома, не ги бидува за семејството а станаа пратеници. Кај нас се чувствува дека партиите не ги сакаат способните луѓе. “

И локалните граѓански активисти се на иста линија. Ѓорги Тасев од здружението „ Новус“ смета дека:

„ Со оворените листи граѓаните ќе можат да гласаат за кандидат. Значи тие ќе одлучуваат на кое место ќе биде кандидатот, а со тоа и самите политички партии ќе внимаваат кого ставаат на таа листа. Така ќе доаѓа до израз квалитетот, моралот и одговорноста на самата личност.“

Зошто е ваквиот дециден став на обичните луѓе? Свое објаснување дава новинарот Ване Трајков кој правеше анализа на тема- изборните системи во интерес на граѓаните или политичките партии.

„ Мислам дека ја губат довербата во политичките партии односно во кандидатите коишто ги гласаат не само за пратеници туку и за советници. Едноставно сакаат авторитетни луѓе, луѓе коишто ќе ги застапуваат нивните интереси. Ние сме во 4.изборна единица и буквално политичките партии ги крои за да можат да внесат и од Прилеп и од Валанадово и од Гевгелија а можеби грото добри кандидати се од Валандово“, вели Трајков.

За професорот Ружин ставовите на граѓаните се индикатор за промени.

„ Евидентно е разочарувањето во политичката елита во Македонија, независно од која политичка партија е. Второ е дека постои желба да дојде до промени на досегашните модели или на досегашните табиети на нашите политичари- постојана манипулација постојано гледање да се изнајде некој што ќе е лојален и послушен отколку храбар, транспарентен, отворен и чесен. И трето ова е еден добар знак дека политичката култура во Македонија почнува да расте, што значи граѓаните почнуваат да се интересираат како ќе функционира политичкиот систем, кој ќе владее во државата и на кој начин нивните интереси ќе бидат промовирани на повисоко ниво.“

Во однос на дискусиите за повеќе или една изборна единица, Струмичани конкретни.

Добро е да биде една изборна единица, а никако дијаспората да гласа. Тие луѓе не живеат овде, а сакаат да мислат за мене како да живеам.

Дури и од позиција на претставник на дијаспората, можеби изненадувачки, нема разлика во ставот. Димитар Цветковски од македонската заедница од Северна Германија вели:

„ Не треба. Ќе ви кажам две причини зошто. Ние што сме поблиску, во Европа, доаѓаме овде почесто, два пати или три пати годишно. Се среќаваме со нашите роднини и ги гледаме потешкотиите што ги имаат и мораме да им помагаме за да излезат на крај. Тие што се во САД или во Австралија, со двојно државјанство, ти со години не доаѓаат овде и не знаат каков е животот. Затоа треба самите да се свесни да не го осудуваат својот народ во матичната држава. “

Ружин од друга страна посочува и на друг ефект што би се постигнал со Македонија како една изборна единица.

Едната изборна единица можеби ќе влијае во насока на создавање на мултиетнички партии затоа што битката за гласовите ќе се води низ целата држава. Иако јас се сомневам во тоа бидејќи творците, политичките партии, или имаат страв или не се доволно храбри или не го испитале вистинскиот фидбек на ваквиот модел.  (36,35 крај)

Искуството од претседателските избори во 2009-та покажа дека етничкиот Албанец кандидат, Имер Селмани, освои значителен број гласови од етничките Македонци во Струмица и низ земјата. Ако нешто суштински не се смени, овој случај сепак ќе остане како исклучок во досегашното демократско живеење на Македонија. Според дискусијата во Струмица, стартна основа може да биде промена на изборниот модел.

AddThis Social Bookmark Button