Невозможна мисија: Како за пет дена да се смени јавното здравство?

Javno zdravstvo by DiversityMedia

Македонците  јавното здравство ги чини околу  400 милиони евра годишно. Уште дополнителни 200 евра од сопствениот џеб плаќаат за услуги во приватното здравство. Додека приватното здравство станува гранка во македонската економија, анализираме што се случува со  јавното здравство.   

 

„Мизерни, мизерни услови. Чаршафите се катастрофа. Луѓето на обични душеци спијат.“

„Мислам дека треба поголема хигиена, да се обрне поголемо внимание. Па, 21-ви век сме!„

„Нема греење, таа е вистината. Од дома донесуваме греалки“.

„Не се добри купатилата, треба подобра апаратура“. 

Ова се сведоштва на пациенти за условите во неколку болници во земјава, како и на нивни блиски роднини и пријатели.

Така, додека пациентите на штипската болница се бореа со студот во болничките соби и нехигиената, новиот министер за здравство Никола Тодоров го почна првиот состанок во рамките на проектот за директно менаџирање на болницата.

-Ова е првпат да спроведуваме вакво нешто како министерство. Генерално кога почнувам нешто ново очекувам успех, посочи првиот човек во здравството.  

Кајзен методот министерот Тодоров го опиша како принцип на работа каде на лице место се добиваат информации и во пет дена престој заедно со тимот  се решаваат тековно и веднаш.

Моќта на функцијата министер

Веќе вториот ден тој казни две сестри кои ги фати како пушат цигари во болницата. Третиот ден замина во болницата, која и самиот ја опиша како место како од хорор филм.

-Во Невролошкото одделение нема ни хумани услови за престојување, а камоли услови за престој на тешко болни пациенти кои што имаат потреба од подолготрајна нега. Имајќи ги предвид сите околности, одлучив да го затворам одделението, кажа Тодоров.  

Одлуката не беше изненадување за раководството на болницата. Еден од директорите рече дека за затворање се подготвуваат веќе подолго време. Но, министерот е моќен тоа и да го спроведе. Утредента камерите документираа преселување на креветите со нова постелнина, добиена од спонзор.

Меѓутоа, колку овие пет дена менаџирање на терен ќе ги сменат состојбите со јавното здравство?

Според експертот Владимир Лазаревиќ остануваат проблемите со недостиг на лекари кои заминуваат во приватно здравство кое што е во подем, а во поново време тука е неупотребувањето на скапата медицинска опрема.

-Дополнително треба да имате инфраструктура за таквата опрема. Ние се уште имаме проблеми, некои од болниците не беа подготвени каде да ја инсталираат новата опрема. Денеска се придвиживме кон еден целосно централизиран систем на организација. Според изјавите на министерот за здравство, практично министерот е директор на сите здравствени установи. Тоа не функционира во светот, коментира Лазаревиќ.   

Битолската болница  е следната на министерската листа за директно менаџирање. Гинекологот Гоце Чакаровски е еден од лекарите кој добил прилика да работи со скап четири димензионален ултразвучен апарат, кој пак, е делумно во употреба.

-Имам една забелешка. Во моментот кога го инсталираа апаратот, дојде еден претставник, ни покажа како се работи и на тоа заврши. Повеќето од нас не сме едуцирани да работиме со тој скап апарат, и затоа ретко го користиме, вели Чакаровски.  

Доктор Чакаровски е од опозициската СДСМ, но заедно со своите колеги од ВМРО ДПМНЕ работел на обновување на нов оддел за родилки. Опремиле и ВИП родилна сала, каде таткото удобно сместен ќе може да го следи доаѓањето на своето дете на свет. Го сподели впечатокот дека за да се реши нешто, како што вели, потребно е да се има политичка одлука.

Недостига кадар

И оваа болница, како и болниците во другите македонски градови има проблем со недостиг на кадар кој замина во приватното здравство. Министерот Тодоров во изјавата  на Диверзити медија вели дека решението го нашол во соработката со универзитетите и професорите.

-Тоа е најтежок предизвик – како да се обезбеди кадар во услови кога едукацијата на тој кадар трае многу долго време. Ако денеска одлучиме да вработиме 20 лекари, за една недела тие 20 лекари ќе бидат во Скопје и таму ќе бидат во наредните 5 години. Едно од решенијата  е кооптирањето на Медицинскиот факултет, предлага министерот.

Колку е посиромашна земјата, толку повеќе нејзините граѓани плаќаат за здравство. Светската здравствена организација има податок дека за здравство, Македонија одвојува 7% од својот бруто домашен производ.  Секој граѓанин плаќа по 12 евра месечно за здравствено осигурување, но уште дополнителни 5-6 евра во просек плаќа во приватните болници или за лекови. Владимир Лазаревиќ вели дека тоа е регионален феномен.

-Тоа е еден маѓепсан круг во кој не успеваме да најдеме јасна врска помеѓу тоа што е тоа што државата го плаќа и што е тоа што граѓаните го плаќаат, а понекогаш плаќаат двапати.  Не се наоѓаме само ние во ваква ситуација. Најголемиот број од државите од нашето опкружување ги делат нашите проблеми, вели Лазаревиќ.

Од земјите во регионот, најмногу пари за здравство се издвојуваат во економски крахираната Грција, односно над 3000 долари  по глава на жител , а најмалку во Албанија – 580 долари по глава на жител. Следува Македонија со 750, Србија со 830, и европска Бугарија со 860 долари по жител. 

AddThis Social Bookmark Button