Загадувањето, мотив за граѓански и институционални акции

Во последните неколку години загадувањето на воздухот во Тетово ги преминало за десетина пати повеќе границите на нормалата и е проследено со полемики и протести на граѓаните и граѓанскиот сектор. Од општина Тетово во дебатата организирана во склоп на проектот глокал.мк велат дека веќе се преземени многу потребни мерки за намалување на загадувањето. Според Теута Џафери, секретар во Општина Тетово, не треба да се заборави дека загадувањето во Тетово е еден стар проблем.

Теута Џафери: „Проблемот со загадувањето на воздухот не е нешто што се случило денес. Тој е присутен во последната деценија, и со самиот факт што процесот на урбанизација тргнал по надолна линија, односно има злоупотреба од аспект на градежништвото,се попречува природното вентилирање на градот. Друг проблем имаме и од географски аспект, бидејќи градот Тетово се наоѓа во котлина и во зимно време се случува таканаречена инверзија, при што маглата и ладниот воздух се симнуваат долу и во тој загаден дел дишењето е многу тешко.

Што се однесува на мерките преземени од страна на оваа институција, Џафери ја спомна забраната за моторните возила за јавен превоз и за транспорт на стока чија крајна дестинација не е Тетово да не поминуваат низ град преку ден, како и обидите да се ставаат во функција еднонасочни улици, формирање на претпријатието за јавен превоз и претпријатието за паркинзи во градот, зголемување на бројот на инспектори и прскање на улиците со калциум –магнезиум-ацетат.

Во меѓувреме од граѓанскиот сектор велат дека овие мерки не се доволни и доколку не се применуваат како што треба нема да покажат резултати. Вака мисли Арианит Џафери од организацијата „Eco Guerila”.

Арианит Џафери: „Мислам дека поголемиот дел од мерките сеуште постојат само на хартија, и немаат некој голем јавен ефект. На пример, мерката за забрана на тешките товарни е една од најдобрите мерки која не е предложена од нас како движење, туку е решение предложено од самата општина. Но, проблемот е колку таа се применува во практика. Јас живеам во индустрискиот дел на влезот на градот, и често ми се случува да видам тешки транспортни возила, шлепери со стока, затоа што во близина има бројни магацини каде што се носи стока и сред бел ден.

Од општината велат дека кога се пријавуваат вакви случаи, инспекторите заедно со полицијата излегуваат на терен и имало и случаи кога се напишани и соодветни казни. Во салата немаше претставници од полицијата, но според Џафери, за непочитување на овие правила во сообраќајот, во одредена мерка е виновна и полицијата поради неизвршување на својот дел од задачите.

 Меѓу другото се спомна и ниското ниво на свесност на граѓаните за непочитување на мерките против аерозагадувањето, за што Џафери впери прст кон нефункционирањето на правната држава.

Арианит Џафери спомна и еден дамнешен проблем со кој се соочува градот Тетово, депонијата, во која според него освен отпадоци се горат и многу штетни хемиски елементи.

Арианит Џафери: „Депонијата се наоѓа на самиот влез на градот и се наоѓа позади една мелница, или фабрика за леб која го снабдува целиот град со своите продукти. Таа веќе долго време се наоѓа на тоа место и најчудно е што нашата градоначалничка, која за жал не е тука со нас, вршеше предизборна кампања токму на тоа место, при што кажа дека тогашниот градоначалник на општината, г. Сади Беџети, токму на тоа место ги скрил комуналните отпадоци и го местото употребува како дива депонија. За да бидеме јасни, на официјалната фејсбук страна на градоначалничката пишува „дива депонија“, додека пак денес таа дива депонија се нарекува „станица за претовар и истовар”. Значи, дапонијата е преименувана, но проблемот не е решен. Преименувањето на една депонија во станица за претовар и истовар, или ако сакате наречете ја и модна ревија, не го менува фактот што тоа е едно место каде што се собираат и се горат отпадоците.”

Општината има свое образложение за проблемот.

Teuta Xhaferi: „Не дека сме ја преимениле депонијата во станица за претовар и истовар, но тоа во Русино е депонија за комунален отпад, и општината, поконкретно претпријатието, е должна да најде посоодветно место, и од овој аспект општината е во фаза на подготовка на документацијата за урбанистичкиот локален план за местото на станицата за претовар и истовар и истовремено за депонијата за инертни отпадоци.”

Виктор Стојаноски е раководител на секторот за инспекција при Општина Тетово. Тоj се заколна дека неговиот тим ја врши својата работа со целосна одговорност, но апелираше до граѓаните да и тие го исполнат својот дел од обврските.

Виктор Стојаноски: „Можам да ви кажам дека додека се подготвував за оваа дебата, ги погледнав само последните податоци и само во овие последни две недели имаме напишано 16 казни. Верувајте дека ова не е лесна работа, затоа што во градот сите се познаваме и е многу тешко да се делува. Затоа јас апелирам до граѓаните и транспортерите да ја почитуваат одлуката. Во оваа дебата, абсолутно и одговорно тврдам дека во улиците за кои важи одлуката, истата се почитува до 95%.

Освен споменатите проблеми кои ги загрижуваат горенаведените, по се изгледа дека граѓаните ги загрижува и нешто друго, а тоа е немањето на зелени површини во овој град кој од ден на ден се повеќе се бетонизира.

Граѓанин: „Сметам дека недостатокот на правниот систем предизвикува вакви проблеми затоа што нема одговорност и вината само се пренесува од еден на друг. За време на дискусијата мислам дека не се оддели доволен простор и на прашањето за зелените површини во Тетово. Ова е еден многу важен проблем затоа што за тие зелени површини беше надлежна општината, а денес се узурпирани од урбанистички криминалци кои со корупција ги узурпирале истите и денес сите се бетонизирани.”

Институцијата на која се однесуваа критиките од присутните вети дека идната година граѓаните на Тетово ќе може да се движат со јавен превоз и ќе имаат еден подобар систем за паркирање, односно форми кои ќе го олеснат сообраќајот и ќе влијаат врз намалување на загадувањето.

 

AddThis Social Bookmark Button