Како да се ослободи судството

 

       Последното распоредување на судии во Основниот суд во Скопје при што искусни судии со повеќедецениска  судска пракса беа распоредени на многу пониски позиции, за судската фела и за правниците е само уште еден показател за политичкото влијание и притисоците врз судството. Тоа продолжи  иако неколку судии кои претходно беа разрешувани или на неправеден начин  распоредувани ја побараа правдата и во Европскиот Суд за човекови права.

Македонското досие во Судот во Стразбур покажува дека проблемите на судството во врска со независноста во повеќето случаи се поврзани со неподготвеноста на конкретните судии да се соочат со различните форми на влијанија. Од досега завршените седум предмети, во два случаи е проблем наметнувањето на извршната над судската власт, а во пет случаи пристрасноста на судиите“, пишува поранешниот судија во овој Суд, Мирјана Лазарова Трајковска за Республика.

Судиите Митриновски, како и Попоски и Дума го покренаа прашањето на независноста и непристрасноста на Судскиот совет кој одлучувал во врска со нивното разрешување како судии. И во двата случаи утврдена е повреда на принципот на правично судење поради учество на судии кои биле вклучени во претходните постапки. Воден од истите принципи и во случајот на Јакшовски и Трифуновски, Судот утврди повреда бидејќи членови на Судскиот совет коишто ја повеле постапка за разрешување на двајцата судии подоцна учествувале во одлуката на Судскиот совет за нивно разрешување.

 

Крај на “сваровски судството“

 

Адвокатот Александар Наков, во емисијата Попладне на Алсат, изјави дека мора да се стави крај на судството зависно од политиката, што погрдно се нарекува “сваровски„ судство. Тој е и поранешен обвинител и критичната ситуација ја објаснува  со податокот дека “во јавното обвинителство има драстичен пад на предмети иако во државата имаме зголемување на криминалот во секој поглед, а особено од страна на носители на високи функции“.

Според Наков она што е неопходно во државата е судиите да се ослободат од притисоците и да се охрабрат да ја делат правдата. Тој ги споменува и случаите “Монструм“ и „Сопот„ во кои, според него, е направена неправда и беа причина за меѓуетнички тензии.

“Како поборник на правдата, очекував да слушнеме нешто во бомбите за овие предмети. Но тоа не може никој да го скрие. Тврдам дека луѓето се неправедно во затвор, како Монструм, Сопот, вистината ќе излезена виделина. Но за тоа ни требаат смели и одмерени судии. “, вели Наков.

Судијата Маргарита Цаца Николовска, која беше прв судија од Македонија во Судот во Стразбур, вели дека овие случаи се` уште не можат да се најдат во овој Суд. “Со одредени предмети, генерално кажано, кои не се завршени пред националните судови во суштина не може да се аплицира пред Европскиот  Суд за човекови права во Стразбур од причина што не може да се претпостави која е интервенцијата на државата во тоа одредено право. Немаме правосилна пресуд. Тоа би биле само одредени шпекулации и странката не може да го презентира проблемот  што евентуално настанал со носење на таквата пресуда. Има одредени ситуации кога може да се аплицира и пред завршување на постапката, но тоа се многу ретки случаи. Тоа е кога се работи за неразумно постапување, долготрајната постапка, постапките околу притворите исто така не претпоставува конечна правосилна пресуда. Но, треба да бидат исцрпени сите правни средства и како интервенирала државата.“ објаснува Цаца Николовска.

 

 

 

Интегритет и независност од политиката и внатре во судството

 

     И покрај бројните критики, судството во Република Македонија остана главно пасивно и остави простор јавната слика да се гради на негативни примери.

Судијата Лазарова Трајковска смета дека надминувањето на овие проблеми претпоставува институционална и лична независност. 

Во исто време, судската независност налага судиите да бидат слободни не само од влијанијата од надвор, туку и во самото судство. Независноста внатре во судството претпоставува слобода од директиви и притисоци од колеги- судии или vis-à-vis претпоставените во судството, но и егзистенцијална сигурност и независност“, вели таа.

