Мултикултура само со упат од матичен

Multikultura-mkd by DiversityMedia

Од илјадниците проекти што Министерството за култура ги поддржува, оваа година најдовме три кои можеби имаат мултикултурно во себе, како на пример, колективна изложба на дела од средношколци во Тетово.

Иако Македонија се декларира како мултиетничка држава, на прсти се бројат заеднички проекти во кои учествуваат уметници од мешан етнички состав. На социолози ова им личи како на живот во енклави, а Министерството за култура нема одговор. Единствено активни на ова поле се невладините организации.

На Интернет ја гледам понудата што годинава ја има Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Од јануари досега се организирале само два настани на кои заедно учествувале уметници од различни етнички групи во Македонија. Токму во ваквите проекти социолозите гледаат начин да се доближат разликите меѓу македонските граѓани кои особено се изразени по воениот конфликт во 2001-та.

Професорката на Филозофскиот факултет, Татјана Стојаноска смета дека државата малку прави за заедниците да се мешаат културно и потсетува дека одвоен живот во енклави е враќање еден век наназад.

-Токму затоа е многу важно да се работи на еден вид напредок на заедништвото. Она што е добро, позитивно, напредно во рамките на една култура, не значи дека ќе те асимилира ако го прифатиш. Токму тоа е битно за да можеш да го научиш другиот, за првенствено да можеш да го разбереш. Мораш да ги научиш неговите културни специфики, спецификите на неговата етничка заедница и спецификите на неговата културна заедница, смета Стојаноска.

Тоа, смета социологот Стојаноска е и причина и за повремените меѓуетнички искри во училиштата. Вели дека клучот на проблемот е во проекти во кои младите ќе бидат вклучени. И предлага:

-Зошто не се направи изложба на автори од различни етнички групи? Тоа да се популаризира, да ги однесете средношколците масовно да ја посетат. Така масовно ќе се придонесе. Има многу механизми но, и многу треба да се работи на тоа. “

Актуелната Влада во дел од јавноста беше критикувана дека со масовното поставување моноетнички споменици го потхранува паралелниот, а не заедничкиот живот меѓу различните етнички групи во Македонија.

Без одговор

Диверзити медиа ја праша министерката за култура Елизабета Канческа Милевска колку од буџетот се одвојува за проекти кои го одразуваат мултиетничкиот карактер на државата и дали досега има такви проекти? По неколкудневно одлагање, не добивме одговор. Од илјадниците проекти што министерството ги поддржува, за оваа година најдовме три кои можеби имаат мултикултурно во себе, како на пример, заедничка изложба на дела од средношколци во Тетово. До пред некоја година имаше и театарски претстави на два и повеќе јазика!?

Несрин Таир e актерка во турскиот театар во Скопје. Таа има искуство со неколку улоги во двојазични и тројазични претстави. Играше во драма на Шекспир во копродукција на турскиот, битолскиот театар и Лабораторио Нове од Фиренца, претстава во која се зборуваше на македонски, турски и италијански јазик. Тоа искуство го памети како интересно доживување.

-Многу значи кога секој актер се претставува на својот јазик, а од друга страна и актерски е многу поинтересно зашто покажува дека театарот е вистинска магија. Актерот не мора да ти врати реплика на твој мајчин јазик, театарот е еден вид уметност доволна да се разбереме со очи, објаснува Таир.

Таа смета дека ова е начин и да се зголеми публиката која, како што вели, не милува да гледа претстави на јазик што не го разбира.

Јазиците не се пречка

Дека јазикот не е пречка докажа музичарот и новинар Петрит Сарачини. До пред неколку години имаше радио програма во која наизменично зборуваше и на албански и на македонски јазик, споделуваше шеги и пушташе добра музика. Програмата загаснала како што вели, бидејќи концептот бил скап, а медиумиот не можел финансиски да го издржи.

-Мене лично ми недостигаат такви програми затоа што покажуваат некаква кохезија во општеството и упатуваат на тоа. Тоа е она што е клучно и треба да се најдат форми овие програми да се поддржат било преку субвенционирање од државата било со помош на граѓански организации, предлага Сарачини.

Во Македонија денес речиси и да нема музика од албански бенд на македонски музички радија и телевизии и обратно. А според социологот Стојаноска, токму медиумите ја имаат најважната улога за промоција на мултикултурализмот. Исклучок е телевизијата Алсат-М на која доминираат емисии за албанска публика од кои дел се со превод на македонски јазик.

Еден медиум е сепак малку наспроти тоа колкава е потребата да се стимулира она што Стојаноска го нарекува „напредок на заедништвото“. Слабата промоција во медиумите е одговор зошто малку се знае за стотината тековни мултикултурни проекти кои ги реазлизира невладиниот сектор. До нив единствено може да се дојде само ако пребарувате на ГУГЛ.

AddThis Social Bookmark Button