Тужбите- главно оружје за замолчување

Во граѓанските судови се водат 500 судски процеси за навреда и клевета, од кои половината се по тужби против новинари. Само 40 случаи се новинари против новинари, а во останатите тужители се најчесто политичарите, но и граѓани кои тужат за навреда и клевета и бараат отшета. Овие податоци во емисијата Попладне на Алсат ги откри новинарот Саше Димовски, кој  констатира дека откако овие случаи од кривичниот се префрлија во граѓанскиот суд во 2013 година, нивниот број не се намалува, само стагнира. Но тие и натаму служат како средство за притисок и заплашување на новинарите, вели Димовски, чија специјалност е токму судството. Последните години загрижува што се зголемува бројот на тужбите против истражувачките новинари.

Во најголем дел од овие постапки се покажа дека тужат не само затоа што сакаат да воспостават  контрола врз медиумот ако се работи особено за некое истражување што почнало да се објавува во неколку делови. После првиот текст добивате тужба, тоа е една од заканите. И нормално секој би се повлекол ако знае дека можеби за секој следен текст ќе добие тужба, а тоа е еден од методите. Постапката е многу брза заради спрегата на политичарите и судовите. “, вели Димовски во емисијата Попладне на Алсат.

Истражувачките новинари работат на проблеми кои се поврзани со власта. Оттаму притисокот врз нив се повеќе се зголемува. Тие работат во услови кои се исклучително тешки за овој тип на новинарство затоа што институциите се затворени, податоците многу члесто се прогласуваат за класифицирани, така што постои речиси целосна блокада за истражувањата. Ана Петрушева, директор на Балканската истражувачка мрежа објаснува дека кога ќе објават истражување се соочуваат и со игнорирање од страна на провладините медиуми. Тужбите за клевета и навреда властите исто така не ги штедат кога се во прашање истражувачките новинари, но користат и други методи во обид да ги замолчат.

Најчесто, за жал,  кога имате истражувачки стории, ако не имате игнорирање од страна на институциите и медиумите, може  да ви возвратат со приказна за дискредитација на новинарот кој ја изработил. На тој начин ако може да се заборави на темата што ја обработил, туку да се каже дека тој новинар е проблематичен, дека е платеник, работи за странски служби и слично.“, изјави Ана Петрушева во Попладне на Алсат.

 

Тужбите за навреда и клевета сепак остануваат главно средство за притисок и заплашување на новинарите. Саше Димовски , според податоците од граѓанските судови каде што се водат овие процеси, открива и друг тренд. Најголем број од овие судски процеси се во судовите во Скопје, но расте нивниот број и во останатите градови и помали средини како Радовиш, Крива Паланка, Делчево. Овој тренд тој објаснува дека се должи на нискиот праг на толеранција за критика на власта почнувајќи од највисоко ниво. Тужат дури и ако  јавно ги повикаат да одговорат дали ја злоупотребиле функцијата, јавните пари.

Ако премиерот не е толерантен на обвинувања на опозицијата и поднел една две тужби,   неговиот пример го следат директори, министри. Тоа што во Европа се смета за демократска вредност, за критика како поттик за работа, да одговорат на критиките, за нив е лесно, поднесуваат тужба кај судија кој им одговара и добиваат пресуда“, вели Димовски.

Овие судски процеси завршуваат експресно и се бараат големи суми пари, но колкав е притисокот врз новинарите говори и фактот што не се штеди ниту при поднесување на тужбата, што може да чини и две илјади евра. Димовски како пралалела го дава примерот на европските политичари кои во вакви судски процеси добиваат симболична отштета од едно евро, но нивната сатисфакција е што ќе се објави во јавноста пресудата доколку докажале дека се наклеветени.

Колкав е притисокот на тужбите од власта против новинарите говори и фактот што се најдоа во Извештајот на Прибе каде што е наведена следната препорака:

Обвинувачките/клеветничките дејства не треба да бидат користени како средства за да се задуши дебатата или да спречат јавните фигури да одговараат. Посебно е загрижувањето кога политичари тужат новинари за клевета, но исто така и кога тужат други политички фигури, наместо да ги решат меѓусебните разлики/несогласувања низ други средства како јавна дебата.Судовите со обвинувањата за клевета треба да се носат на балансиран начин, независен од можни политички импликации за партикуларен случај. Судовите треба да развијат чиста и силна практика за заштона на слободата на изразувањето во поглед на обвинувањата за клевета. Посредството и саморегулацијата треба да игра важна улога во редуцирањето на високиот број на случаи во судовите.

Тужбите се едно од најсилните средства за замолчување не само на новинарите туку и на целата критичка јавност.На удар се многу јавни личности кои политичарите на власт ги прозиваа и ги дискредитираа обидувајќи се да ја задушат слободата на изразувањето. Не се поштедени ниту уметниците и сите интелектуалци. Архитектот Филип Јовановски во Попладне на Алсат раскажува како од уметник станал активист соочен со затворени врати на институциите.

Слободата за уметничко изразување е сериозно загрозена.Слободната независна уметност која треба да биде критична кон општеството е сериозно загрозена и тпа не тера да измислуваме разни механизми, Тоа премина во култура на протест. Се што создаваме последните години е некаков протест. Не сме во комотна позиција да создаваме изолирана уметност.Кога има киднапирани институции и јавни буџети, тешко е да имате продукти кои ќе едуцираат, ќе бидат слобода на говор. Одиме во активизам, вели Филип Јовановски.

Тој објаснува дека уметниците се здружуваат со сите граѓани во овој случај. Како пример го наведува културно уметничкиот центар  “КУЦ текстил“ кој го формирале во Штип заедно со граѓанските здруженија. Овој центар е простор каде што се собираат текстилните работници и зборуваат за нивните права. “Ја користиме културата дададе видливост на општествените проблеми“, вели Јовановски. Тој додава и дека ќе мора да се работи и на ослободување од стравот кај граѓаните и создавање на  критичка свест и граѓанска опозиција, а не само политичка против секоја идна власт.

 

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ Истражувачи во акција”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство - чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

 

 

 

AddThis Social Bookmark Button