Адвокатот Драган Малиновски во својот блог на оваа тема во Республика, пишува дека “размислувањата во правец на креирање на поинаков концепт на судски систем се илузорни, бидејќи парламентарните демократии не познаваат суштествено различни модели од нашиот, ниту пак причините за нашите проблеми треба да се бараат во уставната и законската поставеност на судството. Според тоа, подобрување на состојбите мора, и може да се очекува единствено преку реализирање на редица мерки на заздравување на оваа сфера“. Според Малиновски, најнапред  потребно е постигнување на широк политички консензус за ослободување на институциите и судството од жестокото партиско влијание. Потоа, зајакнување на позицијата на Судскиот совет, преку избор на докажани професионалци со силен личен интегритет, особено на тие кои се предлагаат од Собранието и од Претседателот на државата. Исто така тој се залага и за укинувањето на Советот за утврдување на факти и покренување одговорност на судии што би преставувало чекор во насока на намалување на притисокот врз судството.

 

 

Комплетен реизбор на судии?

   

     “Излезот е еден – мора да се оди кон реизбор на судии и јавни обвинители за да има резултати. Меѓу нив има и чесни луѓе, добро обучени, но мора да се охрабрат да седнат без страв и да ја делат правдата како налага Уставот и законите за што дале заклетва“, вели адвокатот Александар Наков во интервјуто за Попладне на Алсат.

Политичката контрола врз судството е најголемиот проблем, што е потенцирано и во Извештајот на Прибе во кој се наведени итните реформски приоритети, во кои судските реформи се клучни. Во студијата што ја подготви Истражувачки тим на Центарот за југоисточно европски судии во Грац во рамки на проектот на Институтот за европска политика се наведува дека “веројатно статус квото ќе се одржи ако остане истиот состав во Советите и во владата. Политички опструкции, заради недостаток на политичка волја, ќе претставуваат најголеми ризици. Многу е веројатно дека една неодговорна влада ќе сака да го има судството во субординирана позиција. Постои ризик околу тоа како да се постигне консензус и да се изгради политичка волја да се подобри судската независност. Има ризик во однос на тоа ако реформските критериуми не се доволно јасни или не се имплементираат подеднакво за сите засегнати . Недостатокот на волја да се имплементираат реформите е уште еден ризик. Некои од реформите ќе бидат болни, на пример, ако се направат индивидуални оценувања на работата на судиите и обвинителите, а посебно оние од политички сензитивните случаи. Ова може дополнително да ја намали довербата во судството и да ја еродира хиерархиската субординираност. Дополнителен ризик е недостатокот на капацитети и ресурси за да се поддржат реформите. Позитивни промени може да се направат ако постои повисока политичка волја и ако се подобри интегритетот на Советите. Од огромна важност е да се зголеми независноста на Судските институции. Понатаму, потребни се заштити и инструменти кои ќе го зајакнат интегритетот на судиите и обвинителите. На пример, треба да има правило дека судиите и обвинителите прифаќаат само писмени инструкции од своите претпоставени, треба да има повеќе тренинг за интегритет и етика, и треба да се воведат “меки инструменти„ . Од најголема важност е да се зголеми транспарентноста на судството, и да се прифати поддршката од заинтересираната јавност во однос на зајакнување на интегритетот на судиите и на обвинителите“ наведуваат експертите. Студијата анализира како да се воспостави судска контрола врз извршната власт, наместо обратното- власта да го контролира судството.

Засега, декларативно постои политичка волја за реформи, па дури и се најавува комплетен реизбор на судии, но тоа не е едноставен процес иако има таков пример кај некои европски држави. Главен тест за судската независност ќе бидат евентуалните случаи кога ќе се демонстрира судска контрола врз Владата.

 

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ Истражувачи во акција”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство - чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

 

 

 

AddThis Social Bookmark Button