Буџетите и јавните набавки – најголеми тајни на локалните власти

 

                Општините и натаму не ги објавуваат  буџетите и јавните набавки или тоа го прават само делумно, само она што мораат. Тоа е најчесто недоволно или неразбирливо за граѓаните. А токму како се трошат нивните пари и најмногу ги интересира граѓаните во секоја општина во Македонија. Неколку невладини организации ја следат транспарентноста на општините изминатите пет години, но речиси нема никаков напредок. Иако стигнуваат некакви информации, но буџетот у натаму е табу, а за другите информации или услуги, граѓаните мораат да одат по патот на пристап до информации од јавен карактер и тоа во писмена форма. Одамна постои принципот на отворени податоци, особено во европските земји каде што буквално за секаква информација, од тоа колку пари се собрани од данок на имот па се до велосипедски патеки или избор на  храна  во градинките, може да се најде на веб- страницата на секоја општина.

       Од вкупно 80 општини и градот Скопје,  пет  воопшто немаат веб страници-  Арачиново, Вевчани , Липково, Старо Нагоричане и Чучер Сандево. Според истражувањето на невладината Центар за управување со промени најтранспаретна е општина Битола со 44, 47 отсто отвореност со информации за граѓаните , потоа е Струмица 45,51, па Штип 42 отсто. Град Скопје има  30,77, а од поголемите општини најмалку транспарентни се Куманово и Струга. Околу 20-тина помали општини иако имаат веб- страници, на нив речиси и нема ниту основни информации, ниту податоци за контакт со локалните власти.

 

 

88 отсто од општините не објавуваат финансиски извештаи

           Она што најмногу загрижува е што половина од општините не го објавуваат усвоениот буџет и завршната сметка, а 72 отсто ниту предлог буџетот, покажало истражувањето на ЦУП. Според него, 88 проценти воопшто не ги објавуваат финансиските извештаи. Слични податоци има и Центарот за економски анализи кој неколку години го следи објавувањето на буџетите во општините, но нема напредок во објавување на трошењето на јавните пари на локално ниво.

Концептот на отворени податоци не подразбира граѓаните да бараат податоци, а потоа општината или друга администрација да им ги обезбеди, туку напротив, државните органи се задолжени тие отворени податоци да ги објавуваат. Како на пример финансиските извештаи. Ако не ги објавуваат значи имаат нешто што не сакаат да биде транспарентно. Можеби нема да ги има сите детали, но таа отчетност во нивното владеење мора да постои. Инаку, администрацијата секогаш ќе се поврзува  со корупција“, вели Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени во емисијата Попладне на Алсат.

 

      Урбаните општини и Градот Скопје имаат технички издржани веб-страници кои редовно се ажурираат во обид  да обезбедат јавност во работењето и комуникацијата со граѓаните. Сепак, начинот на нивното објавување е фрагментиран, што значи делумна транспарентност, но минимална отчетност.

Исто така граѓаните не можат да ги разберат финансиските извештаи на општините подготвени по сметководствени стандарди, и потребно е општините да објавуваат граѓански буџети каде може да се утврди по области како се трошат нивните пари. Граѓаните сакаат да знаат каде се трошат парите кои општината ги инкасира од казни или, пак, од различни услуги како што е паркингот. Тие треба да знаат колкави се платите на градоначалникот, советниците и на администрацијата во локалните самоуправи бидејќи станува збор за јавен податок.

 

“Ако видите во истражувањето кој е примарен интерес на граѓаните, ќе забележите дека на прво место ги ставаат финансиите, односно на кој начин се трошат парите и во кои приоритетни области финансира општината, вели директорката на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмаровска.  

 

 

Општините ги кријат загадувачите    

       Во истражувањето граѓаните кажуваат и какви информации сакаат да имаат на веб страниците на своите општини. Образованието е втората најприоритетна област. Тие би сакале да знаат кои се училиштата и градинките кои постојат на нивната територија, какви програми тие нудат, каков е успехот во училиштата. Тоа за граѓаните е многу важен податок за да можат да ги запишат своите деца, да направат избор за школувањето. Би сакале да имаат податоци во делот на животната средина. Особено ги интересира загаденоста на воздухот. Но, во истражувањето е констатирано дека ниту една општина не објавува вакви резултати за загадувањата или загадувачите.

“Веќе не е доволно единиците на локалната самопуправа да ги имаат само оние стари облици на комуникација со граѓаните, односно граѓаните да одат на нивните шалтери и да ги бараат податоците, туку е исклучително важно сега во овие моменти да проактивно самите локални самоуправи да ги објавуваат податоците преку нивните веб страници, така што податоците да бидат достапни во секој момент“, вели директорката на Центарот за управување со промени.

           Во делот на услугите имаат потреба да се информираат за тоа како да извадат дозволи, меѓутоа она што недостасува на веб страниците на општините во најголема мера се упатства, формулари, обрасци, како полесно да стигнат до тие услуги, вели Сачмароска. Покрај тоа, граѓаните сметаат дека седниците на локалните совети треба да бидат јавни, односно пренесувани во живо, а особено при носењето на урбанистичките планови, додека општините ги објавуваат само донесените планови, но не и кога се предлагаат за да може да се отвори јавна расправа.    

        Она што градоначалниците и локалната самоуправа немаат предвид е дека со својата транспарентност можат да имаат голема корист, за развој на општините.

“Овој концепт нема за цел само да ја подобри транспарентноста, туку и да придонесе за подобрување на економскиот развој на општината. Значи, ако имате како граѓанин или како бизнис заедница податоци и информации за тоа што се произведува, каква е работната сила во таа општина или регион, кој е примарен интерес, каде општината најмногу инвестира, кои земјоделски гранки ги развива, вие како бизнис заедница може да инвестирате во тие области и на тој начин да се подобри економскиот потенцијал на општината“, вели Малеска Сачмароска.

        Со оглед дека годинава треба да се одржат нови локални избори за градоначалници и советници, невладините организации сугерираат дека кандидатите можеби треба наместо политички пароли и фрази повеќе внимание да посветат на потребите на граѓаните. Транспарентноста и отчетноста на локалната власт, според нивните истражувања, е примарно очекување на нивните гласачи.

 

 

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ Истражувачи во акција”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство - чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

 

AddThis Social Bookmark Button