Што друго може човек а да не помогне?

Гевгелија со печат на бегалската криза

Бегалците не се само обична бројка. Оваа теза се потврди во Гевгелија на дебатата организирана во рамките на проектот Глокал.мк. Градот на рутатата која води од Грција до Европската Унија се справува со проблем кој е глобален. Во Македонија се дели на две фази-  пред и по донесувањето на Законот со кој им се легализираше транзитот на луѓето кои бегаат од државите зафатени со конфликти, најмногу од Сирија.

„Немав време да размислувам дали, кога и колку треба да им се помага.“

Ленче Здравкин е синоним за човек со големо срце. Таа за многумина од бегалците беше и сѐ уште е ангел чувар. Две и пол години им помага- на почетокот во својот дом во Велес, а од јуни минатата година во кампот на јужната граница. Сведок е на многу животни драми.

„Можете ли да замислите дека едно млади момче што дипломирало медицина или е специјалист интернист ти го отвора телефонот и ти ја покажува болницата во којашто работел во Алепо, во Сирија, и наеднаш кажува дека нема ниеден член на неговото семејство. Неговата болница е урнатина и нема што да прави.“

Ова беше предизвик и за новинарите, професионален и човечки, вели Сузана Мицева која со месеци известува од терен.

„ Имаше една приказна којашто ја објавивме пред некој месец за момче од Авганистан кое што патувало со другарите.  Го ограбиле, го претепале и го оставиле во блиското село Пирава овде. Локалните жители се грижеа за него 2 недели. Го хранеа, го облекоа, му купија велосипед и мобилен телефон и по некое време им се јави од Минхен. Тоа беше пред периодот  Законот за азил да биде променет. Тогаш жителите беа изложени на ризик зашто беше нелеаглно да се прими илегален мигрант.  “

Ваквите ситуации драстично се сменија со отворањето на бегалскиот камп во јуни минатата година. Како се заоструваше бегалската криза, така се менувала перцепцијата во јавноста за тоа што и се случува на Македонија и светот, согласни се обете.

 „ Перцепцијата е многу променета и мислам дека Македонија тука положи еден голем тежок испит во однос на етничкиот аспект, религијата. Тука се собравме сите од хуманисти до невладини организации. Никој никого не прашува кој е и што е по националност. Тука сме дојдени само за една цел. Тешко беше, не велам не, меѓутоа состојбите толку се променети на подобро“ , вели госпоѓа Здравкин.

Според Мицева, имало и обиди за извртување на реалноста.

„ Во неколку наврати се оценуваше бруталноста на полицајата, а ние бевме сведоци дека полицајците ја делеа својата храна и вода со бегалците. Сочуствуваа со нив, помагаа на изнемоштените, ги носеа во болница. Во моменти кога ќе пристигне новинар којшто не ја следел ситуацијата и ги фаќа кога тие се обидуваат да ги тргнат на страна луѓето коишто по секоја цена сакаат да влезат- не е реална сликата дека полицијата ги малтретира.

Дали постои страв кај луѓето и дали е оправдан? Новинарката Мицева.

„ Постои опасност, кога имате таква масовна миграција може кој било да помине, бидејќи секогаш може да се најде начин. Не можеме да ја искличиме опасноста, но, од друга страна не е фер да се фрли целата вина врз бегалците бидејќи има и недложен народ кој, сигурно, не тргнал од лесно. Не би можела да ги одземам и мигрантите кои беа оквалификувани како економски мигреанти, а не ја знаеме нивната приказна.

Оваа дилема Здравкин ја доживува поинаку.

„ На почетокот се јави отпор кај Гевгеличани, но, тоа беше неминовно зашто центарот на градот е блиску до железничката станица. Бегалците имаа потреба за малите деца да купат млеко и други продукти. “

Во публиката на дебатата, беше и училишниот психолог од Гевгелија, Светлана Митровска. Таа вели дека е горда на сета хуманост што ја покажуваат граѓаните на Македонија, но не и од европските институции.

Јас како психолог сум засегната колку психолошката поддршка и помош за тие луѓе коишто се трауматизирани како тоа функционира тоа во камповите. Ни имам забелешка и критика до Европа која што ја остави Македонија на почетокот сама да се справува.  Европа доцни со своето сценарио за да се превенира кризата уште од Турција.

Одговорот од Ленче Здравкин е многу конкретен.

„ Траумите како на децата, така и на возрасните се многу големи. Во самиот центар има педагози, психолози и секојдневно се работи со сите. Има, навистина има голема грижа. А прашањето поврзано со Европа.... ние секој ден се прашуваме и следиме медиуми каде ќе има средба на лидерите и се прашуваме уште колку ова ќе трае, како ќе трае и како ќе заврши.“

Оваа жена во првите месеци од бегалската криза деноноќно помагаше на тогаш, илегалните мигранти кои транзитираа низ Велес. Соочена и со кривична одговорност, поради тогашниот закон, немала дилеми дека после сѐ, најважно е да се биде човек.

„ Сметав дека ако видиш човек паднат на улица, без разлика дали е Сириец, Авганистанец, Македонец, мораш да му помогнеш. Ако еден татко со две дечиња на 4 и 5 годишна возраст паднал на патот и се онесвестил, децата пискаат, што сум можела друго да направам освен да го земам и да го однесам во болница?

Повеќе од половина година, Гевгелија е нејзин втор дом. Секојдневно патува од родниот Велес и работи заедно со другите волонтери од Македонија и странство упорно потсетувајќи на вредностите кои многу често се забораваат. Иако соочена со дилемата до кога ова ќе трае и како ќе заврши, Здравкин тврди дека хуманитарната работа ќе ја продолжи со истиот елан како првиот ден.

Според податоците на Меѓународната организација за миграции, лани низ Македонија транзитирале безмалку 700 илјади луѓе. Годинива се прогнозираат дека од Турција во Грција ќе влезат милион.

AddThis Social Bookmark Button